verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Скандал во Центар: Каде завршуваат огромните пари од реклами

on 30 - 09 - 2013       

Skandal-vo-Centar-Kade-zavrsuvaat-ogro resize crop

„Освен печатените отчети на Општината Центар кои беа делени по домовите, општината е присутна и на интернет просторот преку повеќе динамични банери кои се наоѓаат на ударно место, а кои е познато дека се најскапите за рекламирање. Ваквиот начин на работење отвора повеќе прашања кои остануваат неодговорени и кои фрлаат светло на нов скандал во оваа општина“.

Општината „Центар“, со која градоначалникува Андреј Жерновски, од страна на медиум кој себеси се смета за влијателен и високопребаруван, е осудена на тоа да дели летоци по домовите и да не користи поскапи форми на рекламирање. Освен тој совет, текстот кој го пренесоа сите провладини медиуми, се повикува на наводна висока сума која била дадена за оваа намена, потоа утврдува дека селекцијата на медиумите не била правена според критериум кој медиумот го смета за нерелевантен и трето, се повикува на тоа дека медумската кампања ја правела просдсмовска фирма.
За сето тоа во текстот не се нуди ниту еден материјален доказ во однос на сумата што е посочена и тука таа не се докажува (потврдува), не се прави никаква споредба за да се утврди она „огромни пари“ (не се прави значи никаква квантитавна споредба) и не се образложува зошто Општина Центар треба да се поведува по критериуми и мерила што му се допаѓаат на анонимниот автор во својата информативна дејност. Особено е сомнителен критериумот кој е се потврдува и овој пат како недозволен во професионални известувања – анонимност на изворите и произволноста на тврдења.

Скандал во Центар - каде завршуваат огромните пари од реклами

Линк до оригиналниот напис: Скандал во Центар: Каде завршуваат огромните пари од реклами

Датум и време на објавување:28.09. 2013 09:27

Датум на рецензирање:29.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Порталот не нуди ниту еден показател или име со кое би го потврдил она што го нуди како мотив зад насловот. За да утврдите дека постои нешто како голем износ за реклами или скапо наплатена услуга, на пример, треба да знаете по колку пари треба вообичаено да се даде за некоја услуга и за кое време на објавување (!)  во медимите или како вообичаена тарифа. Тоа секако подлежи на споредбени показатели за да ги добиете квантитативните и евентуалните квалитативни факти врз основа на кои би се создала реалната слика за она што се вели (тврди, пишува). На пример, порталот, кој ударно се отвора заедно со рекламата (која потоа се претвора во мини спот), а зад која стои официјалната фирма на спонзорот (www.vmro-dpmne.org.mk), веројатно е лесно да покаже такви податоци, односно е во состојба да направи споредби за цената на екслузивните услуги. Што се вели, најнапред од она што му е најдостапно, како и од другите реклами, на пример, од Државната лотарија, Алфа телевизијата и слично кои ги има на насловната страница.

Извори на информации: Медиумот се повикува на наводни свои извори во Општината, кои говорат за наводна паника, за тоа дека Општината наводно немала пари за плати и слично. Се споменува – веројатно по несвесна грешка на авторот – дека имало тендер (!). Таа институција тендер кажува се, ама читателот не ги знае фактите во тој јавен натпревар каде има се, но од друга страна треба да верува во конструкцијата на авторот (авторите) дека „една фирма јавила, некој вработен дошепнал, се тврди дека…“, значи на еден вообичаен вокабулар на пресметка, која медиумски не е дозволена, особено зад така сензационални  наслови.

Содржајност: Целиот текст содржи неколку бројки, како што веќе опишавме, кои се непотврдени со  некаков непосреден доказ, кои и онака зафаќаат неколку редови, а целиот текст е три страници со вооичаен проред, во кој има сешто – од тоа кому му припаѓа фирмата која го добила тендерот (без име), зошто парите се наменети на опозициони медиуми, како и тврдењето дека тоа е корупција, без да се објасни поентата на текстот: а дали е по таа логика корупција ако парите легнат на провладини медиуми, кои веќе се полни со владини реклами или со пари на партии кои партиципираат во власта?  Демек, вообичаено, парите од реклами требале да заминат кај оние кои секој ден вршат напади врз раководство на Центар, кои вршат притисок врз работењето на Општината… или тоа тогаш не би било корупција? Или поинаку: не би било подлегнување на притисок? Поедноставено, авторот (авторите) не го објаснуваат токму тоа – што е корупција? Кога даваш за реклама кај својот „пријател“ или кај својот „непријател“?  

Пристрасност: Од ова произлегува и вкупната пристрасност  – ваквите текстови само ја отвораат навистина крупната дилема во нашето општество:  како во едно крајно сиромашна земја власта и владеачката партија наоѓаат толку многу пари за да ја одржуваат својата пропагандна машина?. Авторот на текстот требало да побара токму одговор на оваа дилема, било да појде од општото кон единечното (земајќи го овој случај да речеме, како единечен, ама со точни бројки) или од единечното (споменатиот износ на општината) со општата сума (која се движи од 30 милиони евра, па нагоре). Така се доаѓа до непристраноста во пишувањето, од која тука нема ниту трага.

Коментирање: Текстот има коментаторски елементи, особено при крајот („отвора сомнеж дека се работи за ….“).

Квалитет на насловот: Насловот низ текстот не се оправдува (докажува) низ двата користени поими. Првиот е „скандал“ и вториот е „огромни пари“. Тие се во меѓузависност. Треба да постои второво за евентуално да опстои првото. Ама што е висока сума во оваа земја, па дури и кај рекламите? Кога една рекламна агенција ќе има обрт од 400 илјади евра месечно само за една владина реклама (да речеме за абортусот)? Или кога официјално за рекламна кампања, згора неуспешна, ќе имате 4 милиони евра за неколку месеци (Купи куќа, купи стан)? Без таа слика во заднината, кога се пишува за оваа тема, немаме ниту прецизен наслов, што значи дека тој останува разголен и сензационалистички.

Фотографија: Фотографијата е илустративна и претставува показател во кои медиуми се користи рекламниот банер.

Заклучок: Земјава е навистина под силна опсервација околу трошењето на пари за т.н. политичка пропаганда. Заклучоците дадени од релеватни институции не се пријатни за нас. И тие се еден вид обвинување, ама кон власта и само кон неа, така што сериозното новинарство би се занимавало со таа релација. Макар и како обичен пренос на информации за таа тема и за таа наша слика во светот. Истата недопустлива рекламна практика, инаку, има сосема јасен одраз на насловната страница на сајтот на кој е објавена оваа вест.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

2 извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести