verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Паника и страв во СДСМ по анкетата на “Димитрија Чуповски“

on 4 - 02 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

kurir_mk_makedonija_vesti_146461-Panika-i-strav-vo-SDSM-po-anketata-na-Dimitrija-crop-resize

Пречестата и со ништо оправдана флоскула околу анонимните извори не е дозволена во новинарството. Уште помалку е дозволено мешање на факти со ставови, односно со коментар, неизбалансирано известување и игнорирање на втора, односно засегната страна… Сето ова го имаме во текстот Паника и страв во СДСМ по анкетата на „Димитрија Чуповски“.

FireShot Screen Capture #063 - 'Паника и страв во СДСМ по анкетата на “Димитрија Чуповски“' - kurir_mk_makedonija_vesti_146461-Panika-i-strav-vo-SDSM-po-anketata-na-Dimitrija-CupovskiЛинк до оригиналниот напис: Паника и страв во СДСМ по анкетата на “Димитрија Чуповски“

Датум и време на објавување: 31.01.2014, 18:04

Датум на рецензирање: 03.02.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Текстот наведува факти, но само оние што се однесуваат на резултатите од анкетата се проверливи и точни. Сѐ друго што се нуди како факт – страв, паника, неиспорачани промени, итн… е непроверливо од аспект на веродостојноста, односно вистинитоста.

Извори на информации: Изворот или изворите на текстот се анонимни – се користи флоскулата „партиски извори“. Тие извори се еднострани, а нивната релевантност и актуелност не може да се провери.

Содржајност: Информацијата е далеку од нормите за сеопфатност и содржајност, пред сѐ, затоа што недостасуваат прашања и одговори од субјектот на кој се однесуваат тврдењата во текстот, а недостасува и трет, независен извор кој стручно би ги прокоментирал и анализирал резултатите од анкетата и нивната релевантност.

Пристрасност: Не може со сигурност да се тврди дека има спин, иако „мириса“ на такво нешто, но она што со сигурност се детектира во текстот е пристрасноста, неизбалансираноста и наклонетоста која наликува на политички мотивирана.

Коментирање: Коментарот преовладува во текстот. Тој во најголем дел е замаскиран како став на анонимниот извор. Коментарот и ставовите се измешани со фактите, а во еден дел е и комплетно неразбирлив за читателот:

„Дополнително, промените кои ги ветуваше раководството на СДСМ, не се испорачани, по што членството е уште повеќе разочарано од стапките на новото раководство“.

Кои промени? Какви промени? Кое членство?…

Оригиналност/Плагијат: Со пребарување на интернет може да се утврди дека текстот е оригинално дело и дека потоа оваа информација е преземена и од други медиуми. Редакцијата не го навела името на авторот, ниту изворите, а нема ни корисни, поврзани линкови ниту со анкетата, ниту со слични анкети, ниту со некои други факти кои се изнесуваат во текстот.

Квалитет на насловот: Не може да се утврди дали насловот е дезинформација, токму поради структурата и на самиот текст. Тој е соодветен за напишаното, но е сезнационален и тенденциозен, токму поради непоткрепеност на кажаното.

Фотографија: Наместо фотографија, во текстот има табела од едно од прашањата на анкетата и таа служи како илустрација поврзана со темата на текстот.

Говор на омраза: Нема говор на омраза, ниту дискриминација. Сепак, има дискредитација на една личност спомената поединечно и на повеќе други (партиско раководство на СДСМ), кои не се наведуваат со имиња.

Заклучок: Овој текст може да послужи во новинарските школи како лош пример за новинарски производ на дадена тема. Неименуваниот автор користи неименувани извори кои очигледно се еднострани и само врз нив – под претпоставка дека тие навистина постоеле – гради ставови кои на јавноста ѝ се наметнати низ еден сугестивен, изнасилен стил и во форма на коментари, најчесто затскриени зад анонимниот извор.

Користењето анонимни извори во новинарството е дозволено, но секогаш е пожелно што поблиску да се лоцира изворот и секако, да се наведе причината за анонимност што ја побарал изворот. Но, тоа не го ослободува новинарот од обврската да ја провери информацијата „колку што е тоа можно“ (Кодекс на ЗНМ) и да не пласира непроверени информации.

Во текстот што го рецензираме нема поблиско лоцирање на изворот, нема наведено причина зошто побарал анонимност, но најважно, нема никаков знак дека информацијата е проверена „колку што е тоа можно“.

Коментирањето е сеприсутно, иако вешто се затскрива зад изворот и тоа е измешано со фактите, односно со веста, што, пак, е непрофесионално и неетички. Но, најважната последица од непрофесионалното постапување во изработката на овој текст, е непристрасноста и неизбалансираноста, која е изрично забранета со Кодексот на ЗНМ и со други алатки за саморегулација што се познати во светот.

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. (чл.14 Кодекс на новинарите на Македонија – ЗНМ)

Текстот е обременет и со непотреби зборови и пасуси, па може да се најдат и стилски забелешки. Непотребно, но за да се зајакне тврдењто во насловот, на крајот од текстот повторно е ставен пасус со резултатите од анкетата кој еднаш е веќе наведен во првиот пасус.

Станува збор за текст во кој подеднакво не се почитувани повеќе професионални и етички стандарди врз кои почива современото новинарство.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

аноними

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не може да се утврди

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести