verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Виде ли Љубчо во Пендаровски сојузник за менување на името?

on 18 - 03 - 2014       

ljubco-stevo-0987-009988-crop-resize

Овде ни се нуди ново навраќање или реинтерпретација на прашањето за името во агендата на опозицијата, секако и неслучајно тема која упорно се начнува токму во пресрет на двојните избори во земјава. Меѓутоа, на целиот пакет му е дадена една строго дефинирана партиска нитка, која повторно, по којзнае кој пат, сака да го постигне ефектот на „предавничко-заговорничка збирштина“ од другата страна на политичкиот спектар. Во текстот никаде и со ништо не се аргументирани таквите тези и конструкции, а за сметка на тоа се забележува силно присуство на новинарски „миридуи“, меѓу кои доминираат шпекулациите „преоблечени“ во прашални форми.

ljubco stevoЛинк до оригиналниот напис: Виде ли Љубчо во Пендаровски сојузник за менување на името?

Датум и време на објавување: 13.03.2014, 15:38

Датум на рецензирање:  16.03.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

 

ПРОМАШЕНА РАВЕНКА СО „ДВЕ ПОЗНАТИ“

Написот има сериозни проблеми со вистинитоста, бидејќи тезите кои ги пласира не ги гради врз аргументи и цврсти факти. Направена е една равенка со „две познати“, во овој случај едната е екс-премиер, а другата е актуелниот опозициски кандидат за шеф на државата, која треба да даде резултат „погубен за името“. Но, слабо е направена математиката во овој случај. Во изминатиот период веќе рецензиравме текст, кој на кандидатот на опозицијата му натури дека сакал „да го решава спорот за името далеку од очите од јавноста,“ извртувајќи ја неговата изјава дадена пред неколку месеци:

„Мислам дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, но, при тоа, да го сочуваме народот затоа што тоа е апсолутен приоритет број еден – вели Пендаровски во интервју дадено за Прес24 во декември, лани“.

На тоа се „накалемува“ политичката поддршка од поранешниот премиер, кој, според текстов, „важел за политичар кој смета дека треба да се смени името“ без притоа да се наведе некаков аргумент, и ете ја, според некој, равенката која покажува што опозицијата „готви“ за ова чувствително прашање. Но, во суштина станува збор за многу лошо поставена конструкција, која се базира на низа шпекулации кои имаат за цел, пред изборите,  да ја ослабнат едната, а да ја засилат позицијата на другата страна во очите на јавноста. Каде се вистинските факти за тоа тврдење да биде издржано? Едноставно, ги нема, бидејќи изјавите извадени од контекст и самоволните, „во прашална форма“, нагаѓања кои ни се нудат како некакви извори на информации апсолутно не се кредибилни.

 

„БЛИКА“ ПОЛИТИЧКА ПРИСТРАСНОСТ

Таквиот „комплот“ од друга страна, пак, сосема очекувано, не може да се пофали со некаква си содржајност. Ако веќе се сакало да се анализира, врз основа на изјави на двајца политичари, требало освен нудење РЕАЛЕН пристап кон ситуацијата и дополнителни извори, соговорници, еве да речеме и експерти, па можеби тогаш би се добило некаков си покоректен прозивод. Вака, имаме текст од кој едноставно „блика“ пристрасност, нормално политички ориентирана, која во ниту еден момент не се прикрива. Во таа насока „поддршка“ даваат и неколкуте коментаторски „проблесоци“, „наивно“ спакувани во прашања, кои го зајакнуваат впечатокот на силно обоен партиски напис.

„Но, дали зад одлуката да гласа за кандидатот на СДСМ можеби се крие фактот дека Георгиевски виде свој сојузник околу прашањето за името? Георгиевски важи за политичар со став дека Македонија треба да го промени своето име. Од друга страна пак, Пендаровски е со став дека името треба да се решава далеку од очите на јавноста“.

 

„Можеби одлуката на Георгиевски да гласа за Пендаровски е токму поради овие ставови на претседателскиот кандидат на СДСМ, односно гледа свој сојузник во напорите за менување на уставното име на Република Македонија“.

 

БЕЗИМЕН ТЕКСТ СО „ШУМ ВО СООПШТУВАЊЕТО“

Текстот е безимен, но, сепак, не би рекол дека нема некаква авторска нишка. Особено што истиот портал неколку дена претходно објави сличен напис во кој, пак, се „анализираше“ како опозицискиот кандидат за претседател на Македонија „милува да го крои името без народот“. Затоа, можеби треба да прашаме да не станува збор за „вест во низа“?! Не, бидејќи за вест во низа неопходна е информација, а овде ја немаме, а, затоа, пак, имаме „видовитост“ која, на пример, е пласирана во насловот:

„Виде ли Љубчо во Пендаровски сојузник за менување на името?“

А, зошто директно не се прашал Љубчо што мисли, наместо да се нагаѓа. Само еден телефонски разговор и дилемата би била расчистена.

Душан Ѓуриќ во „Новинарската енцикопедија“ објаснува што е „шум во соопштувањето“, чии елементи лесно може да се распознаат и во овој текст.

„Шумот во соопштувањето е исклучиво новинарска грешка со која се отежнува или оневозможува утврдувањето на вистината…..  Шум е и неразбирлив новинарски текст, јазик полн со фрази, дури и со поедини зборови кои со зачестената употреба – злоупотреба, го свртуваат вниманието на јавноста од пораката која се изразува…“


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни, нерелевантни

2 извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

најверојатно е оригинал

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести