verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Тривијалности наместо информации

on 25 - 06 - 2015       

FireShot-Capture-ALFA-TV-crop-resize

 

[Рецензија: Авганистанци и Пакистанци против Сирици – Македонија терен за пресметка меѓу групи мигранти]

 

Сериозната состојба со приливот на мигрантите на македонска територија и заканата оваа состојба да прерасне во хуманитарна криза во земјава беше извор за изобилство теми и информации за домашните медиуми, но и добра можност да се покаже кој од медиумите колку знае и умее да следи, известува, истражува и да пласира содржини кои се однесуваат на една вака комплексна тема, со речиси секојдневен развој на настани и со промена на околности. Предмет на оваа рецензија е телевизиски прилог со текст пласиран на веб-страницата на една од националните телевизии, кој не успеа целосно да одговори на поставената задача – објективно, непристрасно, целосно и континуирано следење на состојбата со мигрантите од Блискиот Исток и нивните маки и проблеми.

Навидум, oвој ТВ-прилог ги има потребните елементи: новинарот известува од местото на настанот, обезбедени се и соодветни снимки, има соговорници од мигрантите, има, додуша, само неофицијални информации од анонимни извори од надлежните. Сепак, тој има и сериозен недостаток: без оглед што се работи за тежок, поточно растечки хуманитарен проблем (илјадници изгладнети, дехидрирани, измачени семејства и индивидуи оставени на милост и немилост среде Македонија), со правна димензија (тогаш сè уште важечкиот закон со кој нивниот транзит низ земјава е нелегален и не им беше дозволено користење јавен превоз), но и една универзална човечка димензија (хуманоста на македонските граѓани, кои со свој труд се обидуваат да го надоместат она што државата не го прави за овие луѓе), овој ТВ-прилог мигантскиот бран во Македонија го третира површно и со силен негативен набој насочен кон луѓето кои не го заслужиле тоа.

Рецензија: Авганистанци и Пакистанци против Сирици - Македонија терен за пресметка меѓу групи мигрантиЛинк до оригиналниот напис: Авганистанци и Пакистанци против Сирици – Македонија терен за пресметка меѓу групи мигранти

Датум и време на објавување:19.06.2015 18:27:50

Датум на рецензирање: 23.06.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Гледачот може да го заклучи следново: во Македонија се влезени опасни, агресивни криминалци од блискоисточните земји, насекаде почна да се зборува арапски, па дури и повеќе од македонски, тие опасни луѓе со прачки и со друго оружје тепаат сè живо во обид да се качат на воз во Демир Капија (?!?) и заради нив во овој град постојано се шири нехигиена и насекаде се слушаат врискотници.

„Мигрантите се жалат дека не им се дозволува да се качат на воз за Србија, локалните жители се жалат на ѓубрето. Вработените на бензинските пумпи пак се жалат дека овие лица буквално ги запоседнуваат пумпите, па странските туристи веќе не застануваат.“

Освен изјави на двајца мигранти, кои потврдуваат дека се малтретирани, тука завршува секаква понатамошна опсервација на проблемот. Ниту се спомнува причината зошто овие луѓе воопшто останале на железничката станица во Демир Капија и така очајнички се обидуваат да се качат на воз, ниту се согледува дека државата е комплетно глува и слепа на приливот на мигранти и не го решава проблемот (хуманитарна и здравствена помош, создавање услови за нивно безбедно и контролирано транзитирање низ Македонија).

Прилогот навистина се темели на факти – постоењето на вооружени групи на територијата на Македонија, кои малтретираат, па и киднапираат мигранти е реалност, за тоа известуваат и странските медиуми, а поврзано со ова беше и полициската акција во село Ваксинце. Сепак, во прилогот фактите се прикажани селективно и поради тоа тие фрлаат поинаква сенка врз настаните, а гледачите и читателите со тоа се несоодветно информирани. Проблемот со мигрантите од Блискиот Исток не е што тие предизвикале активност на вооружени групи, тоа е нус-појава со која мораат да се занимаваат органите на прогонот на Република Македонија, туку што нивната бројка, поради низа околности, енормно се зголемила, а нивното транзитирање низ земјава се одвива под исклучително отежнувачки околности. Ваков приод во прилогот, едноставно, не постои.

Што се однесува до изворите на информациите, се стекнува впечаток дека не е вложен голем напор да се обезбедат квалитетни информации од прва рака, ниту, пак, добиените информации се презентирани на објективен начин. Прилогот се потпира на две изјави на мигранти, кои доста зборуваат за тоа кои се проблемите со кои се соочуваат, а новинарскиот коментар едноставно се задржува на тривијални детали.

„И вработените во железница кои не сакаат да зборуваат пред камера ни потврдија дека во околните шуми се кријат голем број претежно Авганистанци. Некои од нив биле многу агресивни во намерата да се качат на воз. Кога ќе го забележеле дека доаѓа, со стапови и шипки буквално се нафрлале, по што интервенира полицијата, а имало и размени на удари.“

Па, сега, дали Авганистанците ги тепале Сиријците за да ги ограбат, како што вели и едниот соговорник, или за да се качат на воз?

Несеопфатноста е главниот проблем на ова новинарско сочинение. Поради тоа и оцената дека тоа прикрива информации, воопшто не е претерана. Додека тоа се занимава со расфрланите отпадоци покрај пругата во Демир Капија, во реалноста стотици мажи, жени и деца од Сирија, Авганистан, Судан секојдневно, честопати на работ на силите, изгладнети, повредени, ограбени, се движат низ пределите на Македонија и само хуманоста на волонтерите и нивната грижа и ангажман им ги ублажуваа маките. Да не се спомене тоа во прилог за мигрантите е сериозен професионален пропуст.

Се наметнува дилема: дали одговорноста на македонските власти за лошото справување со мигрантската криза, која е евидентна, случајно е изоставена во овој ТВ-прилог или се работи за израз на пристрасност? Доколку се отфрли можноста новинарот да не знаел како да ја одработи оваа задача, останува само втората опција, а тоа е дека мотивот е политичка пристрасност на медиумот.

Ако се суди според она што овој прилог го донесува, Македонија е одненадеж преплавена од толпа луѓе што зборуваат арапски, со ништо непредизвикани, седат по железничките станици и расфрлаат отпадоци, во толкава мера што ни странските туристи на поминување не сакаат да застануваат на нашите бензиски пумпи. Ваков необјективен и едностран пристап на темата со мигрантите од Блискиот Исток ја дезинформира јавноста, која и онака нема многу информации за тоа што навистина се случува со бегалците од воените жаришта и зошто тие решиле токму сега и тука да транзитираат кон Северна и Западна Европа. Не е потребна некоја посебна елаборација за да стане јасно колку ваквиот приод е непрофесионален, некоректен, а мора да се каже и нехуман.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, анонимни

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

национална дискриминација,

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести