verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Рангелова и возврати на Шеќеринска на Фејсбук!

on 17 - 03 - 2014       

25-0987-00998000-crop-resize

Не ми е јасно, а верувам и на публиката, што сакало да се каже со овој текст. Дали да информира, дали да коментира, дали да фали едни и куди други, дали да објасни една тема или загатне друга, дали само да спинува… Навистина збунувачки, нешто како „сакам кажам незнам речам“. Најверојатно, а мораме да нагаѓаме, бидејќи написот е тотална мистерија, требало „нешто наменски“ да се одработи, но тоа е премногу дилетантски сторено. Дури зачудува и, така да ја наречеме, неподносливата леснотија со која некој се впуштил во таков „амбициозен“ проект налик на низата други потфати пласирани од серија медиуми, без претходно да се обиде да научи или барем разбере што е новинарска реченица, мисла, поставување теза, градење текст, нудење содржајност. Веќе на самиот почеток можеме да ја кажеме конечната оценка, ама, сепак, тоа да го оставиме за на крајот. А, во меѓувреме да видиме што се недостасува во просторот помеѓу.

2Линк до оригиналниот напис: Рангелова и возврати на Шеќеринска на Фејсбук!

Датум и време на објавување:  10.03.2014  07:25

Датум на рецензирање: 14.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

НЕ МОЖЕ ДА СЕ „ПОФАЌААТ КОНЦИТЕ“

Се тргнало од една, ај така да ја наречеме, појдовна точка – дека политичарка од владејачката партија преку Фејсбук ѝ возвратила на видна опозиционерка, а сѐ завршило на трето место. Имаме јасно отсуство на главна водилка во текстот, а со тоа и губење на нормален тек на содржината. Читајќи, се добива впечаток како неколку пати да сте „транспортирани“ од едно на друго место. Едноставно кажано, не може да се „пофаќаат“ конците. Како своевиден „влез“ е искористена Фејсбук-конверзацијата за веднаш потоа работата да се префрли на обвинувања кон опозиционерката дека „ужива во лускуз, дека рента станови, дека не и е грижа за другите“… Па, ако тоа не е доволно имаме „враќање во минатото“ десет години наназад за време на кампањата за територијалната поделба, која, како што се тврди, граѓаните не ја забораваат, а јас не разбирам каква тоа има врска со сегашноста. Па, пак, „назад во иднината“ каде повторно се зборува за „лусксузот“ на опозиционерката и како тоа таа „не им го објаснува на граѓаните, а изјавува дека бара исти права за сите“. Па, доаѓа осуда за тоа како спомената политичарка одговорила на социјалните мрежи за наводни скандали, па „шлагот“ – извадок од прес-конференција на владејачката партија, која ја обвинува за поврзаност со владини тендери што ги добивале незјини роднини, иако жената веќе 7 и пол години не е дел од владата!?

 

„НОВИНАРСКА ПАПАЗЈАНИЈА“

Значи, направено е едно нафрлање на штури информации меѓусебе поврзани со коментаторски елементи, хронолошки несредени и ете добитна комбинација за „новинарска“ папзјанија која има главна задача да се обиде да дискредитира политичар кој не е по мерка на власта, но притоа во ниту еден случај не се внимавало, а најверојатно тоа ниту била идејата, на професионалните стандарди. Оттука, наместо објективна, имаме партиска перцепција на вистината.

Притоа, една од главните причини за таквиот впечаток е неизбалансираноста на искористените извори. Проста математика – од едната страна е само една политичарка и нејзин кус фејсбук-статус, а од друга официјална позиција на владејчката партија соопштена на прес-конференција, која ја прозива таа иста политичарка и плус мислење на функционерка на таа иста владејачка партија изнесено на социјалните мрежи. 2:1. Да се побарал став од опозицијата можеби и „битката“ би била поизрамнета. Нормално, дека тоа се одразува и во појавата на пристрасност која „дебело“ превагнува на едната страна.

 

КОМЕНТАР БОЖЕМ ВЕСТ

Навистина, веќе себеси самиот сум си досаден, но морам да повторам дека членот 13 од Кодексот на новинарите вели:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

И изгледа дека уште многу пати ова ќе се повторува, бидејќи упорно нѝ се сервираат т.н. „вести“, ама божем не се распознава дека се осврти. Па, уште вака стилски „дотерани“…

Продолжува политиката на овој медиум текстовите да ги „авторизира“ само со името, но не и презимето на творецот. Како и да е, поради присутните коментаторски „проблесоци“ се наметнува заклучокот дека материјалот најверојатно е оригинален. Употребената насловна конструкција е дури и „воздржана“ во однос на содржината на текстот. Кусо се нотира дека едната ѝ возвратила на другата политичарка. Би рекле релативно коректен наслов.

Конечната оценка ја загатнавме на почетокот, а во продолжението ја образложивме и време е да ја кажеме. Лош текст, кој им робува на нечии директиви, а не на професионалните стандарди, четиво кое не нуди провокација, ниту покажува новинарска ангажираност, кое намерно ги меша коментарот и веста и се обидува да ја замае јавноста.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

извитоперени

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести