verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Причина за пукањето во Бутел е девојка

on 27 - 06 - 2013       

Кусата информација е превземена од полициски билтен. Но, кога таквата информација станува новинарска вест, мора да биде точна, јасна, сеопфатна и напишана според стандардите. Причина за рецензијата е што оваа вест го задржува административниот полициски јазик наместо да се преработи во четиво привлечно за читателите.

Рецензија: Причина за пукањето во Бутел е девојка Линк до оригиналниот напис: Причина за пукањето во Бутел е девојка

Датум и време на објавување: 19.06.2013

Датум на рецензирање: 20.06.2013

Рецензент: Сунчица Стојановска Зоксимовска

Вистинитост: Иако веста се темели на информации, од официјален орган, праксата покажува дека тие информации треба да се земат со резерва. Досегашното искуство со наводи (и со нивно прикривање) посебно во полициските билтени, укажува на тоа дека наводите задолжително треба да се проверат и од друг извор.

Збунуваат насловот и поднасловот во написот (со забелешки дека и во двата, всушност, се кажува истата работа) бидејќи тврдењето во нив не е поткрепено со факти. Во полициската верзија на настанот, исто така се спомнува податокот што во веста е пласиран како наслов. Но, ако авторот тоа планирал да го нагласи, требало да ја дообјасни информацијата. Вака како што е пласирана веста, насловот „виси“ непоткрепен врз неа.

Извори на информации: Единствен извор е полицијата. Станува збор за релевантен, но едностран извор. Тој секако требало да биде лоциран во главата на веста, наместо во претпоследната реченица како што е во случајов.

Содржајност: Веста не го задоволува минималното ниво на сеопфатност. Нема втора страна. Според напишаното, не е направен ниту обид да се контактира втората страна.

Нема ниту една реченица повеќе од информацијата пласирана од полицијата. Бидејќи станува збор за вест која е објавена, односно која му е понудена на читателот, неопходни се дополнителни проверки – да се оди на лице место и да се побараат очевидци, да се прашаат докторите за состојбата на повредениот.

Пристрасност: Вистината е делумно прикажана. Од написот не може да се утврди што точно се случило.

Оригиналност/Плагијат: Содржината изгледа како делумна копија на полициско соопштение. Тоа само по себе не е плагијат, но не е ниту оригинална новинарска вест.

Квалитет на насловот: Насловот повеќе дезинформира отколку што информира, бидејќи наведува на погрешни очекувања од текстот. Никаде во написот нема ниту збор со кој може да се објасни насловот.

За наслов е искористена претпоставка, која веднаш во поднасловот е придружена со зборот „најверојатно“, што во отсуство на факти, упатува на заклучок дека претпоставката може, но и не мора да биде точна. Ставањето тврдење во наслов врз основа на шпекулација е храбра, но и етички дискутабилна одлука.

Фотографија: Фотографијата е вообичаена илустрација на настани кои се темелат на полициски билтени и не е информативна. Инаку, дури и кога се користат вакви фотографии, треба да се внимава пиштолот од илустрацијата да не е насочен кон читателот кој го чита текстот, како што е во случајов.

Заклучок: Вестите од ваков карактер, во кои информира за пукање од огнено оружје, повредени или жртви, би требало да бидат сеопфатни и балансирани. Посебно во овие случаи новинарот мора да внимава на редот на речениците и на точноста на информацијата.

Во конректниот пример, во реченицата: „повредениот при нападот бил заедно со братот, а Ј.Р. пукајќи во него го повредил во десната нога“ е направена несреќна конструкција. Од напишаното не може да се утврди кон кого пукал Ј.Р, кон повредениот или кон неговиот брат? Такви формулации во новинарството треба да се избегнуваат, а новинарот кој ја подготвил веста би требало да ги провери информациите за прво нему да му биде јасно што и како се случило, а потоа преку написот да и‘ објасни и на јавноста.(2) Recenzija Prichina za pukanjeto vo Butel e devojka

.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести