Исклучително необјективен и манипулативен текст
Објавено во Рецензии
on 6 - 07 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Тито Петковски удри по СДСМ: Заев го губи кредибилитетот]
Станува збор за исклучително необјективен и манипулативен текст чија идеја е да креира слика дека опозицијата се соочува со внатрешни конфликти и со недоразбирања. Во пакет со приказната дека „зоврива атмосферата на Бихаќка“ , неизбежно се споменува и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, а се прозиваат и медиумите „под контрола на опозицијата и платени од СОРОС“!
Линк до оригиналниот напис: Тито Петковски удри по СДСМ: Заев го губи кредибилитетот
Датум и време на објавување: 01.07.2015, 12:37
Датум на рецензирање: 01.07.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ТЕНДЕНЦИОЗНОСТ
Тенденциозноста на написот се гледа во самиот наслов. Тој прозвучува како претседателот на НСДП, Тито Петковски, да дал изјава во која жестоко ги критикува најголемата опозициска партија и нејзиниот лидер.
Но, всушност, се работи за пренесена изјава на Петковски, дадена за друг медиум, во која тој ја коментира објавата на една телевизија дека „Груевски и Заев имале тајна средба, на која се разгледувал предлогот преодната влада со вклучување на СДСМ и супервизорите во некои клучни министерства, да почне со работа во ноември, а мандатот на премиерот Никола Груевски да престане во јануари 2016 година“. Во изјавата, Петковски се оградува дека, сепак, нема потврда за евентуална тајна средба.
Написот што го рецензираме точно пренесува фрагмент од коментарот на Петковски:
„Дефинитивно Заев го губи кредибилитетот на тие евентуални средби (тајни средби со Груевски)…“
Но, потоа намерно го игнорира вториот дел од реченицата – оградата „евентуални средби“, и прави наменска конструкција во насловот:
„Тито Петковски удри по СДСМ: Заев го губи кредибилитетот“
Ваквиот наслов создава впечаток дека станува збор за дециден став на Петковски дека лидерот на СДСМ веќе нема репутација на личност што ужива доверба од коалициските партнери. А, фактички, во прашање е многу добро пресметан политички спин.
ПОЛИТИЧКА ПРЕСМЕТКА
Впрочем, уште во првата реченица од текстот, во коментаторски манир се констатира дека во опозицијата „владее вистински хаос“. Па, се нижат неаргументитани тврдења дека најголемата опозициска партија ги креира вестите во некои медиуми и дека таа издала наредба да се објави информација за наводната тајна средба:
„Вчера доцна попладнето, медиумите под контрола на опозицијата добија налог да објават информација дека траат тајни преговори…“
„…Утрово, во веќе познатиот стил, СДСМ ја демантираше информацијата која вчера инсистираше да биде објавена.“
„…Јавноста памети серија ситуации во кои СДСМ првично лиферува една информација а потоа истата ја демантира.“
Начинот на кој е напишан и пласиран овој материјал покажува дека тој е скаран со професионалните новинарски стандарди. На публиката ѝ е понудена нагласено пристрасна медиумска содржина, интонирана по мерка на владејачката партија и ставена во функција на пресметка со политичките опоненти.
Тоа, пак, е во спротивност со принципите на новинарскиот Кодекс, каде, меѓу другото, е наведено дека новинарот ќе обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти, ќе ги чува угледот и достоинството на професијата и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови