verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Пратеник на СДСМ со пиштол

on 30 - 01 - 2014       

FireShot-Screen-Capture-018-pistol-crop-resize

Веќе со сензационалистички интонираниот наслов овој напис прави обид да креира случај, сензација, во чие средиште ќе биде претставник на најголемата опозициона партија во државата. Но, како што ќе покаже содржината на текстот, насловот, всушност, го открива мотивот кој стои во позадина, а тоа е и по цена на евтина манипулација да се создаде негативен сентимент, вознемиреност или одбивност кон нешто што го носи предзнакот СДСМ. Иако непотполн, насловот „Пратеник на СДСМ со пиштол“ ќе имаше некаков резон доколку тој пратеник сторел нешто со пиштолот – го носел или го употребувал без дозвола, или на некој друг начин ги кршел стандардите и нормите на однесување. Но, откако информацијата во целост ќе се исчита, ќе стане јасно дека тоа не е случај.

Написот е, всушност, анализа на имотното ливче на пратеникот Емилијан Станковиќ од СДСМ, каде, меѓу другото, стои и податокот дека легално поседува пиштол марка Глок, но, бидејќи порталот не ги анализирал имотите на ниту еден друг пратеник или избран функционер, набројувањето на тоа што сѐ поседува Станковиќ  очигледно и нема никаква друга поента, освен тој да биде апострофиран во негативна конотација, по секоја цена. Тоа се гледа и од квалификациите „љубител на огнено оружје“, како тој да поседува цел арсенал на оружје,  „љубител на мотори“ – бидејќи поседува еден мопед, „луксузен Хонда Акорд од 2004“ – за патнички автомобил од тнр. средна класа, стар 10 години, кој е сопственост на неговата сопруга.

Малку повнимателното разгледување на имотните листови на пратениците или на други избрани функционери ќе покаже дека меѓу нив има повеќекратно, односно неспоредливо побогати поединци, со поголем имот, со полуксузни автомобили, па и со поголем и поскап арсенал на пиштоли, пушки, трофејно оружје. Но, порталот, по сѐ изгледа, не е заинтересиран да ги разоткрива деталите од нивните животи, бидејќи не истражил имот на ниту еден друг политичар.

Рецензија: Пратеник на СДСМ со пиштолЛинк до оригиналниот напис: Пратеник на СДСМ со пиштол

Датум и време на објавување: 23.01.2014, 13:12

Датум на рецензирање: 28.01.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Написот се темели на податоците добиени од релевантен извор, се цитира документ – анкетен лист на Државната комисија за спречување корупција, во кој е наведена имотната состојба на пратеникот Емилијан Станковиќ.

Извори на информации: Изворот е официјален и релевантен – Државната комисија за спречување корупција.

Пристрасност: Дека и вистината може да биде ставена во функција на политичка манипулација покажува токму написот кој е предмет на оваа рецензија. Иако се само наведени дел од ставките од неговиот имотен лист, Станковиќ веќе со самото тоа што медиум се занимава само со неговата имотна состојба, без притоа да понуди релевантна причина зошто тоа го прави, е издвоен од останатите, апострофиран како имател на пиштол, мотор, луксузен автомобил, девизни депозити во банка. На просечен читател, кој не се впуштил во анализа на имотите на стотиците други носители на јавни функции, овие податоци веќе му се повод за сомнеж – тоа што пратеник на опозиција е ставен под лупа, мора да има некаква посебна причина. Тој се издвојува и со самото тоа што поседува повеќе од многу граѓани во Република Македонија. Анализа за тоа дали ова Станковиќ можел да си го дозволи со своите примања – нема, но тоа очигледно не претставува грижа за авторот на текстот.

Коментирање: Коментаторските елементи се  дискретно разместени низ текстот, во вид на епитети и куси коментари – „љубител на оружје“, „љубител на мотори“ или прашање со тенденциозна конотација:

„Дали Станковиќ е само љубител на огнено оружје или пиштолот го поседува од некои сосема други причини, нема информации“

иако е повеќе од јасно дека во анкетното ливче нема и не може да има место за било каков коментар од кои причини некој нешто поседува.

Оригиналност/Плагијат: Нема потпис на авторот на текстот.

Квалитет на насловот: Насловот е така срочен да го привлекува вниманието, а со својата тенденциозност го насочува читателот да создаде негативна перцепција кон пратениците на СДСМ, така што директно ги поврзува со оружје уште пред да се прочита самиот текст.

Фотографија: Илустрацијата е дел од манипулативната матрица на текстот – претставува модел на пиштол од марката Глок, но, прво, не се работи за ист модел, а второ, не се работи за конкретниот пиштол кој го поседува пратеникот Станковиќ, па илустрацијата, дадена без никаква легенда ниту појаснување, нема поента освен елементот на поткревање на тензија кај читателот.

Говор на омраза:Со самиот факт што ниту еден друг пратеник од Македонското собрание не е предмет на вака исцрпна анализа на имотниот лист во овој медиум, веќе остава силен сомнеж дека поединечното апострофирање на Станковиќ и неговиот имот нема друга мотивација освен таа тој да биде изложен на јавен столб на срамот.

Заклучок: Текстот е бесцелен и беспредметен, токму бидејќи се работи за сецирање на имотната состојба на само еден пратеник и тоа прилично експониран во јавноста со критичкиот став кон власта. Доколку беше дел од серија написи со кои на јавноста ѝ се обелоденува имотната состојба на пратениците, овој текст ќе имаше некаква логика и покрај непрофесионалниот третман со кој личната сопственост на Станковиќ е презентирана на јавноста. Вака останува само уште еден од пропагандните текстови со кои се валка личниот углед на неистомислениците на власта.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести