verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: СИТЕЛ: Жерновски е желба на Љубчо

on 4 - 04 - 2013       

Со оглед дека изборите за општината Центар се од најважно значење за власта во вториот изборен круг, написите за кандидатот на опозицијата Жерновски доминираат во дел од медиумите, со цел намалување на неговата предност пред кандидатот на власта.

Во средата, на 03.04.2013, на порталот на неделникот Република од петте главни најави има дури три поврзани со напади врз кандидатот Жерновски. Еден од нив се однесува на неговата наводна неомиленост кај членовите на СДСМ, најголемата опозициона партија. Жерновски е либерал, а неговото поставување за кандидат, тврди неделникот, повикувајќи се на ТВ Сител како извор, е резултат на лобирањето на ВМРО НП, со што се сугерира на дел од неопределените гласачи кои евентуално би гласале за левицата, да не излезат на гласање. Тоа се прави без каков било јасен факт во корист на таква теза.

Рецензија: СИТЕЛ: Жерновски е желба на ЉубчоЛинк до оригиналниот напис: СИТЕЛ: Жерновски е желба на Љубчо

Датум и време на објавување: 03.04.2013, 17:24

Датум на рецензирање: 03.04.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Неделникот Република, повикувајќи се на прилог објавен на ТВ Сител, не дава ниту еден релевантен доказ дека СДСМ има отпор кон заедничкиот кандидат на опозицијата Андреј Жерновски, ниту ги дава доказите дека Жерновски имал бизнис врски со лидерот на ВМРО НП – Љубчо Георгиевски. Нема фирми, зделки, или какви било податоци кои барем од далеку би асоцирале дека меѓу двајцата политичари има „спој“ во градежништвото, како што се вели, ниту има одговори на основните прашања за таквата бизнис релација како што се кога, како и колку…

Извори на информации: Сè што се споменува во овој текст се некакви анонимни извори кои стануваат главен белег на формата со која голем дел од провладините медиуми се ставаат деновиве во служба на една политика.

Во релативно поголемиот текст има само еден извор – „доброупатените“. Тоа е форма која дури ни одблизу не го навестува ни она „извори познати на редакцијата“, што значи дека редакцијата ги знае изворите, но од професионална обврска кон нив не ги кажува. Вака, редакцијата се ослободува себеси од каков било директен однос со релевантен извор, односно асоцира на нешто чуено или споменато патем, од извор од втора рака и слично.

Содржајност: Текстот, не откривајќи кој е изворот (изворите) на нивните сознанија за бизнис врските, на ниту еден начин не ја поврзува фирмата на Љубчо Георгиевски и на Андреј Жерновски. Се развива сторија со непознати учесници (има фирма, нема сопственик) и за тема во нерелевантни сфери (паркирање во Клинички центар од пред шест години) кои немаат никаква врска со градежништвото, кое барем се посочува како интересен ареал за обата „актери“.

Пристрасност: Целата идеја за некаква економска поврзаност на Жерновски со Георгиевски не е откриена во ниту еден миг, дури и со помош на наведените неименувани извори. Истовремено таа врска се сугерира и од почетокот на текстот (како главна тема), а треба да нè води кон заклучок дека таквата бизнис релација меѓу овие политичари довела до формирањето на т.н. Пелистер коалиција (политичко здружување на опозицијата од 2011 година)?!

Ова укажува дека пред нас имаме форма на надградување на лагата – една таква се користи за да се оди на следниот кат, кон уште поголема измислица?! Притоа, одбивноста на СДСМ кон кандидатот Жерновски целосно се заборава „попат“ и станува во таа кармакашија целосно нерелевантна.

Коментирање: Текстот ја задржува главно својата наративна структура, но е жанровски тешко да се процени бидејќи тој во себе испреплетува многу теми – ги започнува и не ги завршува, па севкупно делува како некаква „дробена салата“ во која читателот треба да се фати на некој од многуте „јадици“ што се поставени во чинијата.

Плагијат: Текстот е прераскажан прилог на ТВ Сител (и комплетно преземен од нивниот портал), кој исто така нема конкретен извор кој би бил цитиран како несомнен изложувач на релевантни податоци.

Квалитет на насловот: Насловот ја сугерира наводната тема на текстот – економските врски меѓу првиот човек на ЛДП и првиот човек на ВМРО НП. Таа врска подолу никаде ја нема. Постои само една спомената фирма – Венекс, за која не се кажува сопственикот туку се вели дека била блиска со сосема трето лице – екс-градоначалникот Ристо Пенов. Тоа и се нуди како заклучок на текстот. Така насловот останува „нереализиран“ и може да се чита како чист спин.

Фотографија: Фотографијата е снимена на некој митинг каде Жерновски и Георгиевски се на иста бина. Таа сугерира нивна блискост, но во овој напис би се очекувало некаква „истражувачка“ фотографија: влез на некоја фирма, двајцата во некаков барем навидум бизнис разговор, извадок од некој документ…

Заклучок:

„Андреј Жерновски е избор на Љубчо Георгиевски.“

Вака гласи првата реченица на текстот. Последната реченица завршува со тоа дека:

„фирмата Венекс, која му го продала станот на Жерновски, важи за компанија блиска до Ристо Пенов, кој во тоа време беше скопски градоначалник.“

Во текстот никаде не е наведено чија е навистина таа фирма и зошто таа конечно, после толку текст за неа, треба да укаже на мотивот за изборот на Љубчо Георгиевски на неговиот „пулен“ како кандидат за градоначалник. За оние што не знаат, Ристо Пенов и е близок со Жерновски – тие се сопартијци.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести