verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Право на смрт, а не право на абортус

on 7 - 06 - 2013       

Написот со наслов „Право на смрт, а не право на абортус“ е класичен пример на дискриминација на најмалку две групи граѓани. Текстот започнува со дискриминација на противниците на новиот Закон за прекинување на бременоста, а продолжува со обид за ширење нетолерантен однос кон оние кои го застапуваат правото на абортус или се доведени во ситуација да извршат абортус. Колумната, како форма која овозможува голема слобода во изразот, во овој случај е злоупотребена за пласирање субјективни тези кои еднострано и пристрасно ги дефинираат состојбите поврзани со правото на абортус.

Рецензија: Право на смрт, а не право на абортусНаслов на анализираниот напис: Право на смрт, а не право на абортус

Датум и време на објавување: 02.06.2013; 23:05

Датум на рецензирање: 04.06.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Фактите во написот се употребени со цел да се потврди личниот став без да се направи напор да се погледне целата слика, односно да се слушне и другата страна. Фактите се изнесени паушално, бидејќи немаат за цел да ја откријат објективната, туку да ја потврдат субјективната вистина на авторот на написот.

Извори на информации: Во написот се цитирани анонимни извори од кои не би можело да се потврди веродостојноста на изнесените факти. Единствениот потенциран извор употребен за потврда на ставовите на авторот е Библијата, а други извори се социјалните мрежи и анонимни „соговорници“. Цитатите од транспарентите на противниците на новиот Закон за прекинување на бременоста (закон за абортус) се верно пренесени.

Содржајност: Целта на написот не е да ја објасни целата ситуација што се создаде со донесувањето на законот за абортус, туку да се обвинат противниците на законот. Содржината во целост е насочена кон конфронтација со групи граѓани кои мислат поинаку.

Пристрасност: Авторот на написот си поигрува со изразот „право на абортус“ без да посочи барем една причина за абортус. Дополнително, правото на абортус го изедначува со „право на смрт“, со намера да ја изврти вистината за дел од причините кои доведуваат до абортус. Авторот покажува наклонетост кон политиката на владеачкото мнозинство во парламентот, а ги понижува жените кои се одлучиле на абортус обвинувајќи ги за „незрело однесување“.

Коментирање: Целиот напис е коментар за реакциите што ги предизвика новиот Закон за прекинување на бременоста.

Плагијат: Написот е објавен како колумна на информативен портал и авторот на написот е наведен.

Квалитет на насловот: Насловот јасно ја носи основната теза на авторот на написот. Неговата конструкција е базирана на тезите во текстот. Нема тенденции да биде сензационален, не информира, но со извртувањето на зборовите има јасна намера да го привлече вниманието на читателите.

Фотографија: Колумната не е проследена со фотографија.

Говор на омраза: Написот ги дискриминира граѓаните кои се противници на новиот закон за прекинување на бременоста. Жените кои се одлучиле на абортус ги нарекува „чедоубијци“ и „створови“ и ги споредува со „ѕверови“. Целта на авторот е што е можно посилно да ги навреди и понижи оние кои ќе се одлучат да извршат абортус.

Уреден за веб: Написот е во ред за читање. Колумна е, па не се очекува дека треба да има којзнае какво уредување, „цепкање“ на помали пасуси и користење стилови. Но, поставувањето на името на авторот среде колумна, секако, е погрешно и прави впечаток дека колумната е „шлапната“ набрзина колку да излезе.

Дополнување: До моментот на објавување на оваа рецензија, оваа грешка е поправена и додадена е фотографија, која влијае на уреденоста на написот.

Заклучок: Колумната, како новинарска форма, често се користи за изразување на лични, партиски, политички, економски, верски и други ставови за општеството и случувањата во државата. Слободата на израз што оваа форма ја дава често се (зло)употребува за одредени цели. Ретко се случува текстовите во колумните да бидат базирани на факти и информации од повеќе релевантни извори, да содржат резултати од одредено истражување врз основа на кое е изграден ставот, а често се случува да содржат личен или став на одредена група која нема намера да ја слушне другата страна. Колумните, за жал, станаа оружје за конфронтација со оние кои мислат поинаку.

Рецензија: Право на смрт, а не право на абортус

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести