Рецензија: СКАНДАЛ: Што дува главниот уредник на Либертас Ацо Кабранов во 1 по полноќ
Објавено во Рецензии
on 30 - 09 - 2014 Автор: Мирослава СимоновскаПредизвик е да се разгледува вакво ниско медиумско препукување, кое ги надминува границите на елементарната пристојност, низ призмата на новинарските стандарди. Сепак, клучно е да се запази контекстот во кој е објавен овој текст, за потоа да се дојде до заклучокот дека медиумот се користи за лична пресметка, а не од некаков јавен интерес. Освен што е спротивно на новинарскиот кодекс, кој во членот 16 налага новинарот да ги чува угледот и достоинството на својата професија, да ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и да не го употребува својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги, писанието не може да се смести ниту во еден од новинарските жанрови.
Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛ: Што дува главниот уредник на Либертас Ацо Кабранов во 1 по полноќ
Датум и време на објавување: 23.09.2014; 12:42
Датум на рецензирање: 27.09.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Со низа инсинуации се прави обид да се дискредитира личноста на оној за кого се пишува. Мотивот за ова во сржта е нечесен и неновинарски. Во текстот нема информирање, нема ниту вест (бидејќи станува збор за повод кој е најверојатно лична нетрпеливост поради различни ставови), зашто се користи Фејсбук статус стар три години, кој во својата природа е не „вест-вреден“. Оттука не може да се разгледува категоријата вистинитост на напишаното.Освен тоа, еве што пишува во новинарскиот кодекс:
Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.
Оттука, се добива впечаток дека медиумот се злоупотребува за лични препукувања и ad hominem дискурс кој не е од никаков јавен интерес, не ги задоволува критериумите на она што е од јавен интерес, туку напротив, претставува конфликт меѓу индивидуи, кој се пресликува на уредувачката политика. Тоа е недозволиво од аспект на професионалните стандарди, кои налагаат новинарството да се занимава со факти или со напор информациите да се проверуваат, да бидат балансирани и да се даде што поголем диверзитет на мислењата и ставовите со цел читателот да биде информиран и да може да донесе заклучок за одредено прашање.
Како извор се користи Фејсбук, но прашањето е зошто статус стар три години заслужува медиумско внимание сега, и тоа непосредно по серија преписки меѓу двајцата уредници на портали со различна уредувачка политика. Овој текст доаѓа како надоврзување канонадата напади кон Кабранов, кои вклучуваат изнесување навреди, лични и семејни прилики и клевети.
Во скопскиот сленг јазик зборот „дува“ го користат оние кои конзумираат марихуана, но како термин го користат и во хомосексуалните кругови за орален секс.
Оттука, текстот од содржински аспект, исто така, е неапликативен за разгледување поради тоа што е нерелевантен и претставува хајка на лична основа.
Текстот е пристрасен, бидејќи не содржи факти ниту изјави и се базира единствено врз претпоставки и застарен Фејсбук коментар, без да се наведе ниту контекстот во кој е постиран. Попатно, во битката на оцрнување инволвирани се и други личности.
Коментарите се карактеристични за целиот текст:
Бидејќи овој статус е од пред околу три години, најверојатно Кабранов не знаел дека статусот што ќе го напише на својот „Фејсбук“ профил се појавува и кај другите корисници на социјалната мрежа, кои се во листата на негови пријатели.
Претпоставуваме дека Ацо бил во друштво со неговиот долгогодишен близок и интимен пријател водителот Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, исто така дел од новинарската екипа на „Либертас“.
Згора на сѐ, во лидот се споменува дека Кабранов е уредник на проопозициски портал, што дополнително фрла сомнеж за мотивите за пресметката со него. Иако текстот е преземен од друг портал и тоа е наведено, како и во вакви случаи, со пренесувањето, порталот што го прави тоа ја споделува одговорноста и го покажува стојалиштето во однос на изнесеното. Се покажува индиферентност кон стандардите за тоа што е вест-вредно, поради лични напади и навреди.
Постапката на употреба на стари Фејсбук статуси, за кои не се знае ни контекстот ни зошто се поставени, ниту некого го интересира тоа, со цел да се дискредитираат колеги, е нечесна, непрофесионална и заслужува осуда.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
ненаведен автор, наведен извор со линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
нечитлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови