Поткревање меѓуетнички тензии, потпалување омраза и опасно играње со сериозни обвиненија
Објавено во Рецензии
on 15 - 04 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: Откако го одбија граѓаните, Заев поттикнува верски џихад на улица]
Написов веќе на прв поглед, се чини, содржи сѐ, буквално сѐ: ковање заговори, џихад и исламски екстремисти, бомби, протести, државни тајни и антидржавни елементи, па и елементи на говор на омраза насочени кон конкретна личност и политички субјект. Има бомбастичен (добро, и малку нелогичен) наслов, кој го задржува вниманието, збунувачки наднаслов и провокативна монтажа како илустрација која би требало да биде духовита, со еден збор, гарантирана му е читаноста, што впрочем го покажува и бројката од 5.256 читања на веб-страницата на медиумот. Но, овие елементи не се доволни овој текст да биде сфатен сериозно, како што очигледно била интенцијата. Колку и да е богат со „возбудливи“ факти, со кои буквално се расфрлува: де СДСМ заедно со контроверзните косовски Ветевендосје (Самоопределување) планирале „создавање нереди во мај“, де во СДСМ владеел целосен хаос, де биле расисти и антисемити (!), овој напис има сериозен проблем со веродостојноста на изнесеното. За ниту едно тврдење, претставено во текстот како факт, не е презентиран доказ, за ниту едно повикување на нечии изјави, пишувања или јавно изнесени ставови нема ниту линк, ниту е наведен извор, па изгледа како да се очекува од читателите изнесеното да го земаат здраво за готово без вишок прашања. Но, затоа, пак, нема сомневање дека овој текст практично се надоврзува на една опасна, неодамна пласирана теза за, наводно, претстојни меѓуетнички судири во Македонија, предизвикани токму од Социјалдемократскиот сојуз.
Линк до оригиналниот напис: Откако го одбија граѓаните, Заев поттикнува верски џихад на улица
Датум и време на објавување: 5.04.2015 – 16:35
Датум на рецензирање: 12.04.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Тезата за која се прави обид да биде пласирана е следнава: Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев се свртеле кон косовските радикали и исламските фундаменталисти, барајќи помош за уривање на легитимната власт во Република Македонија, така што договарале организирање безредија и меѓуетнички конфликти во мај годинава. Безредијата би ги предизвикале „најрадикалните членови“ на косовското Самоопределување, заедно со членовите на Беса, кои во Македонија би дошле „со автомобили или во еден автобус“. Тезата не е нова, неа првпат ја промовираше порталот „Нетпрес“ уште пред две недели, во обид да се пресретнат ефектите од најавената „бомба“ на СДСМ за Смиљковско Езеро, така што евентуалната реприза на незадоволство на албанското население како она по објавените пресуди во случајот „Монструм“ би се прогласила за „непријателско радикално сценарио на СДСМ“.
Но, оваа теза во написов има и свое продолжение: според него, Зоран Заев прави кавга со Израел (со објавувањето на разговорите за набавката на израелската опрема за полицијата), бидејќи стои на ставот дека „Владата не треба да соработува со Израел затоа што во Македонија живеат муслимани, за кои Евреите и Израел се непријатели“. Очигледно е дека овој дел се обидува да го „амортизира“ скандалот со обелоденувањето на договорените провизии од деловните партнери од Израел за високи македонски полициски функционери, но, повторно, тоа го прави без докази, без поткрепи на тврдењата и на наводите кои се пласираат како веродостојни.
Единствениот конкретен цитиран извор на информации во овој напис е порталот „Нетпрес“, кој, пак, се повикува на неидентификувани извори во безбедносните структури и во СДСМ. Другите извори не се наведуваат, освен како „наши извори“. Еве како звучи тоа:
„Според нашите информации, контактите на социјалдемократите со Косоварите најчесто се одвиваат на косовска територија, каде што се договараат деталите за насилствата во пролет.“
Нема други детали, нема актери на тајните средби, нема фотографии како заговорниците се состануваат, иако средбите наводно „зачестиле“ (Косово, сепак, не е на крајот на светот), но се знае дека тоа се „членови на СДСМ и блиски до Зоран Заев“. Не треба посебно ни да се нагласува дека овој текст е несеопфатен до степен на несериозност.
Исто така, речиси нема реченица во целиот напис која не оддишува со пристрасност, неизбалансиран приод и со небулозни обвинувања. Од читателите се очекува нив да ги прифатат како факти без докази.
Коментирањето е манир на пишување на оваа хибридна творба. Но, има делови од текстот кои ги разбира веројатно само авторот и никој друг. Еден таков пример е следниов коментар:
„Освен податокот дека СДСМ удира на Јанкуловска, Мијалков, Јанакиески и Ставрески, кои се најблиските соработници на Груевски уште од времето кога премиер беше Љубчо Георгиевски, ударот врз државните институции е посилен и кога ќе биде урнат безбедносниот систем на Македонија.“
Овој „сакам кажам, не знам речам“ стил на пишување со недоречености, без референцирање, односно линкување, дополнително ги отежнува напорите на читателот сериозно да го сфати написов.
Освен што покажува недоволно разбирање на терминот „џихад“, насловот имплицира дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, доживеал некакво „одбивање“ од граѓаните, па затоа сега поттикнувал верски џихад на улиците (нејасно е каков освен верски воопшто би бил џихадот, кој по дефиниција е „света војна против неверниците“). Нема објаснување за какво одбивање се работи и таа дилема останува да лебди сè до крајот на текстот, без да биде адресирана.
Насловната илустрација е груба фотомонтажа, на која е претставен Заев облечен како исламски милитант, додека другите фотографии се во функција на текстот. Таа има функција да иритира и да дискредитира, манипулирајќи со лажни факти.
Удирајќи во исклучително чувствителната точка – меѓуверска и меѓуетничка толеранција и соживот, овој текст се обидува да испровоцира реакција насочена кон Социјалдемократскиот сојуз и кон Зоран Заев лично. Читателот не може да се оттргне од впечатокот дека во написот се наѕира мрачен потконтекст: најава за идни инсценирани меѓуетнички немири во Македонија, кои ќе му бидат припишани на Социјалдемократскиот сојуз. Повикувањето на пријателската меѓудржавна соработка со Израел, нарушена повторно од СДСМ, и пофалбите за македонската полиција изгледаат како смешно накалемени за да стават акцент на божемното свртување на Заев и на СДСМ кон исламскиот фундаментализам во борбата против власта во Македонија.
Дебело пречекорена граница на добриот вкус, професионалните стандарди, поткревање на меѓуетнички тензии, па и потпалување омраза, сè се ова елементи на текстот кој е предмет на рецензијава. Ова е опасно играње со сериозни обвиненија на сметка на опозиција, кои не се поткрепени со ниту еден доказ, но можат да предизвикаат значителна штета во времето кога политичката атмосфера во државата станува видливо наелектризирана. Дефинитивно, ваквото новинарство заслужува сериозни критики.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
наведен автор и извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови