Рецензија: Владата не потклекна – Макстил затвори, Југохром го преполови производството
Објавено во Рецензии
on 5 - 11 - 2014 Автор: Оливера ВојновскаПрилогот со спинерски наслов „Владата не потклекна – Макстил затвори, Југохром го преполови производството“, е типичен пример за манипулативна медиумска содржина, во која преку целосно извртување на тезите се воздигнува Владата. Начинот на кој е изработен и пласиран овој новинарски производ укажува на тоа дека немал намера да пренесе во јавноста објективна и точна информација.
Линк до оригиналниот напис: Владата не потклекна – Макстил затвори, Југохром го преполови производството
Датум и време на објавување: 01.11.2014, 18:08:17
Датум на рецензирање: 03.11.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ФРЧАТ ФАЛБИ
Материјалот се потпира на заедничката прес-конференција на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, и на министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, но поентите се претставени на манипулативен начин. Така, на самиот почеток се вели: „Макстил стави крај на производството, а Југохром го преполови“, и веднаш потоа, во втората реченица (истата е извлечена и во поднасловот), фрчат фалби на адреса на власта:
Владата одлучи да воведе еколошки ред. Не потклекна на социјалните и економските аргументи за да го заштити здравјето на граѓаните.
Ова изгледа смешно во ситуација кога е познато дека двата големи загадувачи со години се толрерирани од властите.
Од друга страна, „Макстил“ не стави крај на производството, туку привремено затвори дел од производството – погонот „Челичарница“. Додека работата во погонот „Валавница“, односно испораката на лимови и задоволувањето на обврските кон купувачите ќе продолжи непречено.
Обидот, пак, одлуката на „Макстил“ привремено да ја прекине работата во „Челичарница“ (по истекот на рокот за воведување еколошки стандарди, 31 октомври 2014 година), во јавноста да се прикаже како решителност на Владата, наликува на чиста манипулација.
ХЕРОЈСКИ ПОТЕГ!
А никако не може да се третира како маестрален – херојски потег на Владата ниту тоа што „Југохром“ доби нов дополнителен рок за воведување еколошки филтри. Особено зашто само пред две недели, ресорниот министер упати јавни критики до комбинатот од Јегуновце, бидејќи воопшто не почнал со постапката за поставување еколошки филтри. Притоа, тој ги повика одговорните од „Југохром“ „да бидат солидарни и сами да ја затворат фабриката, во спротивно ќе мора Министерството да постапи според Законот“.
Но, и покрај ваквите предупредувачки пораки од Владата, фактите говорат дека таа му дозволи на најголемиот загадувач на воздухот во Тетово, уште две години со 50 отсто од капацитетот да ги загрозува тетовчани. Токму поради тоа, граѓанското движење „Еко-герила“ најави дека ќе ја оспори споменатата владина одлука пред Уставниот суд.
ГРИЖЛИВА ВЛАСТ
Интересно е што прилогот, истовремено, ја претставува Владата и како непоколеблива во решеноста да ја заштити животната средина на тетовчани и како грижлива кон вработените од „Југохром“. Па, во тој дух, авторот констатира:
Владата водеше сметка и за работниците.
На овој начин е постигнат договор работниците да работат, а загадувањето да е намалено.
Намерата да се истакне улогата и ангажманот на Владата е видлива и во изборот на тонските парчиња од изјавите на двајцата министри.
И во двете компании не очекуваме да дојде до значително намалуавање на бројот на вработени во овој период. И двете компаниии очекуваме да продолжат со активности и да ги завршат сите работи што ги имаат почнато и едноставно да продолжат со нормална работа. Владата, исто како и досега, ќе продолжи да инсистира на исполнување на еколошките стандарди. (Владимир Пешевски)
Со ваквата Одлука на Владата за „Југохром“, земени се предвид нашите укажувања од еколошки аспект, како и социјалните и економските аспекти. (Нурхан Изаири)
Така, во овој исклучително пристрасен текст, каде потфрлиле професионалните новинарски стандарди, величењето на власта е направено толку многу нагласено, што неутралниот гледач се чувствува непријатно поради туѓиот срам!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
извртени
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови