verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Во Основниот суд само 10,5% Албанци

on 17 - 10 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

АЛСАТ М Во Основниот суд само Албанци crop resize

Пример за дневно информирање кое целосно е ставено во служба на политиката на одредена политичка опција или заедница, каде што авторот си „игра“ со бројките така како што му одговара. Не е прецизен ниту насловот, кој говори за 10,5 проценти на вработени во Основниот суд, а во текстот се објаснува дека станува збор за процент кој е во сите основни судови на ниво на целата територија на Република Македонија.

Авторот не прави дистинкција дали поединечната вработеност на Албанците во судовите и обвинителствата одговара или не одговара со бројот на вработени во местата каде што одредена етничка заедница е доминантна. Па така, во текстот нема податоци за застапеноста на Албанците во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево или Струга, но затоа се извлекува заклучок за низок процент од само 10,5 % на ниво на целата држава.

Во текстот се дава заклучок дека подобра е застапеноста на вработените Албанци во Апелацискиот суд во Гостивар, каде што „само“ 47 проценти од вработените се Албанци. Ваквото дотерување на текстот со објаснувањата „малку подобро“ и „само“ му даваат етнички предзнак на информирањето, кое за да биде сеопфатно требало да ни понуди и информација, ако „само“ 47 проценти од вработените во Гостивар се Албанци, колкав е процентот на Македонците и другите етнички заедници кои живеат во тој град, а се вработени во судот.

Во овој прилог акцентот е ставен само на Албанците во правосудните органи, но оперирање со бројки од одредени судови и неистакнување на бројките од западниот дел на Македонија даваат комплетно поинаква слика од тоа што е фактички на терен и го доведуваат гледачот и читателот во заблуда. На пример, во Основниот суд во Тетово, 62 проценти од вработените се Албанци, а останатите 38 проценти отпаѓаат на Македонци, Турци, и Срби. Од 29 судии во овој суд, 11 судии се Албанци, еден се изјаснил како „муслиман“ , а 17 како Македонци. Во текстот се користи изјавaта на министерот за правда, кој тврди дека во обвинителствата се тргнало од нула, што, исто така, може да се оспорува ако се погледнат статистиките на вработени или именувани лица во нив.

На крајот се „признава“ дека нема интерес кај Албанците за именување на извршители, па од 97 лица на оваа функција само еден е Албанец. Бидејќи и судиите и обвинителите се избираат на функцијата откако ќе ја завршат неопходната обука на Академијата за судии и јавни обвинители, за која немаше интерес на последните 5 распишани избори, на авторот треба да му биде познато дека нема механизам наскоро да се зголеми процентот кај судиите и обвинителите, бидејќи едноставно нема заинтересирани кадри со неопходната стручна едукација.    

АЛСАТ М на Македонски јазик   Во Основниот суд само 10 5  АлбанциЛинк до оригиналниот напис: Во Основниот суд само 10,5% Албанци

Датум и време на објавување: 11.10.2013

Датум на рецензирање: 17.10.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Податоците се вистинити, но во контекстот во кој се ставени ја губат смислата и добиваат поинаков призвук и можат различно да се читаат и толкуваат. По примерот дали чашата е полупразна или полна до половина, секој може различно да ја гледа вистинитоста, што не е целта на медиумот, кој треба да информира, а информациите да бидат прецизни, јасни и точни и да не создаваат простор за сомневање и потреба за нивна дополнителна проверка.

Извори на информации: Во прилогот се користи официјален извор, Министерството за правда, и изјава на министерот за правда, но селективноста во прикажувањето на бројките што ја прави авторот го прават текстот пристрасен, а изворот нереспектабилен и наменски употребен.   

Содржајност: Текстот е делумно содржаен, а содржината прилагодлива кон конзументот на кој му се нуди информацијата. Во ниту една реченица не се дава комплетна слика за вистинската застапеност на Албанците во сите судови, ниту пак позициите на кои тие се наоѓаат. Во текстот отсуствуваат податоци кои барем во еден сегмент би се однесувале и на другите етнички заедници кои живеат во Македонија за да се види дали зголемувањето на бројот на вработувања на Албанците е соодветен на движењето на вработување на Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и други заедници кои живеат во Македонија во овие институции.

Пристрасност: Веднаш се забележува пристрасноста која оди во насока на информирање на одредена етничка групација со ветување дека „ќе продолжи позитивниот тренд на вработување“, што се припишува како успех на соодветниот министер и функционер, а што во пракса не е така, бидејќи именувањето на функционерите во судството не зависи од желбата и моќта на министерот, туку од кандидатите кои мора да имаат задолжително завршено Академија и да се пријават на огласите, бидејќи тоа се функции на кои кандидатите се избираат, а не се именуваат.  

Коментирање: Шминкањето на текстот со „само“ и „малку подобро“  употребен уште во насловот и му дава коментаторски елементи, кои апсолутно не се потребни. Презентирањето на бројките треба да биде доволно за читателот или гледачот сам да заклучи дали процентот за кој се говори е малку или многу подобар и дали тоа е доволно или не.

Квалитет на насловот: Слаб, не информира, туку дезинформира, бидеќи во насловот се тврди за процент во Основен суд, а се мисли за вкупниот процент во сите основни судови во земјава.

Фотографија: Употребена е фотографија од соговорникот, во конкретниов случај министерот за правда, која одговара на контекстот за кој говори тв прилогот.

Заклучок: Темата за застапеноста на етничките заедници во државните органи е актуелна од 2001 година па наваму, по потпишување на Охридскиот рамковен договор и усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија. Никој не ја спори потребата за правична и соодветна застапеност на сите етнички заедници, но кога се информира за овие теми од медиуми кои известуваат на јазикот на кој го говори одредена етничка заедница, тие мора да внимаваат дека треба да им понудат точна информација, неоптоварена од сензационализам, со факти кои информираат, бидејќи дел од населението најчесто е само нивен конзумент . Затоа, секоја непрецизност може да има други последици кои нема да одат кон интеграција, туку кон дезинтеграција во системот.

Овој наслов кој тврди дека има само над 10 проценти Албанци во правосудните органи, алудира дека треба да се постигне бројот од над 20 проценти според последните информации од пописот пред една деценија. Но, дали навистина во местата каде што живее доминантно албанско население има доволно кандидати стручно оспособени и заинтересирани за вработување во тие институции? Секако дека не, што покажуваат примерите од Тетово или Гостивар, а кои во овој прилог се премолчуваат. Овие теми сѐ уште се чувствителни за медиумите да си „играат“ со нив.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести