verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Шилегов го вклучил во партиска кампања и својот малолетен син

on 27 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

25-09876-0099870-crop-resize

Овој текст заслужува да биде рецензиран, барем поради три и тоа, да ги наречеме, формални причини – јасно прекршување на токму три члена на Кодексот на новинарите на Македонија:

Член 11

Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија;

 

Член 13

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот;

 

Член 16

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

 

Но, неследењето на овие водилки наведени во Кодексот се само почетокот на сериозните, од новинарски аспект, проблеми на написот. Понатаму се редат главните недостатоци: дека повеќе наликува на партиски, отколку на медиумски производ, дека во политичката игра намерно вплеткува малолетници, дека изобилува со пораки кои се далеку од пријатни, дека на моменти користи навредлив говор и тоа упатен кон 14 – годишник на кој за „грев“ му се зема што на социјалните мрежи коментира за финасиската афера во која е вплеткана позната телевизиска новинарка и фактот што тој малолетник е син на портпаролот на најголемата опозициска партија.

2Линк до оригиналниот напис: Шилегов го вклучил во партиска кампања и својот малолетен син

Датум и време на објавување:  23.01.2014

Датум на рецензирање:  25.01.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Пишува дека „Шилегов го вклучил во партиска кампања и својот малолетен син,“ а никаде нема валиден доказ дека таткото навистина го натерал синот, кој иако е малолетен, со наполнети 14 години, сепак, не е дете, да се вклучи во како што се вели, партиска активност и на Фејсбук да прашува и да коментира каде е новинарката инволвирана во финансиката афера и каде завршиле парите кои нејзината фирма ги добила од државен тендер. Недозволиво е туку-така да се фрли такво сериозно обвинување дека таткото го злоупотребува синот за свои партиски потреби, а притоа да не се понуди аргумент. Чекајте, дали фактот дека татко му е партиски портпарол, кој ја обелодени аферата со новинарката, му брани на момчето да зборува за настан кој го засега и него како граѓанин на оваа држава? Дали момчето нема право да прашува, како што и илјадници други прашуваат и коментираат на социјалните мрежи? Не! Има право да прашува, но тоа што некој тоа го проблематизира е само поради името на неговиот татко. Веруваме дека ако Шилегов не му беше татко, тогаш неговите постови ќе поминеа незабележано. Е, тука е „закачката“. Презимето некому му било интересно и тоа го искористил, не само да го нападне Шилегов постариот, туку уште пострашно, да го омаловажува и момчето. Не верувам дека постои родител, колку и да е поврзан со некоја партија, кој би сакал неговото дете, во негово име, да ги води неговите политички битки. Така што, не само што нема јасен и прецизен факт дека таткото го „форсирал“ синот, како што се пишува, партиски да се ангажира, туку и нема оправдување за формулациите:

„Имало вакви валкани кампањи и порано, но никој досега не се дозволил во кампањи за свои потреби да ги вклучува и малолетните деца да шират ставови на неговата партија, никој се до Петре Шилегов сега, кој ги спушти моралните и етички граници на македонската јавна политичка сцена до самото дно, до калта“

бидејќи едноставно нема потврда дека се вистинити.

Извори на информации: Главен извор на информации се Фејсбук – постовите на малолетникот од кои потоа е извитоперена целата конструкција. Значи, неспорно е дека момчето пишувало и прашувало, што е потврдено, но проблемот е дека тоа е намерно пинувано и му се има дадено, не само партиски контекст, туку и впечаток на родителска злоупотреба.

Содржајност: Да не беше толку навредлива, содржината ќе беше жолта, таблоидска и за во рубриката со наслов: „Што прават децата на познатите во слободно време“. Но, политичко-партискиот контекст, кој му е даден на написот, во никој случај не спаѓа во забава.

„Толку мал, а толку талентиран за политика во Македонија досега немало. Тој знаел каде е милионот, ама не знаел каде е Ивона… Што ли ќе биде со ова дете кога ќе порасне? Претседател на СДСМ, да го оствари сонот на неговиот татко“.

Ваквите „содржински “формулации, барем според мене, се премногу сериозни, за така лесно да поминат без каква било реакција од новинарските здруженија.

Пристрасност: Ја има во ОГРОМНИ количества. Таа недвосмислено е од политичка природа и очигледно е дека воопшто, ама баш воопшто не се внимавало да има барем минимално ниво на избалансираност.

„Новата кампања на СДСМ за отворање фронт кон новинари и медиуми кои не се во нивна служба отиде подалеку од досегашните по своите методи и манипулации. Дури и малолетниот син на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, 14-годишниот И.Ш. е вклучен во партиската кампања на СДСМ и на неговиот татко, па на Фејсбук дели политички квалификации и оценки“.

А, некој да се потрудел да стапи во контакт со засегнатиот родител, пред ова да го напише.

Коментирање: Човек кога го чита текстот, не знае што е, дали вест, дали извештај или, пак, коментар. Ама, по речениците како:

„Шилегов за своите пропаганди во кои нема факти, туку само манипулации и клевета ќе одговара пред суд. Ќе има барање за постапка и пред адвокатската комора за да се види дали адвокат може да има и паралелана јавна функција во партија додека ја врши адвокатската работа… Ќе има и постапка за кривично дело дискриминација на новинари по професионална основа… Ќе има и друга постапка пред јавноста и пред самиот себе, а тоа е родителскиот срам заради вклучување на малолетниот син во своите партиски кампањи и пропаганди“

произлегува дека е коментар, а тоа јасно не е наведено како што нормира Кодексот на новинарите: Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот “.

Оригиналност/Плагијат: Од авион се гледа дека текстот е оригинален. Некој седнал и тоа го напишал, со силна доза на извитопереност, но, за жал, на крај не се потпишал.

Квалитет на насловот: Насловната конструкција е лоша, но ништо полоша од она што е наведено во содржината. Значи, насловот само благо нѐ „воведува“ во она што следи.

Фотографија: Покрај фотографија од портпаролот на опозициската партија искористени се и Фејсбук-постовите на неговиот син. Добро е што, иако текстот е далеку од внимателен, се имало осет за идентитетот на малолетникот.

Заклучок: Политички мотивиран текст кој во заднина нема информативен, туку само партиски мотив за пресметка со неистомисленици и тоа преку нивните деца. Навистина, што повеќе да се каже за напис кој си дозволува да каже:

„Срамно. Долно. Бедно… колку е срамно и бедно за малолетникот кој во недостаток на кадри во СДСМ решил да им ја земе работата во свои раце, уште посрамно е за таткото дење адвокат, а попладне функционер на СДСМ – Петре Шилегов“.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

делумно

извитоперени

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има, но и тие се злоупотребени

официјални

релевантни

не може да се утврди

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

одоговара на спинот од текстот

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

можеби манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

блиску е до омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести