verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Промоција на дискриминација и на исламофобија

on 28 - 09 - 2015       

skrinsot-japonija-crop-resize

 

[Рецензија: Неколку закони поради кои Муслиманите не смеат да претнат во Јапонија]

 

Рецензираме еден пропаганден материјал со јасна антиисламска обоеност, без ниту минимум запазени новинарски правила за пишување, преполн со невистини и со претерувања, без наведени извори и без каков било обид за потпирање врз факти и без оградување од искажаните невистини, па како таков не би требало да заслужи место во медиум кој држи до тоа објективно и вистинито да ги информира своите читатели.

Написот отворено фаворизира негативни стереотипи, како и методи на дискриминација кон една религиозна групација, што може да се види веќе од самиот наслов. Ставен во поширок контекст во актуелниот општествен момент (криза со бегалците од исламски земји и обидите за ширење ксенофобија, особено исламофобија во Европа), ваквиот, и слични на овој текстови, можат да придонесат за негативна сензибилизација на популацијата по ова прашање.

Промоција на исламофобија и верска дискриминацијаЛинк до оригиналниот напис: Неколку закони поради кои Муслиманите не смеат да претнат во Јапонија

Датум и време на објавување: 14.09.2015, 21:25

Датум на рецензирање: 24.09.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

За да се утврди вистинитоста на тврдењата дадени во написот, потребно е истражување на интернет бидејќи сите тврдења се дадени во форма на аксиоми, без резерви или оградувања, како да се работи за апсолутни вистини. Но, истражувањето на тема „ислам во Јапонија“ покажува дека повеќето тврдења во написот се, всушност, апсолутни невистини.

Или, со други зборови кажано, тешко дека во овој текст и може да се најде исказ, тврдење кое би можело да се смета за целосно или барем делумно вистинито, освен исказите од типот:

„Многу е тешко, а и ретко издавањето виза на муслимани“

бидејќи, според она што може да се пронајде на оваа тема на интернет, општопознат факт би бил дека издавањето работни визи за странци воопшто во Јапонија е доста тешка и комплицирана процедура. Еве неколку други примери:

„Муслиманите немаат право на продолжен престој на територијата на Јапонија.

Јапонското законодавство забранува ширење на исламот.

Секој кој шири ислам се брка по закон, а казните се доста строги. Во Јапонија се смета за кривично дело.

Токму 0.00% Јапонци исповедаат ислам.“

Според „Википедија“, меѓутоа, се проценува дека во Јапонија има околу 100.000 лица од муслиманска вероисповест, дел од нив странци, а дел Јапонци по род. Иако мала според бројност на следбеници и од понов датум на јапонска почва, исламот како религија во Јапонија постои легално и се практикува во повеќе верски објекти, меѓу кои е и најстарата џамија во Јапонија, во градот Кјото (1935 г.), па според тоа, апсурдно е да се помисли дека тврдењето оти ширењето ислам  во Јапонија е нелегално, може да биде точно. Како одговор на тврдењето:

„Муслиманите во Јапонија немаат право да купуваат имот или земјиште“

може да послужат информациите од веб-страницата на исламскиот културен центар во градот Фукуока, конституиран во 1998 година, кој го демантира тоа. Во делот за историја на центарот, меѓу другото, стои дека во 2005 година центарот купил 336 квадратни метри земјиште за изградба на џамија, која била завршена во 2009 година.

Текстот е, всушност, една низа на лаконски искази од типот на:

„Зборувањето арапски е строго забрането. Куранот е забранета книга и поседувањето на него исто така е прекршување на законот. Муслиманите во Јапонија можат да работат само во странски компании, или пак следново: Самите Јапонци се однесуваат лошо со муслиманите и не гледаат добро на нив. По претпоставка тие се сметаат за криминалци или штетници.“

Се стекнува впечаток дека авторот на текстот сериозно сметал на тоа дека читателите имаат многу малку продлабочени информации за животот и за менталитетот во Јапонија, но и тоа дека нема да се заморуваат многу со истражување и со проверка на искажаните тврдења, туку попрво ќе ги земат здраво за готово.

Не е доволно само да се каже дека извори на наводите во овој напис нема и дека тој не се повикува на ниту една изјава или официјален извор на информација кога ги пласира тврдењата. Потребно е да се спомене дека текст со идентична содржина е објавен на порталот falanga.au, но дека таму се повикуваат на текст на веб-страницата svobodnoslovo.eu, која не е информативен новинарски медиум.

Но, работите стануваат сè поинтересни како што ја истражувате темата и копате подлабоко на интернет, бидејќи трагата води до повеќе ултрадесничарски и фашистички веб-страници и форуми, кои последниве ни помалку, ни повеќе од 11 години го вртат истиот материјал за антиисламизмот во Јапонија, повикувајќи се, меѓу другото, и на едно конкретно име, професорката Кумико Јаги од Исламските/Арапски студии при Универзитетот во Токио. Професорката Јаги е цитирана дека вели:

„Постои став во Јапонија дека исламот е многу теснограда религија и дека треба да се избегнува“

што е невистина, па таа дури морала да направи сопствена веб-страница на која е поставен линкот до текст од „Арабњуз“ од јули 2004 година под наслов „Муслиманите споро се прифаќаат во Јапонија“, кој ја истражува темата како се перцепирани муслиманите во Јапонија по нападите од 11 септември 2001 година во САД и во кој таа вели нешто сосема друго:

„И покрај напредокот, исламот во Јапонија се уште не е прифатен онака како што е прифатено христијанството. Само еден процент од Јапонците, вели таа, се христијани, но Јапонците, повеќето шинтоисти или будисти, сепак се решаваат дури и на венчавки во црква бидејќи тоа е во мода во Јапонија. Тоа е така бидејќи христијанството во Јапонија се перцепира како религија на љубовта додека пак исламот  се поврзува со неразвиениот свет или со војни.“

Овој исказ, како и целиот спомнат напис во „Арабњуз“ е основа за понатамошното спинување и за злоупотреби на тема колку Јапонците (не) го сакаат исламот, за на крајот тој спин да се најде и во написот што го рецензираме.

Не мора ниту посебно да се истакнува дека се работи, меѓу другото, и за безобѕирен плагијат, односно пренесен материјал без наведен извор. Притоа, насловот е особено проблематичен бидејќи користи пежоративен израз „не можат да претнат“ за муслиманите во Јапонија, асоцирајќи дека тие, доколку не се третирани така деградирачки, ќе претставувале закана за општеството.

Домашните медиуми, за жал, сè почесто пропуштаат низ своите професионални сита материјали со отворено дискредитирачка содржина, па и со говор на омраза упатен на адреса на одредена етничка или, како во случајов, верска заедница, што претставува негативен преседан за едно општество кое претендира да биде демократско. Во конкретниов случај, овој жилав спинерски материјал наменет за ширење исламофобија, кој повеќе од една деценија се провлекува низ сајбер-просторот, некритички е пренесен и пласиран на домашната публика, од засега непознати мотиви и побуди.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

нема извори

нема извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

верска дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести