verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Премиерот Груевски со сопругата и ќерките на прошетка на Водно

on 16 - 01 - 2014       

Премиерот Груевски со сопругата и ќерките на прошетка на Водно-crop-resize

Фото веста што е предмет на оваа рецензија ја отвора темата на познатите, проминентните личности во вестите. Уште поконкретно, веста е поврзана со премиерот на Република Македонија, но во оваа вест и со дел од неговиот приватен живот. Таа позната личност, заедно со своето семејство бил на Водно за да ги избегне скопската магла и загаден воздух и тоа, за медиумот што ја објавил оваа вест, станало медиумски важно и е објавено како вест. Потоа, таа вест е преземена од повеќе интернет портали.

Ајде да видиме кои се етичките стандарди кои се налагаат кога новинарите известуваат за познати личности. Повеќе образовни институции за новинарство и искусни медиумски куќи укажуваат дека кога новинарите тргнуваат да пишуваат вакви вести, треба да си ги постават следните прашања: Зошто ја правам оваа вест? Дали има новинарски причини да пишувам за тоа? Што е медиумски вредно во оваа вест? Во колкава мерка оваа вест е од важност за публиката на која ѝ се обараќам? Колку време и ресурси ќе потрошам на неа? Дали за сметка на оваа вест можам да напишам нешто медиумски повредно?

Додека во рецензијата трагаме по одговорите на овие прашања, секако нема да ја игнорираме констатацијата што во својата новинарска лекција под наслов „Зошто шлицот на Груевски стана вест на денот?“ ја поставува колешката Билјана Илиќ каде што се истакнува дека:

„Искусните уредници знаат дека спомнувањето на имињата на познатите личности во насловите битно ја зголемува нивната читаност. А ако за некој важи ова правило, тоа е премиерот на Република Македонија.“

Но, да одиме по ред.

Премиерот Груевски со сопругата и ќерките на прошетка на Водно Република OnlineЛинк до оригиналниот напис: Премиерот Груевски со сопругата и ќерките на прошетка на Водно

Датум и време на објавување: 12.01.2014, 15:36

Датум на рецензирање: 14.01.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Нема сомневање дека премиерот со своето семејство бил на Водно.

Извори на информации: Иако тоа не е посебно наведено, претпоставуваме дека авторот на оваа вест бил известен дека премирот ќе оди на Водно во точно определениот ден и време. Авторот и неговиот уредник заклучиле дека таа Пи-аР информација има потенцијал да се претвори во медиумски вредна вест.

Содржајност: Време е сега да ги разгледаме најсуштествените прашања кои се однесуваат на темата кога една информација станува вредна за да се претвори вест, како гасеницата во пеперутка.

Билјана Илиќ во лекцијата „Зошто шлицот на Груевски стана вест на денот?“, вели:

„Според тие критериуми, за информацијата да се „квалификува“ да стане вест, таа треба да содржи новост, да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди), да се однесува на настан или на состојба која е што поблиску до нас (блискост), да се однесува на познати луѓе (проминенција), да се однесува на некоја конфликтна ситуација и да биде атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна. Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите.“

Значи:

  1. Дали информацијата содржи новост? – Што е ново, и од такво значење во оваа информација и настан. Премиерот, им благодариме на медиумите, барем еднаш годишно оди на Водно со семејството, Еве поткрепа на оваа констатација: „Премиерот Груевски се прошета со семејството на Водно
  2. Да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди)? – Навистина, колку луѓе се засегнати од оваа информација?
  3. Дали информацијата се однесува на настан или на состојба која е поблиску до нас (блискост)? – Да веста е локална, не се работи за премиерот на Шведска. Но, дали е тоа доволно?
  4. Дали се однесува на познати луѓе (проминенција)? – Да, се однесува на една позната личност, но се работи за крајно приватна активност, која, како што видовме од претходните фактори, не е ниту новина, ниту засега некоја поголема група граѓани.
  5. Дали се однесува на некоја конфликтна ситуација, или – атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна? – Не знам дали може да има афирмативен одговор ова прашање.

Во лекцијата за факторите што прават една информација да биде вредна да стане вест се заклучува:

„Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите.“

Кога станува збор за содржајност и сеопфатност, не можеме, а да не укажеме дека медиумот пропуштил сериозна прилика од прва рака и на вистинско место да побара од премиерот коментар за загадениот воздух во Скопје. Сигурни сме дека претседателот на владата ќе им благодарен на укажата можност, дури и во еден ваков приватен момент да зборува за мерките на неговиот кабинет за ова прашање.

Пристрасност: Од сето она што досега го наведовме, не може да се избегне впечатокот дека медиумот зазел позиција да направи вест, иако сите елементи укажуваат дека нема основ за такво нешто. Некој ќе рече дека секако останува слободата на уредувачката политика да одреди што ќе објави или не, но, во тој случај, медиумот ризикува во неговата работа да се препознае пристрасност.

Освен тоа, и минатиот труд на медиумот од во прилог на еден таков заклучок:

Груевски со маскираните ќерки прошета во Сити мол’“

Премиерот Груевски ја однесе Анастасија на првиот училиштен час

Кој ги шиша премиерите?

Фотографија: Иако фотографијата ги нема неопходните податоци за да се идентификува автор и извор, претпоставуваме дека е на медиумот што ја објавил.

Заклучок: На крајот на оваа рецензија да потсетиме на јадиците на Пи-аР-от, на махерите кои себеси се нарекуваат експерти за односи со јавност. Тие никогаш нема да пропуштат прилика да протурат нешто што личи на информација вредна да биде вест, иако таа не е тоа. Ги знаат сите правила на доброто новинарство, но ги знаат и задните порти на медиумите од каде што ги протнуваат тие информации. Таков е и таканерешениот „дозиран Пи-аР“, кога за еден настан се известува само еден медиум за да се создаде привид на спонтаност…

Затоа, речиси сите релевантни новинарски кодекси, вклучувајки го и нашиот, велат дека новинарите секогаш ќе делуваат независно и дека секогаш ќе ги отфрлаат интересите на центрите на моќ и ќе се раководат само и исклучиво од интересот на јавноста, на граѓаните. Секогаш ќе ги избегнуваат конфилктите на интереси, „услужното“ новинарство и секогаш ќе бидат настрана од активности што можат да им го компромитираат интегритетот и да им го нарушат кредибилитетот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести