Рецензија: СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?
Објавено во Рецензии
on 29 - 09 - 2013 Автор: Југослава ДуковскаШпекулацијата на МАКТЕЛ за вклучувањето на познатиот британски новинар и моќен ПР експерт, Алистер Кембел, во тимот на опозиционата СДСМ очигледно беше доволно атрактивна провокација таа и на овој портал да се пренесе во целост, иако стануваше збор за шпекулација од само еден анонимен извор и тоа од конкурентската ВМРО-ДПМНЕ.
Непроверената и со ништо непоткрепена шпекулација со сугестивен наслов „СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?“ набргу беше демантирана од страна на самата личност за која станува збор, а со тоа сериозно е доведена во прашање кредибилноста на медиумот кој објавува непроверени информации и користи нерелевантни извори.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?
Датум и време на објавување: 24.09.2013, 18:58
Датум на рецензирање: 26.09.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Написот воопшто не се темели на факти, туку само на шпекулации што потекнуваат од друга портал, а овде се пренесени од збор до збор. За тоа колку неточни и неверодостојни се фактите изнесени во веста, речито говори и демантот кој пристигна од самиот Алистер Кембел. Тој преку својот Твитер профил објави дека не е ангажиран од страна на СДСМ.
Извори на информации: Изворот што е цитиран овде е порталот МАКТЕЛ, кој, пак, се повикува на извори од ВМРО-ДПМНЕ за кои тврди дека „во неколку наврати се покажале како веродостојни“. На читателот му е оставено самиот да процени дали во иднина ќе му верува на медиум што се потпира на вакви несигурни извори на информации.
Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи новинарот се потпира само на еден, анонимен извор, кој му пласира шпекулација без конкретен доказ. Нема обид да се доистражи тврдењето или да се потврди и од друг извор.
Пристрасност: Написот пласира невистина и се обидува да манипулира со неа, но во заднина се наѕира и намерата на изворот да манипулира со новинарот, односно медиумот, за сопствени политички цели.
Коментирање: Почнувајќи уште со насловот, коментирањето е составен дел на написот.
Квалитет на насловот: Во насловот е содржана самата шпекулација, која потоа е демантирана.
Заклучок: Шпекулации за атрактивни теми што ги засегаат најголемите политички играчи се секогаш и секаде високотиражни четива, па веста дека познатиот британски ПР експерт, заслужен за изборните победи на Тони Блер во Велика Британија, доаѓа да го зајакне тимот на опозиционата СДСМ, заедно со сугестивниот наслов, гарантираше видливост и читаност за медиумот кој го објави. Во овој случај, медиумот што пренесе шпекулација од друг портал, упадна во стапица на избрзано и некритичко прифаќање на непроверени информации „од доверливи извори“ без да води сметка за тоа дека пренесува шпекулација исклучиво базирана на проблематичен (конкурентски) извор. Ниту едниот, ниту другиот медиум не направиле обид информацијата да се провери во самата СДСМ или кај Алистер Кембел. Демантот од Кембел дојде како казна за објавувањето на неиздржана и неточна вест и за порталот кој ја објави и за оној што ја пренесе.
За еден медиум да објавува вакви шпекулации или пикантерии и заткулисни случувања, потребно е многу повеќе да се помачи за да ги пронајде и да ги одржи вистинските извори, кои, иако анонимни, продуцираат релевантни и во најчест случај точни информации. На тој начин се гради довербата на читателската публика, која и во иднина со поголема доверба ќе му приоѓа на целиот материјал кој тој медиум го објавува. Точните шпекулации за еден медиум значат искачување на скалилото на популарноста, но затоа пак неточните или „проѕирни“ заткулисни вести се како пукање во сопствената нога.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални, аноними
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
невистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
креативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови