verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: СДСМ се враќа на своите стари навики за организирање протести

on 17 - 12 - 2013       

СДСМ се враќа на своите стари навики на организирање протести-crop-resize

Нов текст во низата за кој е очигледно дека нема за цел да информира, туку да го напаѓа политичкиот неистомисленик. Повторно се среќаваме со терmини „експерти“, секако неименувани, повторно наидуваме на непоткрепени констатации, повторно читаме за „црни сценарија“ од опозициската кујна! Значи, во оваа своевидна „турли-тава“ имаме сѐ освен вистинско новинарство. Текстот не успева да одговори речиси на ниту еден професионален стандард, а за особен предизвик при неговото обликување воопшто и не треба да зборуваме. Едноставно, овде се работи за класична грешка – политички памфлет кој „некако“ се протнал како медиумски производ.

СДСМ се враќа на своите стари навики на организирање протестиЛинк до оригиналниот напис: СДСМ се враќа на своите стари навики за организирање протести

Датум и време на објавување:  11.12.2013   13:18

Датум на рецензирање:  14.12.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост:  Многу е тешко да се утврди дали ја има. Основната теза на која се базира текстот е дека опозицијата е таа која ги поттикнува протестите во земјава. За поткрепа не се нудат адекватни докази, туку се прави обид, фактот дека  социјалдемократите се на терен за да ја презентираат новата програма, директно да се поврзе со демонстрациите на стечајците пред парламентот во Скопје. Единствен аргумент, ако може така да се нарече, за ваквото пласирање на информација е дека СДСМ-овскиот карван, при промовирањето на програмата, меѓу останатите, се сретнал и со претставници на стечајците. Никаде нема изјава или потврда од споменатите инволвирани страни дека тоа е така. Всушност, самите стечајци, кои со години бараат закон за регулирање на нивните права, во ниту еден момент во текот на последниот протест не му дадоа политичка обоеност. Ако за „грев“ се зема срдечното ракување на еден од лидерите на стечајците со вториот човек на СДСМ, што е доста симптоматично, тогаш зошто во текстот никаде не се поставува прашањето: Што би добил стечаецот од тоа, затоа што власта не е кај тој со кого се поздравува, туку е во други раце? Одговорот е зашто владата досега не покажала дека има слух за барањата на стечајците и затоа ним им останува само опозицијата, како инструмент за артикулација на нивните барања, која пак периодично го отвора нивното прашање во Собранието. Ваквата ситуација не го оправдува тврдењето дека:

„Покрај промоција на своите мерки, СДСМ  се враќа на своите стари навики да организира протести. Денес пред Собранието на Република Македонија се одржа протест на стечајците претежно од Куманово, истите оние кои вчера одржаа средба со Радмила Шекеринска“.

Извори на информации:  Јасно наведени извори нема. Наместо тоа, пак, се забележуваат неименувани извори кои, како што се вели, „мерките на СДСМ ги оцениле како нереални“. Се споменуваат и негативни критики на јавноста за програмата на опозицијата, повторно без адекватна аргументација, бидејќи ниту има бројки од некакво истражување на јавното мислење за новиот пристап на СДСМ, ниту барем вообичаена теренска анкета.

Содржајност: Ако користиме систем на бодување, на скалата од 1 до 5, каде 5 е највисоката оценка, овој текст од аспект на содржајност би добил 2 и тоа само поради употребените фотографии кои се користат како своевиден доказ за тајната спрега СДСМ-стечајци. Инаку, фотографиите се објавени на официјалната страница на СДСМ и оттука се наметнува дилемата кој, доколку е „кабает“, би си ставал „фотки“ со кои јавно би потврдил дека е „мозок“ на протест на стечајци.

Пристрасност: Со премногу пристрасност се компензира за премалку содржина и вистинитост.

Коментирање: Забележливи се несоодветни и непоткрепени обиди за коментирање како:

„Исто така, симптоматично е  што откако ја презентираа својата програма во Прилеп дел од тутунарите најавија дека ќе протестираат. Протестот на тутунарите и обидот да се креира слика на незадоволство помина неуспешно, па затоа СДСМ се сврте кон стечајците кои денес се собраа пред Собранието на Република Македонија“.

Оригиналност/Плагијат: Познат е порталот на кој е објавен овој напис, но не и авторот. Отсуството на авторство го засилува впечатокот за отсуство на оригиналност.

Квалитет на насловот: Сензационалистички формулиран, без притоа да ја оправда својата сензационалност. Јасна е тенденцијата да ги наведе читателите на „патот,“ кој претходно е утврден.

Фотографија: Трите застапени фотографии, од кои две преземени од сајтот на СДСМ, се искористени како еден од главните аргументи за наводна поврзаност меѓу опозицијата и протестите во земјава. Ниту сликите, исто како и текстот, не успеваат во тоа докрај да уверат.  

Заклучок: Неуверливи тези и уште понеуверливи заклучоци дополнително политички „обландирани“. Некој се зафатил да работи сериозна тема, но тоа го направил лошо, без поголем сериозен истражувачки напор. Текстот не успева да одговори на сериозните предизвици кои „можеби“ биле поставени при неговото планирање и затоа се добива ваков спин-производ.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

ја дополнува намерата за „спинување“

манипулира

селективно наведен автор (извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски неуреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести