verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Статистика: 21.294 денари просечната нето плата во март

on 4 - 06 - 2013       

Веста има грешка и тоа во најважниот податок – во толкувањето на индексот за растот на платите со што таа е промашена. Настрана фактот што не е јасно за кој раст станува збор – номинален или реален. Таа е едноставно препишана од две соопштенија на Државниот завод за статистика споени во една вест. Заради тоа, таа е преоптоварена со куп непотребни бројки.

Наместо препишување на стручните, неновинарски и нејасни соопштенија на Државниот завод за статистика, авторот требало да го проанализира целото соопштение, особено придружните табели, и самиот да извлече свои заклучоци.

Рецензија: Статистика: 21.294 денари просечната нето плата во мартЛинк до оригиналниот напис: Статистика: 21.294 денари просечната нето плата во март

Датум и време на објавување: 28.05.2013, 13:28:12

Датум на рецензирање: 30.05.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Текстот има и точни неточни наводи. Податоците кои се преземени од Државниот завод за статистика се официјални, но прашање е како се искористени. Најголем проблем е основната констатација дека платите во март пораснале за 0,1 отсто. Ова, за жал, не е точно. Кога ќе се каже:

„Индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март оваа година, во однос на истиот период лани, изнесува 101.0, што е зголемување од 0,1 отсто.“

…тоа не е точно. Платите не пораснале 0,1 отсто, туку 1 отсто. Но, ни тоа не го решава проблемот. Мора да се објасни каков е тој раст од 1 отсто. Станува збор за номиналниот раст на платите – односно за колку денари платата во март годинава се зголемила во однос на март лани. Проблемот е само што ова е многу малку битно. Ова е важно за финансиските директори во фирмите, кога ја утврдуваат политиката на платите, но не и за пошироката јавност. За неа далеку поважен е износот, а уште поважно е дали со тој износ пари можат да го купат она што можеле да го купат и лани, или можат да купат помалку или повеќе. Тоа се покажува со индексот на реалните плати. Тие се со пресметани трошоци на живот, односно со вклучена инфлација. Еве како е тоа го објаснето:

„Номиналните индекси се пресметани од апсолутните податоци за просечните нето-плати, додека реалните индекси на нето-платите се резултат на односите на номиналните индекси и индексите на трошоците на животот“, вели Заводот во методологијата во која се објаснува како се пресметуваат платите и што значат бројките.

Номиналниот и реалниот раст на платите не одат под рака. За жал, во март годинава, како и во најголем број месеци во изминатите две години, реалните плати опаѓаат. Тоа значи дека иако вработените можеби добиваат повеќе пари како пари, како што и се случува во некои месеци, со нив можат да купат сѐ помалку (види графикон).

Рецензија: Статистика: 21.294 денари просечната нето плата во март

Извори на информации: Извор на информациите за веста, како и за сите вести од овој вид, е, се разбира, Државниот завод за статистика. Но, прашање е како тој извор ги претставува информациите и како тие ќе се искористат.

Треба да се знае дека Заводот за статистика не е никаков авторитет ниту за правилната употреба на македонскиот јазик, ниту за новинарско изразување или толкување. Од непозната причина, на пример, Заводот со точка ги одвојува децималните места од целите броеви и во бројките и во процентите што ги објавува. Тоа не е правилно на македонски. Колегата од Нетпрес направил добро што децималите во процентните бројки ги одвоил со запирка, наместо да ја задржи точката која Заводот ја употребува.

Потоа, Заводот индустриските сектори како „транспорт и складирање“, „рударство и вадење камен“, „градежништво“ и други ги пишува со голема буква насред реченица, исто од непознати причини, иако не станува збор ниту за лични, ниту за сопствени именки, ниту за имиња.

Кога станува збор, пак, за новинарското изразување, од страв дека нема да биде именуван како извор, Заводот сите свои соопштенија ги започнува со зборовите „Според податоците на Државниот завод за статистика…“, што во една вест никако не би смеело да се прави. Исто така, во неговите соопштенија се спомнуваат индекси, што во новинарска вест нема потреба. Со оглед на фактот што оваа вест е преземена од соопштение, таа спомнува и индекси, кои само дополнително ја компликуваат.

Затоа, секогаш треба да се отворат табелите и веста да се направи од корен. Таму може да се открие движењето на реалната плата, кое Заводот никогаш не го објавува во соопштенијата и директно да се воочат трендовите.

Содржајност: Соопштенијата на Заводот редовно се преоптоварени со многу бројки, така што треба да се внимава кога од нив се прави вест. За жал, во оваа вест земено е не само соопштението за нето платите, туку и она за бруто платите со што е направена кармакаша. Во неа сега на 18 реда има 17 бројки и сето тоа е мачно за читање. Нема потреба да се наведуваат и процентите за движењето на бруто платата. Бројките за нето и бруто платата се зависни едни од други. Ако нето платата во некоја индустрија расте на номинален план, ист ќе биде случајот и со бруто платата. Па, така, од гледна точка на содржајноста, оваа вест е премногу и непотребно оптоварена.

Покрај тоа, некои бројки се објавени како цифри, а други со зборови, што е невообичаено и не треба да се прави, особено што овде станува збор за ист вид бројки – процентен раст на платите во соодветните индустрии.

Пристрасност: Во веста нема спин. Иако се наведени само номиналните плати, кои покажуваат раст, но не и реалните, кои покажуваат пад, од грешката со 0,1 отсто, наместо 1 отсто номинален раст, се гледа дека спинот не бил идеја на авторот.

Рецензија: Статистика: 21.294 денари просечната нето плата во мартНенаведувањето на движењето на реалните плати е редовно во ваквите вести во земјава. Тоа е голема штета. Од вториот скриншот на регионалната агенција Seenews на англиски јазик, која говори токму за движењето на платите во март во Македонија, се гледа дека падот на реалните плати е ставен дури и во насловот. Со оглед на фактот што станува збор за стручна деловна агенција и за нејзиниот професионален сервис за деловни вести од балканските земји, начинот на нејзиното известување треба да се земе како репер и тоа особено што на истиот начин известуваат и големите светски деловни агенции. Покрај ова, како што може да се види од оваа вест, во неа се употребуваат табели како најдобар начин за справување и систематизирање кога во една вест се појавуваат многу бројки.

Дека не станува збор за спин покажува и фактот што две соопштенија на Заводот за статистика, (она за нето и она за бруто платите) се едноставно препишани и ставени во една вест. Во веста сѐ уште има три „ентери“ (carriage return), кои се останати од оригиналните соопштенија и кои авторот не стигнал да ги избрише.

Квалитет на насловот: Насловот е стандарден за ваквите вести. За широката јавност најинтересна е сумата – да знаат колкава е просечната плата во земјата и да можат да споредат со својата. Иако немало потреба од првиот збор „Статистика“ и ќе беше подобро во насловот да има глагол за тој да биде во активна форма, како што е правилно.

Исто така, по правило бројката треба да оди на крај или на средината на реченицата, а не веднаш после двете точки. Се разбира, не е никаква грешка ако насловот биде поинаков и ако во него се наведе движењето на реалната плата како што тоа го прави Seenews.

Фотографија: Фотографијата е добра, но не и одлична. Паричникот и регистер касата потсетуваат на пари, но нејзиното авторство не може да се утврди зашто е објавена и од други портали. Таа е, во секој случај, подобра од стандардната фотографија која покажува пари во крупен план и која се користи секој месец од различни портали кога се појавува ваква вест. Но, се разбира, за да биде одлична многу подобро ќе беше на неа да имаше човек и да се гледаше лицето на оној што го држи паричникот.

Заклучок: Станува збор за работа набрзина и без многу мислење. Да се мислело немало да се згреши толкувањето на индексот за номиналните плати во главата на веста.

Препишувањето на соопштенија од Државниот завод за статистика, па дури и нивно спојување и ставање во една преоптоварена со бројки вест, која е нечитлива и збунувачка, не му служи на чест никому. Истото важи и за игнорирањето на движењето на реалните плати, кое се смета за најважен индикатор кога се говори за оваа тематика.

Рецензија: Статистика: 21.294 денари просечната нето плата во март

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести