verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ПАПАРАЦО: Мастерот е во топ позиција и кога е во опозиција

on 26 - 11 - 2014       

qaa-099876-0980-crop-resize

 

Авторот на оваа рецензија трие очи од чудење. Пред нас се наоѓа текст во кој се одумрени професионалните стандарди, почнувајќи со тоа што е „вест-вредно“, па завршувајќи со неговата цел да дискредитира, да омаловажи, да навреди и да направи сензација. Политиката го затрула ова четиво со малициозност, но и со користење сомнителни „новинарски“ техники на прибирање „информации“ – седење во кафуле, шпиунирање кој што пие, кој плаќа и преточување на ова во дваесет реда неаргументирани коментари.

qaa-099876-0980-final-001Линк до оригиналниот напис: ПАПАРАЦО: Мастерот е во топ позиција и кога е во опозиција

Датум и време на објавување: 7.11.2014 12:43

Датум на рецензирање:  25.11.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Од почетокот до крајот на ова четиво, едноставно е неапликативно да се разгледува дали тоа е вистинит или не. Причините за ова се безбројните коментари, обидот да се изглуми аргументација со споредување на неспоредливи, меѓусебно независни случувања, но најмногу поради спинувањето. Текстот изобилува со квалификации, коментари и со лични согледувања на непотпишаниот автор, кои немаат заемна причинско-последична врска, туку оставаат впечаток дека се ставени колку нешто да се каже и да се спореди:

„Додека македонската опозиција со месеци се обидува „по принципот сакам не сакам“ да го држи во неизвесност народот со нивните премислувања околу влегувањето или не во македонското собрание, преку  создавање на спин и вештачки политички кризи и информации, нивниот Мастер – Владимир Милчин очигледно е во топ позиција и кога е изгубена и без компас неговата летаргична опозиција.“

Со тон на потсмев, непотпишаниот автор етикетира. Зборот „мастер“ е квалификација која цели да покаже наводна контрола на Милчин врз опозицијата, што е неаргументирано. Крајно пристрасно и, исто така, неаргументирано е обвинувањето за „спин и вештачки политички кризи и информации“, но од него се гледа стојалиште на политичка пристрасност, што според новинарскиот кодекс, треба да се изразува одвоено од вестите. Новинарот треба да прави разлика меѓу веста и коментарот, меѓу фактите и размислувањата, а за таа цел постојат различни жанрови.

Преку неиздржаната „содржина“, која треба да претставува информација за тоа кој, што и каде пиел и кој ја платил сметката, непотпишаниот автор, всушност, ги напаѓа критичките медиуми и мудро заклучува дека „реалноста е далеку од сива“?! И покрај тоа што оваа спојка на зборови е комплетно нелогична и извадена од ракав, таа не е таква случајно. Од пропагандистичките техники искористени при пишувањето, доаѓаме до заклучокот дека логичноста и не е крајна цел на ова писание, туку крајната цел е да се дискредитира личност, политичка опција и група медиуми. Сево ова се прави без ниту еден аргумент, со низа навреди и со зборови во наводници кои дополнително треба да го засилат од авион видливиот политички пристрасен дискурс. Се користи етикетата „матрикс на опзицијата“. Иако професионалните стандарди налагаат да се бараат изјави од инволвираните, во конкретниот случај би било смешно да се земе предвид овој критериум бидејќи непрофесионалноста е длабока, суштинска и блика од самиот избор на „темата“ и начинот на кој е дојдено до неа. Се нарушува приватноста со крајно сомнителни „принципи“ на „собирање информации“, кои се однесуваат на тоа кој го платил пијалакот на масата.

„Тој е „човек од збор“, инструкциите беа поделени на подмладокот, кој и во каква функција и да беше во друштво на Мастерот. За делата, тие нека водат сметка!“

Целиот текст е коментар до коментар, малициозност, загубен фокус, нејасна, маглива, чудна пристрасна и непристојна содржина.

„За првиот човек од врхушката на СОРОС, Владимир Милчин, кој не ретко преку својата медиумска опозициско деструктивна  машинерија презентира искривена слика на македонската политичка реалност обидувајќи се преку „старомодни“ методи да влијае на јавното мислење, очигледно дека реалноста во Македонија е далеку од сива. Впрочем ретки се тие кои и наспроти толкав труд и „макотрпна работа“ да се создава виртуелна политичка  криза, имаат време во шест часот попладне да се почестат со по некоја чашка Џек, Даниелс се разбира.“

Се остава впечаток дека непотпишаниот автор го прекорува Милчин што излегол на пијачка и тоа го „поткрепува“ со спинерско лично мислење дека „ретки се тие…. да се почестат со по некоја чашка Џек Даниелс се разбира“. Освен тоа, неброените дисквалификации и обвинувања одат дотаму што непотпишаниот автор го обвинува Милчин за „создавање виртуелна политичка криза“. Ова не е поткрепено со ништо, впрочем, како и целиот текст.

Што е поентата на ова?! Поентата е да се создаде впечаток дека „папараците постојано работат“, дека „сè се снима“ и дека новинарските стандарди на некои воопшто не им се приоритет. Фотографиите се снимени тајно, без за тоа да има јавен интерес и иако тоа е сторено на јавно место, сепак се цртаат илјадници прашалници зошто биле снимени.

„Но, Матриксот на опозицијата и тоа како си  го подмачка грлото вчера вечер во едно скопско кафуле во центарот на Скопје. Во интимна атмосфера, во центарот на метрополата Милчин опуштено си ја голтна пијачката, дозволи дамата на маса да ја плати сметката и џентлменски и со лесен чекор го напушти кафулето, со „џековски“ подмачкано грло. Тој е „човек од збор“, инструкциите беа поделени на подмладокот, кој и во каква функција и да беше во друштво на Мастерот. За делата, тие нека водат сметка!“

Во малициозниот тон на писанието се огледува и незрел, сосема неприфатлив дискурс што не е карактеристичен за новинарството, туку за пропагандата. Авторот на оваа рецензија уште трие очи од чудење.

Епилогот на овој текст се прекршени шест члена од новинарскиот кодекс (7, 9, 10, 15, 16, 17) вклучително и принципите. Во овој текст e целосна спротивност на она што го налага кодексот, но и елементарната примерна комуникација на достоинствено, меѓучовечко ниво.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

ниту еден

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести