verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Шилегов ги заборавил другите новинари што имаат фирми

on 27 - 01 - 2014       

Шилегов ги заборавил другите новинари што имаат фирми-crop-resize

Весникот на својата насловна страница излегува со крајно тенденциозен текст во кој на еден дегутантен начин се валкаат имињата на повеќе македонски  новинари. Овој наменски скроен производ се обидува да стави знак на равенство со мегаскандалот што го обелодени СДСМ, поврзан со уредничкиот двоец во една телевизија со национална коцесија, а во кој е директно инволвирана „омилената  уредничка“ на премиерот.

„Освен Талевска и Латас има уште десетина новинари во Македонија што на свое име имале регистрирано повеќе фирми и тоа на една адреса. Заборави ли портпаролот на СДСМ да ги наброи и Героски, Кабранов, Борјан Јовановски, Менче Атанасова Точи, Драган Атанасовски, Роберт Поповски… ?“

Иако не е никаков грев да се има фирма, се разбира, доколку таа работи законски и не влегува во корупциски сценарија, сепак, не може да биде

„сеедно дали тие фирми се или не активни“

како што вели со леснотија авторката на текстот. Но, настрана фактот што дел од фирмите кои се споменуваат во текстот повеќе не постојат (според реакциите на некои од споменатите новинари),  во написот се плете една спинерска приказна и притоа во ист кош се ставаат: сопственици на фирми преку кои излегуваат печатени или електронски медиум и новинарката инволвирана (преку нејзината мајка) во фирма која добила милионски владин тендер за медицинска опрема.  Ваквиот потег не само што е целосно непрофесионален, туку е и неетички. Тој се коси со повеќе одредби од  Кодексот на новинари и со назнаките во Прирачникот за етика во новинарството:

Шилегов ги заборавил другите новинари што имаат фирмиЛинк до оригиналниот напис: Шилегов ги заборавил другите новинари што имаат фирми

Датум и време на објавување: 24.01.2014, 18:26

Датум на рецензирање: 25.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Написот има сериозен проблем со вистинитоста.  Тој се базира на половични информации и непотврдени податоци  кои се пласират во јавноста како целосна вистина.

„…порталот за вести „Плусинфо“, како проектна активност на здружение за граѓани, фирмата БГ ПРЕС за издавање публикации, и порталот „Мајка и дете“ како проектна активност на здружение на граѓани во Централниот регистар се водат под едно име: на новинарот Бранко Героски. Невладината организација што го реализира „Плусинфо“ е регистрирана на иста адреса со издавачката куќа (ул. 50. дивизија бр.15-1, Скопје ). Веб-страницата на „Плусинфо“ во „Марнет“ (македонската фирма за интернет-домејни во Македонија), пак, е регистрирана на иста адреса со порталот „Либертас“, кој го води Ацо Kабранов. Kабранов е и соосновач во невладината на Героски, со уште неколкумина новинари што работата на порталот, како и сопругата на Героски, Билјана Илиќ-Героска, главно задолжена за маркетингот“

„Kабранов, кој е соосновач во здружението на Героски, си има и своја фирма – Друштво за издаваштво, маркетинг и продукција „Глинка“ ДОО, со седиште на ул. Френклин Рузвелт бр.5/А лок. 6 – Скопје. Соосновач на Kабранов е Зоран Василевски (Фаци), кој е и управител на фирмата. Неговиот портал „Либертас“ работи како проект на неговата друга невладина организација со име „Либертас“, а има и трета невладина организација „Пролиберти““

Меѓутоа, острите реакции на споменатите новинари  ги демантираат ваквите наводи

„ БГ ПРЕСС е моја фирма што го издаваше неделникот “Сега”. По згаснувањето на неделникот, фирмата е неактивна.
Издавач на порталот Плусинфо е здружението Член 16, кое не е “мое”, туку на неговите членови. Кабранов е еден од основачите. Тој и работеше во порталот, додека не го покрена Либертас. Податоците за тоа кој е издавач и кој работи во Плусинфо ги пишува во импресумот.
“Мајка и дете” е портал на мојата сопруга Биљана Илиќ. Не би имал ништо против да “се води на мое име”, бидејќи проектот е успешен и корисен, но ете, тоа е лага.
Наведената адреса на 50 Дивизија е адреса на стан – деловен простор во сопственост на мојата сопруга.“
( Бранко Героски)

„Им благодарам на колегите од Дневник што се потрудиле околу фирмите кои ги имам. Па, работите стојат вака- во Глинка сум соосновач со Зоки Фаци, а таа фирма беше за издавање на таблоидот „Крема“ и таа фирма не работи, откако „Крема“ не се издава.

Кај Геро во Плусинфо работев 3 месеци и бев во тимот, односно невладината што го издава порталот. Од кога заминав, со уште 5 колеги ја формиравме „Про Либерти“ и таа го издава порталот Либертас. Трета нема, грешка сте“ (Ацо Кабранов)

Исто така, наспроти тврдењата:

„Борјан Јовановски се јавува како основач или овластено лице во неколку невладини организации и фирми. На пример, Шилегов веројатно не знае дека тој има фирма за филмска продукција „Еуровижн“, каде соосновач е неговата колешка Сашка Цветковска. ТВ „Нова“ – интернет-телевизијата се реализира преку „Видео веб-продукција“, чиј соосновач е колешката Билјана Секуловска. Јовановски е овластено лице и во угостителската фирма „Мом-Томче Софка“, а е поврзан и со фирмата за деловен менаџмент и консултативни активности „Балкански центар – Бизнис“. Тој фигурира и во Институтот за европски интеграции И.Е.И Скопје. 

Менче Атанасова Точи, која работи за ТВ „Нова“ е поврзана со десетина фирми и со невладина организација, дел од нив се и „Римедикал“ – друштво за трговија и услуги, „Елите Софа“, „Фешн Форс“, „Акон Пајо“, Институтот „Ходници’, а и златарницата „Смарагд“ .“

Во реакциите на посочените новинари се вели:

„Како сопственик на Томче Софка ја поканувам целата редакција на Дневник со се “шишиња” од 750.000 евра да дојдат на вечера…што се однесува до Институтот за ЕУ интеграции кој го открија, чекам на претседателот Иванов да му заврши мандатот за некој месец и да продолжиме со работа таму каде што застанавме кога заедно го основавме овој Институт“. (Борјан Јовановски)

„Фирмите кои се наведени таму првпат ги слушам, освен невладината организација која ја формирав кога останав без работа во А1 телевизија и за која ги платив сите давачки но никогаш не профункцуионира. Една фирма е на мојот сопруг, не знам зашто ја спомнале, тој си работи од порано сметководство, и тоа е се.Не знам зашто ги објавиле, можеби барале под името Точи, не знам од каде ги извадиле, а колку што мене ми е познато, златарницата е на луѓе со кои јас немам никаква врска. Извинување ќе барам, ама ништo не ми значи, ќе поднесам тужба, и заедничка и приватна . Сакаа војна, ќе ја добијат.“ (Менче Точи)

Целосно висат и наводите :

„Мери Јордановска е поврзана со три фирми (едната на име на татко и, а другата на мајка и, и како соосновач на „Еуровижн’ со Борјан Јовановски) и две невладини организации – „Цитедела“, здружение за истражувачко новинарство, и Асоцијација за правата на животните.“

„Новинарката Оливера Трајковска и советничката на СДСМ во град Скопје и претседателка на градската организација на опозициската партија, Софија Kуновска, се бизнис-ортачки. Имено новинарката и политичарката имаат заедничка фирма, „Медиарт“ ДОО Скопје и тоа регистрирана уште во 2005 година. Управител на фирмата е Трајковска. Седиштето на фирмата е на улицата Христо Смирненски, бр. 54/2-24, во Скопје“

„Порталот „А1 он“ функционира преку фирмата „Онлајн медија“ ДООЕЛ, чиј основач и управител е Предраг Петровиќ.

Тоа се гледа од коментарите на  засегнатите новинари:

„Целиот текст и контекстот во кој сум ставена во таканаречениот текст во Дневник е дека Мери Јордановска е налик на Ивона, а нејзината мајка е налик на Лимба Талевска. Но има два елементи кои се многу битни. Јас не фигурирам никаде во фирмата на мајка ми која е стоматолог и има стоматолошка ординација и второ ако истражувале требале да видат дали и колку тендери добила мајка ми“. (Мери Јордановска)

„Од оснивањето на „Медиарт“ во 2005 до денес, фирмата има состојба на салдото НУЛА. Единствените движења на сметката се моите лични позајмици за да можам да си ги платам  придонесите во државниот буџет. Значи, Медиарт воопшто не работи со никаков клиент, ниту државен, ниту приватен, а тоа е јасно и од годишните пријави во УЈП, кои секако “службениот весник“ ги видел.  Дури и мојот ТВ проект, 12 години наназад и е доверен на Идеа Плус продукцијата, а не на Медиарт.“ (Оливера Трајковска)

„ А1он односно фирмата под која е регистриран порталот е фирма за медиуми, а не за медицинска опрема. Од тука секоја споредба во тој контекст е злонамерна , тенденциозна и непрофесионална. Фирмата не учествувала на ниеден тендер објавен од Владата, не зела пари од власта, ниту е финансирана од буџетот.“ (Предраг Петровиќ)

Извори на информации: Извори на информации се изводите од Централниот регистар, но потоа врз основа на селективни податоци се прави една срамна конструкција со која се манипулира јавноста.

Содржајност: Во овој фабрикуван производ е илузорно да се бара балансираност. Тој е целосно едностран и некоректен, дотолку повеќе бидејќи се работи за колеги. Забележително е дека  воопшто се немало намера да се побара изјава од личностите кои се оцрнуваат.

Пристрасност: Дезинформацијата која се пласира во јавноста со намера да се релативизира аферата со новинарката  и милионскиот тендер во здравството,  јасно покажува  наклонетост кон владејачката партија.

 Коментирање: Коментаторските елементи се проткаени  низ текстот. Такви се, на пример, констатациите од типот:

„… кога СДСМ и Шилегов ќе го исфилуваат тоа, станува сомнително се и сешто.“. 

„ Шилегов изгледа заборави да ги извади влошките од Централниот регистар каде што како сопственици, основачи или управители во повеќе компании се јавуваат и други новинари и уредници. И ги испушти во својата презентација, сеедно дали тие фирми се или не активни.“ 

„Што се однесува до нас, нека им е со среќа работата. Веројатно и Шилегов го мисли истото?“

Оригиналност/Плагијат: Материјалот е потпишан со име и презиме на авторката, пласиран е на насловната страница  и јасно сугерира на оригиналност зад која стои уредништвото на весникот.  Истиот ден текстот го пренесоа повеќе медиумиа изминатиов викенд следеше и цел серијал текстови на оваа тема.

Квалитет на насловот: Насловот е спинерски, наведувачки и заедно со поднасловот ја испраќаат манипулативната порака до читателите.

Фотографија: Текстот има илустрација од прес-конференција  на СДСМ  на која Шилегов е со прекрстени дланки и има израз на лицето како да е фатен во „тесно“. Во позадината има вметнато четири помали портрети од  тројца новинари и од претседателката на Грдаската организација на СДСМ, кои се споменуваат во написот.

Говор на омраза: Написот нема  говор на омраза. Но, тој е така интонирн што во него се препознава анимозитет кон луѓето кои се ставени на „отстрел“.

Заклучок: Во текстот што го рецензираме се забележува идејата да се „испере“ милионската тендерска флека и тоа преку нарушување на угледот на споменатите новинари со јасна интенција вниманието на јавноста да се пренасочи кон нив. Меѓутоа, како што беше јавно соопштено,  фирмите кои ги набројува весникот не се занимаваат со трговија, туку се регистрирани за медиуми. Преку овие медиуми (портали-весници) егзистенција остваруваат не само нивните сопственици, туку лебот го заработуваат и голем број новинари. За жал, авторката која со својот потпис го запечатила текстот, (не)свесно се впуштила во една срамна пресметка со своите колеги. Ова е во спротивност со  членот 16 од новинарскиот Кодекс:

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“

Вовлекувањето пак, на родителите на една од новинарките не само што е приземно и недолично, туку се граничи со безобразие. И што уште да се каже за ова лошо скроено четиво: „ме уби туѓата срамота“!


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

делумно

делумно

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

креативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести