verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Скопје рамо до рамо со Лондон, Париз, Барселона и Стразбур со загадувањето

on 20 - 12 - 2013       

netpress_com_mk_skopje-ramo-do-ramo-so-london-pariz-barselona-i-str-crop-resize

 

„Не знам какво олеснување би им претставувал податокот дека има друг град со поголема загаденост? Дали можеби чувството дека не се жртви број еден, туку број два во светот?“, (Дејан Спасески, блогер и ИТ аналатичар)

 

Текстот „Скопје рамо до рамо со Лондон, Париз, Барселона и Стразбур со загадувањето“ може да се опише како наменски текст објавен во повеќе сродни медиуми (сродни според уредувачката политика), со можна намера во заднина, да се дефокусира јавното мислење од одговорноста за ваквата аеро загаденост во Скопје. Но, тоа е во доменот на впечаток на рецензентот. Доколку, пак, се примени методологијата за проверка на фактите во овој текст – информација, се гледаат неколку недоследности и, најблаго речено, отсуство на соодветни медиумски стандарди, што на крај довело до извртување на вистината, зашто, всушност, состојбата во повеќето главни градови во Европа со аеро загадувањето, е многу подобра од состојбата во Скопје.

FireShot Screen Capture #046 - 'Скопје рамо до рамо со Лондон, Париз, Барселона и Стразбур со загадувањето I NetPress' - netpress_com_mk_skopje-ramo-do-ramo-so-london-pariz-barselona-i-strazЛинк до оригиналниот напис: Скопје рамо до рамо со Лондон, Париз, Барселона и Стразбур со загадувањето

Датум и време на објавување:17.12.2013, 09:48

Датум на рецензирање:18.12.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Вистинитоста на тврдењата во текстот е многу проблематична. Во поголемиот дел нема конкретни факти. Има тврдења кои не се поткрепени ниту со една бројка, ниту со еден линк… Нема никаква поткрепа за загадувањето на Лондон, има изјава на анонимен портпарол на каталонска влада, има изјава на британски европратеник која, и да е точна, е само сегмент од една поширока расправа, има вест објавена на Блумберг која е точна, но е исклучок, а не правило…

Извори на информации: Во текстот само делумно се наведени изворите на информации.

Содржајност: Текстот е апсолутно нецелосен. Исполнет е со сегментирани информации, за кои со пребарување на интернет ќе дознаете дека во добар дел се или невистинити или недоследни и како таков дава искривена слика за реалноста.

Пристрасност: Само во дел од текстот има целосна вистина – мерната состојба за Скопје за 17.12.2013. Поголемиот дел од остатокот на текстот е или делумна вистина или извртување на вистинита – спин, по што може да се заклучи дека не постои балансираност, а типот на наклонетост е од шпекулативна природа која наликува на политичка.

Коментирање: Делумно коментаторски став има во поднасловот, во првата реченица на текстот и кога се опишуваат градбите во центарот на Лондон, но, генерално, нема коментирање.

Оригиналност/Плагијат: Не може да се одреди со сигурност. Автор на текстот нема, а сличен или ист текст се појави и во некои други медиуми во приближно исто време. Но, во истовреме, би можел да биде оригинал, што другите портали со соодветни адаптации го прилагодиле за себе.

Квалитет на насловот: На прв поглед насловот информира, но ако се проверат фактите, тој всушност дезинформира, зашто тврдењето во насловот не е точно. Вистината е обратна. Поголемиот дел од европските метрополи немаат сериозни проблеми со загадувањето.

Фотографија: Текстот е придружен со три фотографии. Сите три фотографии манипулативно се ставени во функција на тврдењето изнесено во насловот и во самиот текст. Највпечатлива е фотографијата со маглата во Лондон и невестата на мостот, фотографија на Ројтерс, која е објавена во некои светски медиуми во сосема друга намена, а не да го покаже загадувањето.

Заклучок: Текстот е жанровски измешан, па затоа просто ќе го ословуваме како информација. Тој во добар дел не одговара на вистината, а особено заклучокот на текстот изведен во насловот, поднасловот и лидот.

Гледано методолошки и од аспект на примената на стандардите во професијата, текстот има дефицит од неколку значајни аспекти: Наведени тврдења без поткрепа со факти или употреба на полуфакти (нецелосна информација), генерализирање беа поткрепа, измешана жанровска структура, злоупотреба на фотографии, неизбалансираност, ненаведени извори за дел од информациите, непотпишан текст,…

Тврдењето во текстот, сублимирано во насловот не одговара на вистината. Според кој критериум и факти е изведен таков заклучок во насловот, навистина не ни е јасно. Сите извештаи за Скопје, дневни, годишни и повеќегодишни, кажуваат дека загадувањето, особено со цврстите честички PM10, е далеку над просеците што ги имаат наведените градови. Ќе го земеме Париз како пример, зашто тоа е еден од ретките делови во текстот за кој има наведено извор – Блумберг во случајов. Навистина, во главниот град на Франција било издадено предупредувачко соопштение, но само затоа што тој ден, исклучиво тој ден, поради специфични метео услови споменатите честички надминале одредена граница. Доколку се погледне во дневните извештаи за Париз, а особено повеќегодишните што ги изготвува француска агенција за мерење на квалитет на воздухот, ќе се види дека, на пример, изложеноста на парижани на PM10 е подобрена за 78 отсто во периодот 2002-2010, така што најголемиот дел се изложени на штетно влијание од само околу 30 микрограми на метар кубен , што се смета за задволителен минимум, зашто директивите на ЕУ дозволуваат максимум 50 микрограми, а евентуалното пречекорување да не биде поголемо од 35 дена во годината!  Сосема слични и подобри се состојбите во неколку главни градови што ги проверивме на нивните официјални веб сајтови или со помош на сајтот што ја бележи состојбата со загаденоста во некои градови на ЕУ, или пак, дури на сајтот Numbeo, кој се смета за еден од поголемите нумерички сервис-сајтови во светот.

Сличен е примерот и со Стразбур. Како пример е наведено селективно излагање на британски европратеник, но информацијата е нецелосна. Вистина е дека во ЕП се одвиваше расправа за преместување на седиштетото на парламентот, но исто така е вистина дека главниот аргумент во расправата не беше загадувањето, туку беа трошоците кои на годишно ниво изнесуваат околу 240 милиони евра повеќе, само затоа што европратениците четири дена во месецот мора да заседаваат и во Стразбур…

Да заклучиме, неименуваниот автор на информацијата преку селективна употреба на сегментирани информации за Париз, Барцелона, Стразбур, Лондон, генерализира состојби меѓу Скопје и „повеќето европски метрополи“, што едноставно не одговара на вистината (Кај Барцелона авторот го применил истиот сегментиран метод како и за кај Париз, зашто годишните извештаи за главниот град на Каталонија покажуваат големи подобрувања за овој град особено кога станува збор за PМ10 честичките; за Лондон, пак, не само што не успеавме да најдеме поткрепа на напишаното, туку спротивно).

Вака пласираниот текст би можел да има за цел да ја збуни јавноста зашто тој дезинформира, со тоа да создаде евентуално „олабавување“ на јавното мислење од проблемот со аеро-загадувањето во Скопје, да го генерализира проблемот на ниво на Европа, поточно на европските метрополи и со тоа да го релативизира веќе евидентниот притисок на јавноста. Впрочем, тоа може да се илустрира и со коментарот на еден читател на оваа информација, кој под нејзе напишал:

Дали со ова се обидувате да го минимизирате и девалвирате фактот дека воздухот во Скопје е загаден до крајни граници!!!

Проблемот со загадување на воздухот е исклучително сложен проблем кој се должи на многу човечки и природни фактори и како таков, тој е предмет на континуирано проучување и на јавни политики на државите одделно, но и на билатерално и мултилатерално ниво. Оттука, секакво бегло занимавање со овој проблем или „тресење од ракав“ дека состојбите се вакви или онакви и кај соседите или во Европа, е, благо речено, несериозно и е подбивање со здравиот ум на читателите.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

делумно има факти

делумно се точни

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

делумно

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

Не

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести