verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Сом од 95 килограми уловен во Преспанско Езеро

on 19 - 12 - 2013       

Сом од 95 килограми уловен во Преспанско Езеро-crop-resize

Вест, која е на границата помеѓу вистината и лагата. Се нуди информација дека е уловен сом во Преспанското Езеро, се илустрира со фотографија преземена од интернет, технички обработена, на која не се гледа ликот на рибарот, што треба да нѐ убеди дека фотографијата е автентична, бидејќи фаќачите наводно се анонимни, бидејќи ловот на овој вид на риба е забранет. Но, мало пребарување на интернет нѐ носи до следниов текст за рибар од Италија кој уловил сом од 113,5 килограми, од каде што македонскиот медиум ја презел фотографијата и се обидел неумешно да ја илустрира сопствената вест.

Дополнително, сериозен проблем е и податокот, дали медиумот ги знае рибарите, но не го објавил нивниот идентитет, останале анонимни, како што се вели во текстот затоа што ловот на сомот бил забранет? Кого штити медиумот во случајов, јавниот интерес или рибокрадците? Но, без да наведе било каков факт кој би потврдил дека навистина била уловена рибата, текстот завршува со тврдењето дека месото веќе било продадено.

Изјавата, која се нуди од експерт што го проучува рибниот фонд во Преспанското езеро, не дава доволно убедливи аргументи дека има вистина во понудената информација: тоа се гледа кога се вели дека таков вид на риби не се автохтони врсти, но можеби од поодамна во некое порибување бил пуштен примерок од овој вид. Или, поедноставено: соговорникот одговорил на прашањето дали во Преспанското езеро би можело да има сом!

Веста за кратко време е преземена некритички од многу портали, овде и овде, на пример, кои дури потенцираат дека има и „фото“ од уловениот примерок, а станува збор за фотографија за која веќе утврдивме дека е украдена од случај на уловен сом во Италија. Овие примери говорат за негативниот тренд на копирање на вести од еден на друг медиум без да се направи минимум напор за проверка на на вистинитоста на истите, за што се говори во анализата на Тео Блажевски.

Сом од 95 килограми уловен во Преспанско ЕзероЛинк до оригиналниот напис: Сом од 95 килограми уловен во Преспанско Езеро

Датум и време на објавување:  16. 12. 2013, 16:25

Датум на рецензирање: 18.12.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Дилемите дадени во воведот овде само ќе ги потенцираме: веста не дава основни информации за да поверуваме дека е точна. Како дошле новинарите до информацијата: дали посведочил мештанин, дали сами се пофалиле рибарите на социјалните мрежи, дали новинарите биле очевидци, има ли било кој друг индикатор што ќе ја поткрепи вистинитоста? Фотографијата, преземена од пример на улов во Италија, дополнително го зголемува сомнежот во вистинитоста. Оттука, доколку целта на медиумот била да информира, морал да направи напор и да обезбеди дополнителни информации, доволно аргументирани за да се верува во нив.

Извори на информации: Нема посочено извор на информацијата, а користениот соговорник може да биде само спореден извор доколку сме сигурни дека е уловен сом од 95 килограми како што се тврди во веста. Неговото објаснување се движи само во насока дали во Преспанското езеро живее овој вид на риба, но од таа изјава не може да се заклучи дали навистина била уловена таква риба. Недостасува и информација која ќе потенцира со каква казна би се соочиле „анонимните“ рибари за овој потег.

Содржајност: Веста има минимум содржина, која дава основни информации, но тие не се поткрепени со факти од кои се заклучува дали е веродостојна.

Пристрасност: Пристрасноста е евидентна, посебно во делот дека рибарите кои го уловиле сомот ќе останат „анонимни,“ затоа што ловењето на овој вид риби е забрането. Новинарите, ако имаат дополнителни информации значи дека намерно ги прикриваат, што е спротивно со етичките норми и принципи утврдени и во Кодексот на новинарите во РМ.

Оригиналност/Плагијат: Веста е оригинална, нема автор, но тоа не било пречка набрзо да биде копирана и пренесувана од другите интернет портали и телевизиски медиуми.

Квалитет на насловот:  Насловот е коректен и информира доколку навистина бил уловен сомот, но ако имаме во вид дека не сме сигурни во вистинитоста на веста, тогаш насловот може да биде и главниот извор на манипулација.

Фотографија: Апсолутно недозволен начин на манипулација, со кој се послужил медиумот – преземање на туѓа фотографија која ја прикажал како своја. Со алатките за пребарување и проверка на фотографиите многу брзо се открива потеклото на фотографијата, факт кој ја доведува под сомневање и вистинитота на информацијата која ја нуди!

Заклучок: Ако информацијата е точна, медиумот со нагласување дека користи архивска фотографија ќе ги решел сите дилеми што ги отворивмее во рецензијата и немало да го доведува во прашање вкупниот новинарски производ што го понудил. Но, вака, манипулирајќи со фотографијата, медиумот манипулира и со другите медиуми, кои потенцираат дека нудат и фото, односно фотографија снимена на стотици километри подалеку од Преспанското езеро, во област во Италија. Ваков вид на навидум интересни и занимливи вести најлесно можат да ѝ се претстават на јавноста, бидејќи нема заинтересирана страна која би демантирала или негирала дека се случило такво нешто. Рибарите се „анонимни,“ нели, бидејќи ловот не е дозволен и нема кој да ја демантира веста. Но, грешката што ја направил медиумот со фотографијата целосно ја покажува манипулацијата и ја расипува целата смислена игра. Овој пример треба да биде јасен сигнал за сите медиуми што ја пренеле веста и потенцирале дека има и фотографија, во иднина мора два пати даразмислат пред да направат „copy-paste“ на информација од друг медиум. Ова нека биде банана на која „безболно“ се лизнале, но што ако некој беше засегнат во веста и поднесеше тужби за клевета или навреда. Само за потсетување, еден таков  „излет“ може да го чини медиумот 27 илјади евра, или 2.000 евра за новинарот, 10.000 евра за уредникот и 15.000 евра за медиумот и неговиот сопственик.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

аноними

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

лажни информации

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

сензационален

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести