verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: СДСМ обвинува за нерегуларности-сценарио за делегитимирање на изборите во недела!?

on 22 - 03 - 2013       

Нецелосен и спинуван извештај за прес-конференција на опозициска партија, во кој авторот очигледно се приклонува кон тезата на спинот и ја атрибуира на неименуван извор наречен „експертската јавност“.

Рецензија: СДСМ обвинува за нерегуларности-сценарио за делегитимирање на изборите во недела!?Линк до оригиналниот напис: СДСМ обвинува за нерегуларности-сценарио за делегитимирање на изборите во недела!?

Датум и време на објавување: 20.03.2013, 19:14:50

Датум на рецензирање: 20.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот оперира со факти, чија точност и веродостојност не може прецизно да се утврди, поради тоа што наводите соопштени на прес-конференцијата на СДСМ се спинувани.

Извори на информации: Во текстот се користени три извори: пратеникот Игор Ивановски од СДСМ и партијата ВМРО-ДПМНЕ во својство на официјални извори и неименуван извор наречен „експертска јавност“, на која се атрибуира изјава на која се потпира централната теза на написот, која се содржи и во насловот – сомневањето дека СДСМ спроведува сценарио за делегитимирање на изборите. Тоа делумно ја доведува во прашање и релевантноста на изворите.

Содржајност: Написот е несеопфатен и не соопштува факти битни за настанот. Така, некои медиуми, во време пред објавениот прилог на Алфа, објавија доказен материјал со кој СДСМ ги поткрепува своите обвинувања дека фантомски гласачи од Мала Преспа се вселени во станови во Скопје, за да гласаат на изборите: список на станари на една иста адреса, список на станови со конкретни адреси, фактура за закупнина и видеомaтeријал од снимени станари во еден таков стан. Еве неколку линкови од други медиуми каде што се презентирани овие докази: Бриф, 24вести и A1он.

Свесно или не, авторот ги прикрива овие докази. Не е спомнат и јавно соопштениот факт дека опозицискиот СДСМ за овој случај поднел кривична пријава против министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Пристрасност: Написот делумно ја прикажува вистината, односно не известува за доказниот материјал што го презентира СДСМ за настанот што го опишува како скандал. Наместо тоа, атрибуирано на неименуван извор наречен „експертска јавност“, авторот пренесува класичен спин:

„Експертската јавност неколку пати досега предупреди дека обвинувањата на СДСМ се дел од сценариото за непризнавање на изборните резултати. Социјалдемократите денеска без конкретен одговор дали навистина овие активности се во насока на изнаоѓање алиби за поразот на изборите“.

Немаме никакво објаснување за тоа кој конкретно во „експертската јавност“ и со какви аргументи предупредил дека СДСМ бара „алиби за поразот на изборите“. Во прилогот нема ни доказ дека Ивановски е директно прашан да одговори на оваа теза, за лесно приклонувајќи се кон неа, авторот да заклучи дека пратеникот на СДСМ немал „конкретен одговор“ за тоа. Во таа смисла, детектираме политичка пристрасност на овој напис.

Дополнително, авторот ја брани тезата, со тврдењето дека „до сега од ОБСЕ е објавен само еден извештај во кој немаше констатирано нерегуларности во предизборниот период“. Ова тврдење е непрецизно и не соодветствува со реалноста – факт е дека шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ се огласи еднаш, но не со извештај, туку со прелиминарни оценки и со јасна најава дека финални оценки ќе бидат дадени во извештаите по изборниот ден. Според тоа, непрецизно и произволно е да се каже дека набљудувачите оцениле дека „немаше констатирано нерегуларности во предизборниот период“.

Коментирање: Спомнатиот спин, интегриран во наводното тврдење на „експертската јавност“, практично, е коментар на авторот на прилогот. Во принцип, авторот има право на коментар, но должен е јасно и прецизно да го презентира како сопствено мислење, во посебна за тоа прилагодена форма (стенд-ап во прилогот, на пример).

Квалитет на насловот: Соодветно на централниот спин во написот, насловот е тенденциозен и тешко е да се заклучи дали тој информира или дезинформира – неговата задача е веднаш да ја постави основната теза што ја брани авторот во овој прилог.

Заклучок: Промислено или не, сеедно, авторот на текстот лесно се приклонува кон спин тезата дека наводниот скандал што го открива СДСМ е наводна подготовка за алиби за пораз на изборите. Тој спинот го прикрива, атрибуирајќи го на неименуван извор наречен „експертска јавност“. Да се пласира вакво тврдење во финишот на изборната кампања, без соодветни докази и без развиена дебата во прилогот на таа тема, е постапка која се коси со новинарската етика и со декларираната независна уредувачка политика на медиумот.

Рецензија: СДСМ обвинува за нерегуларности-сценарио за делегитимирање на изборите во недела!?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести