verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Пропуши ли Радмила Шеќеринска?

on 17 - 09 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Оваа фото-вест е сликовит пример на квази-новинарска вест, која, под изговор дека го информира читателот за релевантни информации од сферата на јавниот интерес, всушност, е во функција на дискредитација на одредена личност, групација или политичка опција.

Написот има две димензии – поставувањето на дилемата дали потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Радмила Шеќеринска, пропушила, како и таа дали пуши, спротивно на Законот, во јавни простории, а прашањата се темелат на фотографијата на која Шеќеринска седи на маса на која има и кутии со цигари. И на двете прашања во написот не е даден одговор, но, затоа е проблематизирана и нејзината искреност и нејзиното почитување на важечките закони. Написот е така формулиран што обидот за дискредитација е објавен во форма на јавно искажана дилема:

„Останува отворено прашањето дали Радмила Шеќеринска пропуши и дали воедно го крши Законот за пушење со оглед дека се наоѓа на јавно место?“

Истовремено, за да добие на тежина, авторот на написот се обврзува да добие дополнителни информации дали потпретседателката на СДСМ станала пушач. Засега, нема епилог како завршила потрагата по тие информации.

Но, покрај јасната интенција за дискредитација на Шеќеринска како личност, оваа фото-вест има проблем и со релевантноста на објавената содржина, бидејќи не е јасно според кој критериум прашањето дали некој политичар станал пушач или не би можел да засега било кого освен него самиот, посебно ако тој претходно немал ниту еден јавен настап во кој би промовирал поинаков начин на однесување. Само во тој случај, евентуално, јавноста, преку новинарот, би имала основ да ја доведува во прашање неговата искреност како човек.

Во конкретниов случај, поврзувањето на потпретседателката на СДСМ со кутиите со цигари на нејзината маса е исто толку апсурдно и неиздржано колку и тврдењето дека некој е љубител на цвеќе само затоа што седи на маса на која има вазна со букет!

Рецензија: Пропуши ли Радмила Шеќеринска?Линк до оригиналниот напис: Пропуши ли Радмила Шеќеринска?

Датум и време на објавување: 4.09.2013, 20:59

Датум на рецензирање: 15.09.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Фото-веста не е базирана на ниту еден факт кој би го оправдал пишувањето за (евентуалните) навики на потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Шеќеринска и се темели на фотографија на која таа седи на маса на која има две кутии со цигари во седиштето на партијата.

Извори на информации: Единствениот извор на информации, кој се користи во овој случај, е порталот Плусинфо, кој објави фото-вест дека раководството на Социјалдемократскиот сојуз заеднички го проследило натпреварот на кошаркарската репрезентација на Македонија со Црна Гора.

Содржајност: Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, е посочена не само како потенцијален прекршител на Законот за пушење на јавни места, туку и како личност која лаже. Патем, во написот не се наведува каде тоа Шеќеринска воопшто изјавила дека е непушач туку такво, наводно, било сознанието на авторот на написот. Фотографијата на која таа седи на маса на која се, меѓу другото, и две кутии со цигари, г-ѓа Шекеринска воопшто не ја инкриминира ниту на било кој начин ја поврзува тие предмети, бидејќи таа ниту е сликана како пуши, ниту, пак, дека ги допира кутиите. Написот, според тоа, ниту информира, ниту има што да прикрива и секако не е сеопфатен.

Пристрасност: Во оваа фото-вест спинувањето на вистината е изведено преку создавање на погрешна слика и (неоснован) сомнеж во чесноста и законољубието на опозиционен политичар. Ставено во контекст на манирот со кој овој медиум досега ги третираше личностите од опозицијата,  помали се шансите дека се работи за случајно потфрлање од аспект на професионален третман, туку  повеќе за тенденциозност.

Коментирање: Освен (веќе претходно познатата) информација дека раководството на СДСМ заеднички гледало кошаркарски натпревар, единствена содржина на написот, всушност, се коментарите на авторот, било да се во форма на прашање или на тврдење,  на тема пуши ли Радмила Шеќеринска.

Фотографија: Фотографијата, која требаше да биде крунски доказ во исфабрикуваниот случај – Радмила Шеќеринска, пушач или не, е и најголемиот проблем на овој напис, бидејќи таа ништо не зборува, односно јавноста ја информира само за тоа дека г-ѓа Шеќеринска била седната на маса во партискиот штаб и ништо повеќе.

Заклучок:  Животните навики на политичарите и јавните личности честопати се предмет на интерес на светските медиуми. Од тој аспект, иако сѐ уште е поретко кај нас, ставањето под лупа на начинот на живот кој го промовираат политичките личности од повисок профил има некакво оправдување, со вообичаеното образложение „јавноста има право да знае“. Меѓутоа, дури и тогаш не по цена на фабрикување информации онаму каде што нема основ нечија чесност да биде доведена во прашање, каков што е случајот со обвинувањето дека потпредседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска незаконски пуши во јавни простории. Честопати ваквите написи претставуваат фактички упад во нечија интима, пракса карактеристична за таканаречениот жолт печат,  но не и за сериозен медиум, кој би требало да донесува јавно релевантни содржини. Пречекорувањето на црвената линија, какво што е измислувањето афера (дури и вака тривијална) без понуден доказ, е чист случај на обид за дискредитација  на личноста за која станува збор.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, наведен извор со линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести