Пропуштена шанса за објективна анализа
Објавено во Рецензии
on 19 - 08 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: И пописот по кој плачеа сега им пречи]
Сторија на една актуелна тема, во случајов тоа е најавата на премиерот за нов попис во Република Македонија и реакциите што таа најава ги предизвика, би требало да е интересно четиво за домашните консументи на политички теми. Да не беше евидентната потребата од вербално дисквалификување на опозицијата и на невладиниот „соросоиден“ сектор што провејува низ текстот, овој напис можеби и немаше да биде во така очајна состојба. На прв поглед, тој има барем дел од елементите што една новинарска тема треба да ги има – темата е актуелна, направен е обид за продлабочена анализа, има реакции од засегнати страни, има ставови на домашни и на странски експерти, има проблемски приод и релативно коректен заклучок.
Но, во овој текст не е проблем структурирањето односно формата на текстот, туку провладината пропагандна порака и навредите за нејзините политички неистомисленици, кои се лајт-мотив на целиот напис! Да не се лажеме, во овој текст, од првата до последната буква, е јасно чии ставови застапува авторот, но тие од пасус во пасус осцилираат помеѓу умерено провладини и екстремно навредливи, па дури и профани фрази и експресии и тоа толку драстично што се стекнува впечаток како некоја негова првобитна форма да била оценета како „преблага“, па била едитирана, за да биде „надградена“ со грст навреди на сметка на политичките противници.
Линк до оригиналниот напис: И пописот по кој плачеа сега им пречи
Датум и време на објавување: 16.08.2015, 9:48
Датум на рецензирање: 18.08.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Секаде каде што се занимава со факти, текстот главно добро се држи, неговиот проблем се деловите во кои „дели“ навредливи квалификации на сметка на опозицијата, ама уште повеќе на „невладината „партија“ на Сорос“ или „Соросовите цицалчиња“, како го нарекува невладиниот сектор и во кои не соопштува информација, факт, вистина, туку „млати празна слама“.
Текстот се повикува на повеќе извори: исказот на премиерот Никола Груевски, со кој тој најавува иден попис во Македонија, како одговор на едно неодамнешно пратеничко прашање, а, исто така, и на дел од реакциите на невладиниот сектор, на извори од странски статистички институции, дадени без наведување конкретно име на соговорниците.
Од аспект на сеопфатност, овој напис може да добие едвај преодна оценка. Но, тој, исто така, прикрива информации – „елегантно“ е прескокната темата за неуспешниот попис во 2011 година и нема ниту збор за тоа дека и самиот премиер Груевски тогаш зборуваше за фалсификат иако пописот се спроведуваше за време на негов мандат како премиер. Професионален пристап кон оваа тема не би можел да го прескокне овој „детаљ“, давајќи ја целосната слика, со што ќе го појасни сегашниот став на опозицијата, која е против тоа владата на Груевски да спроведува попис.
Пристрасноста е битен елемент на текстот што го рецензираме. Без неа, тој сосема поинаку би звучел и би можел да ги задоволи новинарските стандарди. Но, неизбалансираниот, навивачко-плукачки став, кој провејува низ неговите редови, оставил врз него силен печат на необјективност и на непрофесионализам. Еве како, на пример, се опишува невладиниот сектор:
„Амани замани, шамани, гушкачи, хотлајни… и други во собирот за декор, се најчесто луѓе со нејасна перцепција за тоа што е а што не е предмет на нивно интересирање, односно мешање.“,
сакајќи веројатно да ги искритикува невладините организации што се дрзнале да коментираат на тема „најава за спроведување попис од премиер во заминување“. Или како се квалификуваат реакциите на НВО по изјавата на Груевски, која дојде „како гром од ведро небо“ – дека Владата се подготвува да спроведе електронски попис на населението, иако тоа не е договорено во преговорите со опозицијата:
„Со стенкања околу „легитимноста на власта за спроведување на пописот“, невладините организации алармираат за „рушење на договорот од Пржино.“
Насловот е цинично интониран и не доликува на еден текст, кој се труди да биде сериозен и да направи продлабочена анализа на темата, додека, пак, илустрациите се посилната страна на овој напис, соодветни и атрактивни.
Може да се заклучи следново: наместо да биде здрав, издржан текст на актуелна политичка тема, кој би информирал на еден продлабочен начин, што е и функцијата на новинарските стории, овој напис, поради своите слабости, ќе остане заглавен во плиткото на евтиното политичко пресметување со политичките неистомисленици на власта.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
има и точни и неточни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови