Рецензија: Сексуално пренослива болест сее страв во Македонија
Објавено во Рецензии
on 15 - 03 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
Застрашувачка болест сее страв низ Македонија небаре епидемијата само што не е прогласена, веќе со насловот нè заплашува написот што го рецензираме. На прв поглед, информацијата е добро структурирана – имаме тема, извор, податоци, појаснување, заклучок. Но, кога внимателно ќе се прочита, ќе стане јасно дека се работи за број на лица кои на годишно ниво се регистрираат како инфицирани од бактеријата кламидија, лесно излечлива сексуално пренослива инфекција, на подрачјето на само една општина во Македонија. Всушност, кламидијата е една од многуте инфекции што вообичаено се присутни кај македонската и кај светската популација, не е смртоносна, туку излечива и тоа со лекови достапни во секоја аптека. Ако се позанимаваме малку со бројки, оние дадените во текстот, како и бројките од светските здравствени статистики, ќе видиме дека состојбата со кламидија во Штип и во Штипско ни оддалеку не е така алармантна како што текстот ја прикажува – 57 заразени од 10.000 жители се 0,57 проценти од популацијата, што е далеку под светскиот просек, кој изнесува 3,1 проценти од жителите на планетава.
Какви проблеми прави кламидијата во Македонија? Од каде е податокот дека кламидијата, од цела Македонија, е најмногу застапена во Штип? Со одговорите на овие прашања написот не се занимава, туку ги тресе од ракав. Единствено толкување би било дека се сакало од една не толку бомбастична, општинска вест, да се напумпа сензација по секоја цена.
Линк до оригиналниот напис: Сексуално пренослива болест сее страв во Македонија
Датум и време на објавување: 5.03.2015, 12:23
Датум на рецензирање: 11.03.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Во овој текст, фактите што се наведени би можеле да се сметаат за релевантни, но само за општина Штип, а не и за цела Македонија, иако е направен обид ова да се забошоти за да се креира случај од една обична излечлива бактериска инфекција. Меѓутоа, поентата на текстот се базира на коментар, односно тврдење кое не е засновано на факти, што е доволно целиот напис да изгледа нелогично и да добие епитет на непрофесионално одработена тема. Тврдењето дека
„сексуално преносливата болест-кламидија, прави проблеми во Македонија. Најмногу последниов период е застапена во Штип“
е едноставно неточна информација. За овие тврдења никаде во текстот нема поткрепа во вид на изјава од релевантен соговорник или податок од официјален извор, па останува неодговорено прашањето од каде е извлечен таков заклучок, пласиран како глава на веста. Останува зачуденоста зошто било потребно вакво спинување на фактите, кое никако не може да биде во функција на информирање на читателите без оглед во каков советодавен и загрижен тон е напишан текстот.
Написот претставува целосна копија на најголемиот дел од написот кој е излезен во „Нова Македонија“ и кој се занимава со најчесто застапените заболувања на жителите од општина Штип. Но, за разлика од оригиналот, кој е коректно изработена информација и релевантен приказ на состојбата во таа општина, бидејќи во целост образложува кои се најчестите заразни заболувања помеѓу жителите на Штип, со бројки и споредено со изминатите години, при што случаите на кламидија се бројчано најзастапени, написот кој го рецензираме презел само дел од таа информација и ја ставил во контекст на здравствената ситуација на територијата на цела Македонија. На тој начин, очигледно свесно, бидејќи не може да се заклучи поинаку од прочитаното, бројките и податоците од оригиналниот текст се искористени да се искреира лажна слика за тоа дека во цела држава владее епидемија на кламидија, дека Штип бил најзагрозената општина и дека оваа болест, како што вели насловот, веќе „сее страв во Македонија“.
Самиот наслов веднаш паѓа в очи – тој е типичен пример на сензационалистички наслов, кој намерно тенденциозно ги презентира фактите изнесени во текстот. Илустирањето, пак, на написи со „медицинска“ содржина се секогаш предизвик за уредување, при што најчесто се посегнува по неутрални слики или илустрации, кои само тематски се поврзани со информацијата. И во овој случај, фотографијата не ја дополнува или објаснува пласираната информација, туку, попрво би се рекло, служи за дополнително заплашување на публиката со „страшната“ кламидија.
Можеме слободно да кажеме дека овој текст произлегол од напорите за пронаоѓање „ексклузивни“ теми онаму каде што ги нема. Но, напорите, во овој случај, се покажаа залудни. Добивме информација која прозвучува неуверливо за секој читател кој има барем базични познавања од темата на сексуално преносливи болести.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови