Наталитетот, „виртуелните“ експерти и неиздржаното воспевање на владиниот проект
Објавено во Рецензии
on 7 - 08 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Стимулациите за многудетно семејство се покажаа делотворни, демографијата останува во врвот на владините предизвици]
Идејата на овој текст е да ја пофали Владата дека води посебна грижа за наталитетот, нагласувајќи го истовремено „позитивниот ефект“ од владините реклами за многудетни семејства. Ваква порака испраќа уште со насловот, кој е прилично долг и обоен со фалбаџиски тон: „Стимулациите за многудетно семејство се покажаа делотворни, демографијата останува во врвот на владините предизвици“.
Впрочем, во таков дух е пишуван целиот напис, вклучувајќи ги и трите рамки кои дополнително го засилуваат впечатокот дека на читателите им е понуден еден необјективен материјал, во кој се величи споменатиот проект на владејачката пратија.
Линк до оригиналниот напис: Стимулациите за многудетно семејство се покажаа делотворни, демографијата останува во врвот на владините предизвици
Датум и време на објавување: 05.08.2015, 12:35
Датум на рецензирање: 06.08.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ЗА ВЛАДАТА СÉ НАЈДОБРО
Со фалењето на Владата се почнува на самиот почеток од текстот , каде во првиот пасус се вели:
„…Македонската влада вложува силни напори да ја зголеми свеста кај населението и со низа проекти им помага на многудетните семејства.“
Потоа се редат фрагменти од обраќањето на премиерот за 2 Август, посветени на оваа тема, и дополнети со мислења на „виртуелни“ експерти кои го „поздравуваат говорот на македонскиот премиер“ и велат:
„чекорите кои Македонската Влада ги превзема се одлични!“
Написот нагласено се труди да ја убеди публиката дека владините реклами за зголемување на семејството се „полн погодок“, само не нуди докази за тоа. Во него се презентираат податоци без да се наведе од каде се добиени. Настрана тоа што селективно се прикажуват и се конфузни.
Така, на пример, прво се нафрлуваат информации за бројот на новороденчиња во педесетите години на минатиот век, па се посочуваат податоци за сегашниот период и потоа се прави некаква споредба со запишани првачиња во 2015 година. Меѓутоа, не се кажува конкретно кој е изворот на ваквите информации и нивната вистинитост не може да се потврди.
Ама, затоа се посочува дека Владата прави конкретни чекори на ова поле, при што како „крунски доказ“:
„сведочи фактот дека поддршката за многудетни семејства беше изгласана во август 2008-ма година.“
ШТО ВЕЛАТ ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПОДАТОЦИ?
Податоците од Државниот завод за статискитика (ДЗС) покажуваат дека природниот прираст на населението во Македонија стагнира. Тоа може да се види во публикацијата „Месечен статистички извештај за февруари 2015 година“, објавена на веб-страницата на ДЗС.
На страна 79 од овој статистички извештај е објавена табела за природното движење на населението од 2008 до 2013 година (за 2014 не се целосни податоците), од која се гледа дека природниот прираст на населението на 1.000 жители изнесува 1,9 промили, исто колку и во 2008 година.
Исто така, од табелата може да се забележи дека бројот на склучени бракови во 2013 година (13.982) е помал од оној во 2008 година (14.695), додека бројот на разводи во 2013 година (2.045) е поголем од оној во 2008 година (1.209).
За разлика од овие податоци, текстот се фокусира на целосно неиздржано воспевање на владиниот проект. И во таа мисија, на моменти изгледа дури збунувачки. Од една страна тврди дека „стимулациите за многудетно семејство се покажаа делотворни“, а од друга, затскривајќи се зад неименувани аналитичари вели:
„Она на што експертите сакаат да обрнат посебно внимание е фактот дека економската состојба воопшто не е причина за намалување на наталитетот, туку вредностите кои идните родители ги носат во себе“
Ваквата констатација изгледа и нелогично, имајќи предвид дека експертската јавност во повеќепати како причини за „белата чума“ ги посочува: „тешката економска состојба, големата невработеност, образованието на населението, одложувањето на стапувањето во брак…“
Но, наместо да се даде еден реален приказ на сосотојбите поткрепен со прецизни извори и факти, онака како што налагаат професионалните стандари, креирано е пропагандно четиво во кое Македонија е претставена како регионален лидер за „стимулирање многудетни семејства“, од кој почнале и соседите (Србија) да учат!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови