Рецензија: Парите најдени кај директорот на „Халкбанк“ во Турција наменети за Македонија?
Објавено во Рецензии
on 26 - 12 - 2013 Автор: Љубомир Костовски„Парите најдени кај мене дома беа донација за Меѓународниот Балкански Универзитет во Македонија. Синот на пратеникот Хусеин Бурге, кој е претседател на Фондацијата основач на Универзитетот, донесе кај мене 1.950.000 евра, бидејќи не можеше да ги испрати поради законски пречки во Македонија, наведе денеска во својата одбрана генералниот директор на турската „Халкбанк“, Сулејман Аслан, кој минатата недела беше уапсен под обвинение за земање мито“.
Оваа сензационална вест која длабоко задира во многу прашања во земјава (безбедност, нелегално финансирање, контрола на парични текови) е обелоденета без да даде ниту назнака на кој извор се потпира, а тоа ја девалвира нејзината уверливост.
Линк до оригиналниот напис: Парите најдени кај директорот на „Халкбанк“ во Турција наменети за Македонија?
Датум и време на објавување: 23.12.2013, 23:33
Датум на рецензирање: 25.12.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Приказната произлегува од изјавите на генералниот директор на „Халк Банка“ во Турција, Сулејман Бусле, уапсен пред десетина дена. Тој е под истрага, а некои турски медиуми „добиле доверливи информации“. Кога се пренесуваат чувствителни вести, а кои имаат значаење за македонската средина, секако треба да се биде внимателен и најмалку што може да се направи и да се каже она „според…“ и да се назначи како тие медиуми (или медиум) ги добиле таквите чувствителни информации, кои обично се држат строго зад затворени врати, барем до објавување на обвинителен акт.
Извори на информации: Првото пребарување по Интернет по објавувањето на веста, ни го даде (еден од можните?) извори – англиската верзија на „Хуриет“, угледен весник во турската средина. Тоа требало да се стави, ако изворот бил тој, бидејќи весникот „Слободен печат“ од 25 декември го наведува како извор дневниот весникот „Акшим“, кој важи за „тврдо“ провладин во земја каде најголем дел од весниците и се провладини. Можно е како весник од доверба и тој да добил „изворна верзија“ за испрашувањето на директорот кај кого се најдени дома 4,5 милиони долари кеш, сместени во кутии за чевли. Извори има, ама без да се наведат страда читателската доверба во одреден медиум.
Содржајност: Веста, инаку, е многу податлива за читање, во неа има доста поединости за тоа за каде бил наменет тој илегален износ (за верски училишта во земјава), потоа колку пари на илегален начин се внесени во Македонија (950 илјади евра), каков бил нивниот распоред за користење, зошто не можеле да се користат легални канали… Јасно, колку што повеќе се чита, уште повеќе се нагласува прашањето – па од каде го знаат ова луѓево?
Пристрасност: Посредно, според пошироките информации кои доаѓаат од Турција, јасно е дека се работи за длабока, тектонска драма во тамошната власт, која досега резултира со една понудена оставка (од министерот за внатрешни работи), најавена реконструкција на кабинетот, поделба во владините сили, обвинение до странските амбасадори за мешање во внатрешните работи на Анкара. Оваа вест во таа смисла не е толку шокантна, ама е од суштествено значење зашто ја допира и Македонија и бара одговори и од нашите органи и тоа веднаш, а не со премислување и со бркање од страна на новинарите. Индиректно, без намера, таа укажува на слабости, пред сѐ, во власта (органите на финансиска контрола, државната безбедност, царината, просветните власти). Од ова морало да произлезе и вест во низа што, колку што е видливо, го стори само еден дневен весник (Вест), навистина со задоцнување од еден ден ама барем го стори.
Порталот ја пропушти таа шанса да остане прв во сознанијата, да ги прошири и им даде шанса на некои од одговорните да подготват евентуално алиби.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е преземен од турски медиум. Рековме не е наведено кој. Не е ни потпишано кој го обработил. Ама, на страницата каде што е пласиран уредно стои дека не е дозволено преземање.
Квалитет на насловот: Насловот е дескриптивен и можеби би можел да има и поредуцирана форма, ако не се работело за она „немам време да ти пишам покусо …“.
Фотографија: Сo текстот оди и фотографија на која гледаме еден човек кој позира. Нема легенда, а по некоја логика треба да поврземе дека се работи за директор на Халк Банка. Но, која банка – онаа во Станбол или оваа во Скопје? Да не погодуваме, бидјеќи морало да се укаже јасно за кого се работи.
Заклучок: Секако дека може да постојат и многу оправдувања зошто не е наведен изворот на информацијата – страв од барање на отштета, криење на изворот од конкуренција, за да може истиот да се користи и следниот ден „екслузивно“, да се продолжи со нови елементи за сторијата. Ама, за така чувствителна тема, за која на толку многу раководни луѓе во земјава треба веднаш да ги заболи главата, сепак не смеат да се користат туѓите извори молчешкум, барем не со глаголски форми кои имаат во себе директна форма на обраќање.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови