verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Сарачини: Трансферите од дијаспората да се конвертираат во конкретни инвестиции

on 17 - 01 - 2014       

Plotna-saracini 003-final-crop-resize

Пред само нешто повеќе од еден месец, на истото ова место, рецензиравме вест од истиот медиум, кој го цитира истиот овој политичар како кажува целосно неточни податоци за познати економски показатели без момент пауза, иако погрешните податоци едноставно мораа да предизвикаат сомневања.

Сега, само 6 недели подоцна, повторно се наоѓаме во сосема иста ситуација. Повторно истиот медиум го цитира истиот политичар, како повторно кажува исто неточни, но добро познати податоци за уште подобро и пошироко познати економски показатели, кои повторно не предизвикале ни момент пауза пред да се објават.

Со оглед на фактот што и во двата случаи станува збор за вести објавени од страна на националната информативно-новинска агенција, и оваа вест, исто како и онаа пред шест недели, некритички и без никаква проверка повторно е преземена од редица медиуми, пред сѐ, портали.

Plotna-saracini 003-finalЛинк до оригиналниот напис: Сарачини: Трансферите од дијаспората да се конвертираат во конкретни инвестиции

Датум и време на објавување: 16.01.2014, 14.58

Датум на рецензирање: 16.01.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Еве го проблематичниот цитат:

„Министерот Сарачини ги посочи официјалните статистички податоци според кои во 2012 година приватните трансфери од странство во државава изнесувале околу 1,6 милијарди евра или 20 отсто од бруто домашниот производ.

– Овие приватни трансфери се за 8 до 10 отсто поголеми од директните странски инвестиции и целта е тие да се конвертираат во конкретни инвестиции со што ќе се отворат повеќе работни места што пак ќе донесе и поголем економски развој. Министерството за економија со Агенцијата за странски инвестиции, општините и стопанските комори ќе продолжат да работат во оваа насока и очекувам во следниот период и официјализирање на вакви инвестиции од дијаспората во тетовскиот регион, рече Сарачини.“

Како и минатиот пат и овојпат, главниот проблем е вистинитоста. И повторно, секој оној малку од малку што ги следи економските показатели, и тоа особено економскиот показател за нивото на странски директни инвестиции (СДИ), показател кој веројатно најмногу и најчесто е спомнуван од актуелната власт, точно знае дека приватните трансфери во никој случај не можат да бидат само за „8 до 10 отсто поголеми од директните странски инвестиции“.

Ова значи дека ако приватните трансфери се 1,6 милијарди евра (поточно 1,63 милијарди евра) тогаш СДИ би требало да бидат меѓу 1,47 и 1,5 милијарди евра. Се разбира, ова едноставно не е можно и никогаш не се случило во земјава, а најверојатно нема ни да се случи барем во следните 15-20 години. Највисокото ниво на СДИ во Македонија се случи во 2007 година кога СДИ изнесуваа 506 милиони евра, како што покажуваат податоците на Народната банка на РМ (Мајкрософт Ексел датотека за преземање), додека во 2012, годината со која се прави споредба со приватните трансфери, СДИ изнесуваа минорни 72 милиони евра или 22 пати помалку. Лани состојбата е нешто подобра и СДИ за првите 9 месеци од 2013 изнесуваат 208,8 милиони евра.

Се разбира, имајќи ја предвид разликата меѓу фактичките бројки и оние што ги кажува Сарачини во својата споредба, јасно станува дека со износ на СДИ од 1,47 до 1,5 милијарди евра Македонија ќе беше глобално инвестициско чудо невидено на планетата Земја. И повторно, исто како и пред 6 недели, не ни останува ништо друго освен да истакнеме дека со само минимално познавање на состојбите, ваквата споредба на министерот требало да предизвика аларм при изработката на овој извештај. Но, и овојпат, како и претходниот ништо такво не се случило.

Извори на информации: Официјални извори и новинар на лице место.

Содржајност: Текстот нема проблем со содржајноста, ако се тргнат настрана неточните податоци, но и уште еден проблематичен навод за кој говориме веднаш подолу во следната рубрика.

Квалитет на насловот: Тој е проблематичен. Тој е најверојатно несреќно избран или е резултат на пристрасност, но ова нема начин да се потврди. Што е тука проблемот? Насловот гласи „Сарачини: Трансферите од дијаспората да се конвертираат во конкретни инвестиции“ и е изведен од изјава на министерот Сарачини, која пошироко гласи:

Цел ни е и приватните трансфери од странство во државава да се конвертираат во конкретни инвестиции со што ќе се отворат повеќе работни места.“

И сѐ би било во ред кога оваа изјава би имала смисла. Но, за жал, таа нема смисла. Од ова произлегува и дека целата конференција немала смисла зашто оваа изјава е, всушност, една од главните премиси за организирање на целата конференција со иселениците.

За што станува збор? Многу едноставно. Приватните трансфери на иселениците, или дознаките, едноставно нема начин да се конвертираат во конкретни инвестиции. Такво нешто е невозможно. А, невозможно е зашто тие по правило се мал дел од месечната заработувачка на емигрантите, во просек изнесуваат под 500 долари месечно и тие во огромен дел се трошат за основни потреби на членовите на семејствата кои останале во земјава, како што се храна, образование, облека и друго, но никако за инвестиции. Книгата со наслов Remitances: Impacts and Prospects (Дознаки: влијанија и можностистр. 88-91 – ПДФ датотека за преземање) во издание на Светската банка вели дека редица истражувања покажале оти над 80 отсто од средствата од приватните трансфери се користат за секојдневна потрошувачка, додека само мал дел за инвестиции какви што се обработливо земјиште и градење или доградба на домови.

Има цел куп студии на Светската банка, како оваа, на пример, во која се вели дека најголем број од дознаките се под 1.000 долари (45.000 денари – страница 10 во студијата), но кога станува збор за просекот тие се под 500 долари. Сите студии на Светската банка, исто така, кога мерат колку проценти од сумата треба да се плати за трансферот на парите од една во друга земја, како појдовна основа земаат износи од 200 и многу поретко од 500 долари. Како што секому му е јасно, во една европска држава како Македонија со вакви суми на пари не може да се инвестира во ништо.

Извесни заштеди на иселениците сигурно би можеле да се инвестираат, но тоа се заштедите, а не приватните трансфери или дознаките за кои говори министерот и за кои се говори во насловот на овој текст.

Имајќи го сето ова предвид, се доведува во прашање целата логика за организација на оваа конференција чија основна премиса е приватните трансфери да се претворат во инвестиции, но тоа во овој текст воопшто не е проблематизирано. Најверојатно такво нешто е премногу да се бара, кога не се знаел ни соодносот меѓу приватните трансфери и СДИ.

Заклучок: И што да се каже после сето ова. Единствено што можеме да истакнеме е да го повториме советот од минатиот пат. Бројките треба да се проверуваат без оглед кој ги кажал и секогаш да се стават во контекст: Можно ли е СДИ да бидат само 8-10 отсто пониски од приватните трансфери, ако трансферите изнесуваат 1,6 милијарди евра? Одговорот е, секако, не. И тоа без оглед дали тоа го кажува министер или премиер или претседател.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

лажни информации

Не може да се утврди

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

нелогичен

некреативен

несензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести