verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Се зголемува бројот на откриени случаи на корупција

on 19 - 02 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

02172014-Korupcija-MVR-Dnev-crop-resize

Зошто постојат медиумите и методологиите за новинарска „обработка” на медиумски вредните настани, ако уредниците во медиумите пренесуваат соопштенија и статистики од билтени од буква до буква – без неопходната новинарска дистанца, без агол на медиумска опсервација соодветна на уредувачкиот концепт?

Денес, кога секоја организација има свој веб сајт каде што си ги пласира значајните информации, уште повеќе до израз доаѓа улогата на медиумите кога ги преземаат тие информации. Медиумската обработка на информациите вредни за објавување и од интерес за јавноста од еднострани стануваат повеќезначни: јазикот на информацијата, кој најчесто е бирократски или високо стручен, станува јасен и прифатлив за широката публика, а статистиките, кои така поставени како што ги поставуваат организациите, компаниите или јавната администрација се нечитливи, со медиумска постапка стануваат едноставни слики кои им даваат јасна порака на читателите, гледачите или слушателите.

Оттаму, сметаме дека со право рецензираме медиумска содржина која не испочитувала ниту една од овие препораки за медиумска анализа на информации, туку е само пренесена со копи/пејст. Тоа ја прави таквата вест некорисна за публиката.

02172014-Korupcija-MVR-DnevЛинк до оригиналниот напис: Се зголемува бројот на откриени случаи на корупција

Датум и време на објавување: 16.02.2014, 13:32

Датум на рецензирање: 18.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Со оглед на тоа дека се работи за копи/пејст пренесување на содржина од една јавна институција каква што Министерството за внатрешни работи, немаме основа да се сомневаме дека информациите во оваа административно организирана информативна содржина се вистинити. Навистина е штета што медиумот што ја презел оваа информација не ја направил поблиска и поразбирлива за читателите преку соодветен и разбирлив новинарски јазик и стил.

Извори на информации: Наднасловот на оваа медиумска содржина недвосмислено го сугерира изворот на информацијата – МВР (Министерство за внатрешни работи). Тоа лесно може да се провери со пребарувањето на сајтот на министерството каде што овој извештај е објавен под наслов „16.02.2014 Извештај од областа на класичната корупција за 2013 година – Откриени 25 случаи на класична корупција, а кривично пријавени 57 лица“.

Дотука, изборот на медиумот да опсервира извештај на едно владино тело е во ред. Бездруго во таа информација има интересни показатели, но како што рековме во воведот на оваа рецензија, пропуштена е шанса, наместо копи/пејст на информацијата, таа медиумски да се обработи.

02172014-Korupcija-MVRСосема вообичаена и очекувана постапка би била извештајот да го толкува некој од министерството. Додадена вредност на медиумски соодветно опсервирана информација ќе беа коментарите на некој независен експерт, но тоа се пропуштени прилики кои би му дале една сосема друга димензија на тој извештај и секако би ја исполните функцијата на содржајност и сеопфатност.

Содржајност: Од аспект на министерството оваа информација ја исполнува својата намена. Ова владино тело не мора да објавува информации со журналистички стил. Тоа е работа на новинарите. Она што оди во прилог да тврдиме дека е навистина пропуштена шансата медиумски да се обработат информациите, се интересните показатели за трендовите на класичната корупција од аспект на постапките што против овие појави го преземало Министерството за внатрешни работи во извештајниот период.

Во прилог на нашето тврдење дека е пропуштена шанса на овие податоци, во извештајот на МВР, да им се даде „живот“ упатуваме и на препораките што произлегуваат од теоријата и од медиумската пракса, како што е наведено во публикацијата „Прирачник за пишување за печатени медиуми“ (МИМ,2005 г.). Примарни се оние извори што ја „поседуваат“ информацијата и најчесто тоа се личности, кои, освен што тие информации можат да ги испорачаат како факти, можат и да ги толкуваат. Примарни можат да бидат и документите и архивите што содржат информации кои имаат пресудно значење за медиумската информација. За разлика од поголемиот број „живи“ извори како примарни, секундарните извори во поголем број се пишани документи, извештаи, годишници… Секако, тие се релевантни извори, само што, како што вели Вилијам Гејнс во „Прирачник за пишување за печатени медиуми“ (МИМ,2005 г.):

„Документите се циглите во градбата наречена медиумска сторија, додека, пак, исказите на луѓето се малтерот што ѝ дава цврстина на таа градба“.

Пристрасност: Освен што копи/пејст новинарството го пренесува административниот јазик од документите на јавните служби, таа постапка оддава и една не баш соодветна карактеристика за медиумот во однос на неопходната дистанца што редакциите мораат да ја применуваат кога пренесуваат информации без медиумска обработка. Во таа насока членот 14 од Кодексот на новинарите препорачува:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Заклучок: Во заклучокот на оваа рецензија ќе се поставиме во улога на читатели на оваа медиумска содржина за да опишеме можна реакција на бројките кои ги опишуваат трендовите на корупција и акциите на полицијата во 2013 година. За да бидеме попрецизни, ќе ги пренесеме првите два пасуси од содржината. Во првиот се вели:

„Во делот на класичната корупција во текот на минатата 2013 година евидентирано е зголемување за 19% по однос на регистрираните и откриени кривични дела во оваа област од криминалот за 2012 година.“

Прашањето што во однос на овие воведни напомени може да си ги постави читателот е дали оваа бројка на откриени кривични дела за корупција се резултат за растечките трендови на корупција или на поголемата ефикасност на полицијата. Коментар на некој овластен за овие прашања ќе ја расчитеше оваа дилема. Или следниот цитат со многу бројки:

„Откриени се девет (11) дела  „примање поткуп“ и за истите се пријавени 14 (15) сторители,  девет (осум) дела „давање поткуп“ за кои се пријавени 26 (13) сторители, пет (две) дела „противзаконито посредување“ за кои се пријавени 13  (двајца) сторители и  две дела (/) „поткуп при избори и гласање“ за кои се пријавени четворица сторители.“

Што се бројките во заградите? Во копи/пејст постапката на уредниците на медиумот, пропуштена е легендата на крајот на изворниот текст на МВР каде што јасно стои дека податоците во заградите се однесуваат на 2012 година. Тоа е сериозен пропуст.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести