verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Секоја изјава на Венизелос препеана од политичари, аналитичари и новинари во Македонија

on 26 - 11 - 2014       

FireShot-Capture-КАНАЛ-5-Телевизија-http___kanal5.mk_vesti_detail_asp_ID53818-crop-resize

 

Дежурната теза за новинари и за опозиционери-предавници во текстот кој го рецензираме изгледа како да е истретирана „во ракавици“. „Некои политичари“, „одредени новинари, аналитичари“ – ова е адресата на која се упатени сериозните обвинувања дека тие работат во корелација со грчките власти и на тој начин ѝ наштетуваат на Македонија.

Сè во овој текст и ТВ-прилог е проблематично: нема извори, но има произволни квалификации, отворена пристрасност, коментирање маскирано во информативна обланда и очигледен мотив за дискредитација на неистомисленици на власта. За „вината“ – предавство, како докази се „нудат“ изјавите на овие лица, кои зборуваат за недостигот од демократија во Македонија, неслободни медиуми, потребата од ограничување и контрола на политичката власт, споредени со изјавата на грчкиот министер за внатрешни работи Евангелос Венизелос, кој во својата изјава за Македонија, исто така вели дека вистинскиот проблем на нашата земја бил „внатрешен и институционален, проблем на демократијата и почитувањето на владеењето на правото“.

Читателите/гледачите, според ова, се наведени да заклучат дека секој кој во Македонија ја критикува власта, особено доколку во своите изјави и настапи се допира до темата за недостиг на демократијата, потребата од владеењето на правото, слободата на медиумите и слични „антивладини“ и „непатриотски“ теми, тој по автоматизам станува своевиден послушник и соработник на грчката официјална политика, во случајов на министерот Венизелос. Без оглед колку апсурдна и да е ваквата, „суптилно“ спакувана теза, таа е само уште еден спинерски прилог во кампањата за јавен отстрел на политичките опоненти на актуелната владејачка гарнитура.

Рецензија: Секоја изјава на Венизелос препеана од политичари, аналитичари и новинари во МакедонијаЛинк до оригиналниот напис: Секоја изјава на Венизелос препеана од политичари, аналитичари и новинари во Македонија

Датум и време на објавување: 14.11.2014, 15:01

Датум на рецензирање: 24.11.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Написот не нуди ниту еден податок кој би ја оправдал тезата дека личностите кои ја критикуваат Владата за внатрешно-политичките состојби во земјата во време кога на истата тема истапи имаат и официјални претставници од Атина, автоматски работат во содејство со грчките власти.  Сепак, тоа очигледно не било пречка ваквите паушални тврдења да ѝ се сервираат на публиката како факти.

„Не само за името, туку и за внатрешната политика и државата, новинарите кои себеси се нарекуваат демократи и пишуваат за недостиг на слобода во Македонија, веднаш по секоја изјава на грчките политичари, само ги повторуваат и преувеличуваат нивните тези.“

Со ова се имплицира дека личностите од опозицискиот СДСМ или новинарите од медиумите кои се критички настроени кон власта, секогаш кога ја критикуваат власта, работат во полза на Грција. Не затоа што имаат право на различно мислење и право да посочуваат на внатрешно-политичките проблеми во државава, туку затоа што нивните истапи временски се совпаѓале со изјавите на грчките политичари. Ова звучи апсурдно и не може да се прифати како точен и вистинит факт.

Не треба посебно елаборирање на ставот дека написот и прилогот не го задоволуваат минималното ниво на сеопфатност. Обвинувањата не се поткрепени со факти, а втората страна само формално е присутна – на личностите извадени на тапет по име и по презиме изјавите кои им се цитирани се користат токму како аргументи во прилог на тезата: „предавник си ако ја критикуваш Владата“. Проблемите со меѓуетничките односи и внатрешната кохезија и проблемите со слободите и со демократијата во Македонија навистина се користат од страна на Венизелос за да се прикаже дека Македонија нема само надворешен (со Грција) туку и многу внатрешни проблеми, но читателите се наведени да заклучат дека кога на нив аргументирано укажува опозицијата, тоа нив ги прави предавници.

„Со ова само се потврдува улогата на медиумите блиски до опозицијата дека името и идентитетот не е единствената тема која ги поврзува со политиките на официјална Грција и целта на владата на Самарас да покаже дека Македонија нема само проблем со името за влез во ЕУ туку и во внатрешната политика и односите со соседите.“

Од прв до последен ред, нескриена е пристрасноста кон актуелната политичка гарнитура на власт во овој напис, исто онолку колку што е нескриен и анимозитетот кон нејзините критичари. Извртувањето на вистината, според тоа, е нешто што не изненадува во вакви написи.

Воопшто не е сокриена интенцијата за дискредитирање на личностите кои се наведени дека „препејувале“ тези и ставови на Венизелос. И додека во текстот нема имиња, што е интересен пристап, со оглед дека во медиумите кои ги афирмираат ставовите на власта и во кои веќе подолго време се „развлекува“ истата теза, тие поименично се наведувани, на слајдовите во ТВ-прилогот течат изјави на Радмила Шекеринска, Зоран Заев, Борјан Јовановски, Бранко Геровски, Ерол Ризаов, Љубомир Фрчкоски, Јадранка Костова, па гледачот или читателот може точно да се информира на кои тоа „предавници“ се мисли. Под плаштот на „аргументираноста“ – цитираните изјави на „предавниците“ – овој напис глуми објективна критика, како противтежа на отворените напади и дискредитации, кои речиси синхронизирано се одвиваат на други провладини медиуми.

Накусо кажано, пред нас имаме наменски текст и ТВ-прилог со непостоечка информативна компонента, всушност, коментар пласиран како информација, чија единствена употребна вредност се состои во капацитетот да дискредитира политички опоненти на власта.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

нема извори

нема извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести