verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: СКАНДАЛ: Кадар на охридскиот градоначалник во џакузи со млади девојки (ВИДЕО)

on 20 - 03 - 2013       

На два дена пред изборниот молк провладините медиуми вадат „тешка артилерија“ и ги прават најнедозволивите монтажи на настани и вести со цел да се оцрни политичкиот противник.

Така, агенцијата Нетпрес објавува пренесена вест од Сител телевизија и од весникот Вечер во која на спот и на фотографии се гледа во базен едно постаро лице во друштво со млади девојки и во врска со тоа се вели дека се работи за директорот на охридското средно училиште ЕМУЦ.

„Тој е близок соработник на охридскиот градоначалник Александар Петрески од СДСМ. На фотографиите се гледа скандалозното однесување на директорот на ЕМУЦ во друштво на неколку млади девојки, како тој ужива во џакузи, јави телевизијата (се мисли на Сител)“.

Написот се повикува потоа и на речиси истоветен текст во весникот „Вечер“, а се најавува дека во четвртокот следува ново продолжение за тој случај.

„Вакви провокативни фотографии не му доликуваат на еден вршител на ваква должност. За родителите на децата кои учат во неговото училиште, сигурно ваквото негово однесување не е прифатливо. Тој остава лош пример, недолично се однесува и не покажува почит и грижа кон децата.

Иако медиумите кои ги објавија фотографиите, ги цензурираа лицата на другите присутни и потенцираа дека приватноста на останатите учесници на оваа забава целосно ќе биде заштитена, јасно се гледа дека станува збор за млади девојки, можеби ученички“ –  заклучува авторот на написот (преносот).

Рецензија: СКАНДАЛ: Кадар на охридскиот градоначалник во џакузи со млади девојки (ВИДЕО)Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛ: Кадар на охридскиот градоначалник во џакузи со млади девојки (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 19.03.2013, 16:55:01

Датум на рецензирање: 20.03.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Веста е фотомонтажа на слики на капење во базен (не  џакузи!) на именуваниот директор, кој заедно со семејството се одмора во бањско лекувалиште. Младите девојки за кои се сугерира дека му се анонимни придружнички со кои тој гол се капе се негови ќерки и ќерки на пријателско семејство, кое патува со него и кои се облечени во вообичаени костими за капење. За вистинските факти и фотографии може да се провери на еден друг медиум.

Рецензија: СКАНДАЛ: Кадар на охридскиот градоначалник во џакузи со млади девојки (ВИДЕО)Извори на информации: Фотографиите на кои се базира написот и прилозите во Сител и Вечер, чија содржина агенцијата Нетпрес ги „испраќа понатаму“ низ медиумскиот простор, се монтирани – малолетни девојчиња стануваат девојки, голи тела во вистинските фотографии имаат костими за капење, а џакузито станува голем, класичен бањски базен (хотелот во Бањско).

Ова е пример на монструозна злоупотреба на техниките за монтажа на постоечки елементи во сосема друга содржина и со поинаква конотација: нормална бањска семејна релаксација станува ласцивна сцена на неморал, уште и со педагог како „актер“.

Содржајност: Оној кој ја објавува веста и во ТВ формат (видео) и како новинарски текст не се ни обидел да чуе што за тоа мисли обвинетиот професор, ниту да упати на својот извор на информации, да го објасни местото на снимање и околностите кои претходеле или се во врска со „неморалната случка“.

Пристрасност: Веста поаѓа од еден настан кој навистина се случил (посета на снимениот директор на училиште со семејството на Бањско) со комплетна промена на мизансценот, актерите на настанот и од тоа се прави спин за недостојноста на вршител на политичка функција. Згора не се ни наведува каква политичка функција врши тој, освен што е вршител на должност на директор на едно училиште, која е стручна, а не политичка функција.

Коментирање: Монтираните фотографии, демантирани со вистинските кои потоа на прес конференција ги покажа посочениот педагог, се придружени со коментар дека родителите на децата кои учат во тоа училиште не треба да дозволат таков директор да ги воспитува младите поколенија.

Дека се работи за добро разработена спин  сторија во продолженија покажуваат и прилозите од Охрид на Сител вечерта, кога некои наводни родители се бунтуваат пред училишниот двор и бараат смена на директорот!

Плагијат: Нетпрес ги наведува изворите на веста (Сител и Вечер), а „оригиналите“ не наведуваат кој е автор на прилозите.

Квалитет на насловот: Надоврзувајќи се на една инсценација од нечиј монтажен стол, насловот на прилогот во Нетпрес е описен и долг, бидејќи, во себе сака да ги инкорпорира сите елементи – учесници, сценографија, но е тенденциозен и со суд, без читателот евентуално да извлече можеби поинакви заклучоци од текстот (премисите).

Фотографија: Подобро би стоело дека е потребно да се наведе авторот на монтажата, бидејќи, фотографијата е земена од семејна и приватна збирка, па е „украсена“.

Говор на омраза: Написот има за цел да предизвика скандал во кој би се инволвирале родители на децата од училиштето на директорот и чиј конфликт треба да го загрози посочениот педагог и на професионален, но и на личен, а веројатно и на безбедносен план!

Заклучок: Оваа сторија со право се прогласува за дното на македонското новинарство, на најцрн примерок на жолт печат, кој не само што измислува настани, оцрнува луѓе, туку ги насочува настаните во еден помал град со сторија која е замислена да има продолженија. Таа може не само да има политички импликации, што секако е цел на авторот – авторите, туку може да уништува без основ човечки животи и засрамува цели семејства.

Рецензија: СКАНДАЛ: Кадар на охридскиот градоначалник во џакузи со млади девојки (ВИДЕО)

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести