verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: СВЕТ БЕЗ РАК: Тајните на фармацевстката мафија

on 15 - 01 - 2014       

TELEGRAF-MK-svet-bez-rak-tajnite-na-farmacevtskata-mafija-crop-resize

 

„Правете разлика меѓу застапување нечии ставови и новинарско известување“.

 

Ова е еден од советите на Етичкиот кодекс на здружението на професионалните американски новинари, а истите правила важат и за најголемиот број професионални новинари во светот. Веста што е предмет на оваа рецензија не може да се оцени дека е пишувана според ова правило, зашто неименуваниот автор едноставно заборавил во насловот да ги одвои туѓите ставовите и ги нуди како новинарско известување за веќе сигурни и потврдени факти. Тие факти, пак, за читателот се непроверливи, а се однесуваат на материја што засега човечки животи. Пласирање на вест за материјали поврзани со алтернативно лекување на било што, не само на ракот, мора да содржи во себе барем минимална дистанца од мислењето што се нуди.

FireShot Screen Capture #054 - 'СВЕТ БЕЗ РАК_ Тајните на фармацевтската мафија – TELEGRAF MK' - www_telegraf_mk_aktuelno_svet_90505-svet-bez-rak-tajnite-na-farmacevtskata-mafijaЛинк до оригиналниот напис: СВЕТ БЕЗ РАК: Тајните на фармацевстката мафија

Датум и време на објавување 13.01.2014, 13:46

Датум на рецензирање: 15.01.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Ценејќи дека веста се однесува на документарец што се појавил на интернет, веста е вистинита. Но, фактите изнесени во краткиот опис за содржината на документароцет се прелесно прераскажани и понудени како вистинити, без ниту една ограда или критичка дистанца, а веродостојноста на фактите читателот речиси и да не може да ја утврди.

Извори на информации: Во информацијата е наведен документарниот филм и е понуден како опција да се погледне. 

Содржајност: Веста е далеку од содржајна. Накратко е нафрлена тезата дека светот без рак е можен со употреба на витаминот Б 17, но дека фармацевстката мафија го спречува ширењето на ова сознание и оти за сето тоа можете да се уверите во филм. Нема критичка дистанца, нема обид за второ или трето мислење.

Пристрасност: Веста е пристрасна, бидејќи авторот се задржал само на штурите факти извадени од документарниот филм.

Коментирање: Нема коментаторски елементи.

Оригиналност/Плагијат: Веста нема потпишан автор, а со мало истражување на интернет се доаѓа до сознанието дека е делумен плагијат, затоа што делови од реченици, па уште и нецелосно и неточно извадени, се земени од страницата каде е постирано видеото. Тоа се гледа од следнава реченица:

Витаминот Б17 може да се најде во праските, сливите црешите, јаболката, итн.

Според документарниот филм и изворите посочени во него, Витаминот Б17 може да се најде во семките од овие плодови.

Квалитет на насловот: Насловот е крајно тенденциозен и несоодветен. Тој би бил во ред доколку има наднаслов во кој ќе се наведе дека станува збор за документарен филм постиран на Јутуб пред повеќе од шест месеци или ако самиот наслов има ограда.

Фотографија: Има фотографија со наведено авторството. Таа служи само како илустрација.

Заклучок: Станува збор за лошо напишана вест за постоење на документарен филм на еден од популарните канали на интернет, за тема која е од огромен јавен интерес – превенција и лекување на заболени лица од рак.

Додека од една страна, авторот или уредништвото на медиумот задоволиле едно од основните правила на сите етички кодекси и професионални стандарди да пласираат и друго мислење пред јавноста, освен официјалното, истовремено прекршиле неколку други правила, а, пред сѐ, одвојување на туѓите ставови од новинарското известување, неопходната критичка дистанца од туѓите ставови, балансираноста, сензационализмот кој се чита во насловот, итн.

Веста е лишена и од актуелноста. Таа не е нова, зашто ако се погледне каналот се гледа дека видеото е објавено лани во јуни, а самиот документарен филм е стар со децении наназад. Видеото е постирано од интернет редакција на порталот „Галаксија“ од Белград, која, пак, целиот материјал го има преземено од блогот на новинарката Ивона Живковиќ. Таа повеќе години се занимава со пишување за теориите на заговор за разни теми, меѓу кои и за делувањето на фармацевстката мафија во светот и нејзините мотиви да спречува примена на некои лекарства за најсмртононите болести, меѓу кои е и ракот. Конкретnо овој материјал, за темата што е предмет и на документарецот, го има напишано во 2006 година.

Да повториме, сосема е во ред намерата да и се понуди на јавноста друго, поинакво мислење, но тоа не е сторено професионално и со неопходниот минимум ограда и наведување на читателот или гледачот на претпазливост, зашто, на крајот на краиштата, станува збор за материја која засега туѓи човечки животи. Впрочем и самата Живковиќ на својот блог, на крајот од сторијата за лекувањето со витаминот Б17 напишала:

Конечно, она што секој заболен од рак ќе го доведе во дилема е: дали прво да ја примени алтернативната терапија со „Laetril“ или прво да проба со класично лекување кое го нуди сериозната медицина. Тоа е секако хамлетовска дилема, бидејќи ако прво се тргне со хемотерапија, со операции со цитостатици со зрачење, со трансплантација на клетки…и сето тоа се покаже неуспешно, остануваат природните лекови….но проблем е што тогаш повеќето здрави клетки веќе се уништени. Од друга страна, да му се советува некому прво да тргне со алтернативно лекување (на пример со „Laetril”) е рискантна препорака, бидејќи во случај на неуспех повеќето лекари ќе кажат: „задоцнивте“.

Во нашиов случај, многу посериозен ефект врз јавноста ќе бил постигнат доколку третманот со Б17, истражувањата на лекарите наведени во документарниот филм и другите аспекти, биле содржани во една посериозна анализа во која би биле вклучени експерти кои ќе ги презентираат денешните гледишта во врска со проблемот.

Вака пласираната вест за документарецот и за проблемот е, всушност, премногу ризичен потег што го повлекле авторот и медиумот и оттука, тој е во спротивност со некои од стандардите во професијата.

(Напомена: Во првичната верзија од рецензијата беше наведено дека белградскиот портал Галаксија, кој се спомнува во овој напис, е поврзан со тамошното познато научно-популарно месечно списание со исто име. Тоа не е точно. Сервисот за проверка на факти во медиумите му благодари на читателот Филип Видиновски, кој ни укажа на оваа грешка.)


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

насловот е препишан

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести