verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Од снежното невреме, Вучиќ спасил Албанче од Призрен

on 5 - 02 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

02042014-Vucic-spasuva-Dnev-crop-resize

И во насловот на новинарската вест што ја рецензираме, и во нејзината прва, значи најбитна реченица според новинарските правила, медиумот што ја пренесува оваа вест ја нагласува етничката припадност на детето што било спасено од високопозициониран српски политичар. Ако новинарските вести, освен информации, испраќаат пораки, се прашуваме зошто е толку битна пораката за етничката припадност на детето? Зошто?

Обидете се да ја прочитате веста уште еднаш со тоа што ќе ја игнорирате етничката припадност на спасеното дете и на неговото семејство. Или зацрнете ги тие места со фломастер. Доколку го направите ова, ќе видите дека ништо не се менува: и понатаму имате вест за хумана постапка на еден човек, кој во овој случај е познат политичар.

Но, тука, на границата меѓу информацијата која има елементи од јавен интерес и ПР употреба, како да преовладала употребната вредност за една ПР информација, која како таква ја презедоа и објавија многу медиуми во регионот.

Но, ајде да провериме дали е тоа така и дали медиумите имаат заштитни механизми од манипулациите на ПР махерите.  

02042014-Vucic-spasuva-DnevЛинк до оригиналниот напис: Од снежното невреме, Вучиќ спасил Албанче од Призрен

Датум и време на објавување: 03.02.2014, 14:18

Датум на рецензирање: 04.022014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Нема сомневање дека оваа вест е вистинита. На другите регионални медиуми има  и видео кое тоа го потврдува. И тоа видео на националната телевизија на Србија. Она што ја прави оваа вест тема за анализа е потребата на оние што ја генерираат и на оние што објавуваат да го стават акцентот на фактот дека спасеното дете е Албанец.

Таквата постапка, да се издвои нешто за што ПР експертите сметаат дека треба да биде во прва план, да се создаде поинаква реалност од објективната, е постапка на спинерите и на нивните механизми за односи со јавноста.

Не сакаме да веруваме дека ова е ПР замка, но изјавата на еден од блиските соработници на политичарот, јунак во оваа приказна, навестува дека замка имало, колку и да звучи наивно неговиот изказ, ако воопшто има наивни политички советници:

„Подоцна дознавме дека станува збор за семејство Албанци од Призрен. Како што ни рекоа патувале од Австрија за Косово.“

Кога веќе „подоцна дознале“, зошто имале потреба да го нагласат тоа? Токму затоа, новинарите и медиумите мора да бидат внимателни и да не наседнуваат на ПР конструкторите.

Освен тоа, многу е едноставно – само треба да се применуваат основните принципи на новинарските кодекси или посебните правила кога се во прашање некои спеицифични теми какви што се правилата за известување за различности, за конфликти и слично.

Освен ако медиумот сам, доброволно, не се согласил да ја прифати играта на ПР центрите. Но, тоа веќе не е новинарство и тоа е, веќе, друга тема.

Извори на информации: Имајки предвид дека веста што ја рецензираме е преземена, сепак, нагласуваме дека таа немаше да ја добие оваа димензија на етички некоректна информација доколку авторот и редакцијата ја имаат потребната независност од непосредниот извор на веста или од оние за кои се известува. Впрочем, така вели и еден од принципите на Центарот за добри практики во новинарството Пју од САД објавена во „Прирачник за етика во новинарството“ (Т. Чаусидис и З. Бојаровски, ЗНМ, 2012)

„Независноста е суштински предуслов на новинарството, основа за новинарската веродостојност. Независноста на духот и на мислата, заедно со новинарската позиција на неутралност, се принципите во фокусот на новинарството.“

Следниот новинарски принцип на добрите практики ја дообјаснува оваа позиција и вели:

„Новинарите имаат обврска да ја негуваат оваа позиција и да не ја злоупотребуваат за лични или за нелегални комерцијални цели на медиумската компанија.“

Ако некој медиум презема некоја вест, со таквата постапка не значи дека треба да се преземат грешките на изворникот. Во оваа ситуација е дури и полесно: дистанцата овозможува еден рационален пристап да се препознааат грешките и да се преработи веста во еден стандарден, објективен манир. Тоа не е забрането.

Напротив, пожелно е!

Содржајност: Првиот став од членот 8 на Кодексот на новинарите вели:

„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“

За жал, авторите на оваа вест, како и медиумот што на ваков начин ја објавил, не се раководеле од ова етичко правило.

Внесената „содржајност“, етничката припадност, воопшто не е битна. Напротив, внесува димензија која воопшто не е од јавен интерес. Тоа дека некој политичар спасил прво Албанче, а потоа дете, има за цел да ги нагласи „квалитетот“ на политичарот за сметка на стереотипите и чувствата што една заедница ги негува кон некоја друга етничка заедница или кон нејзините припадници. Особено во период на предизборна атмосфера, што нѐ внесува во оценувањето на пристрасноста во веста што ја рецензираме.

Пристрасност: Вештата ПР стапица во која упаднаа сите медиуми што на овој начин ја објавија оваа вест, можеби и без да сакаат и без да бидат свесни за тоа, си ја залепија етикетата на пристрасност.

Впрочем, ајде само со неколку зборови да ја процениме постапката на политичарот во оваа приказна. Која постапка е посоодветна за политичар кој раководи со ресурсите на една земја кога се во прашање елементарните несреќи и спасувачките акции? Дали е  поцелисходно рационално да ја менаџира спасувачката операција од некој центар од каде што има увид во целата ситуација, или, пак, треба да се впушти во ризична постапка самиот да биде дел од некоја акција која не секогаш може да биде успешна? Одговорите на овие прашања не се исклучуваат еден со друг. Прашање е на избор. Изборот на првиот начин е утврдена постапка во такви случаи, а изборот на втората има една друга цел – промоција на личните афинитети.

Квалитет на насловот: Како што констатиравме уште во воведот на оваа рецензија, насловот има акцент на непотребен елемент кој на целата вест ѝ дава една спорна етичка димензија.

Фотографија: Автентична фотографија изведена од замрзнат кадар од видео снимка, но медиумот што ја објавува веста и фотографијата не го објаснува тоа, ниту го наведува изворот на фотографијата.

Заклучок: Новинарите мора постојано да ги вежбаат нивната лична совест и чувството за добро и лошо. Секој новинар мора да поседува лична етика и одговорност – сопствен морален компас,  за да ги препознава разликите на медиумски вредните информации и ПР сервираните конструкции.

Еден препорака на Центарот за добри практики во новинарството Пју од САД објавена во „Прирачник за етика во новинарството“ ја нагласува улогата на редакциите во оваа насока и нагласува дека и:

„Медиумите треба да ги негуваат независноста на мислењето и слободата на изразувањето на тоа мислење и да ги охрабруваат новинарите да го прават тоа.“

Стереотипите се непријатели на доброто новинарство. Тоа многу добро го знаат ПР експертите. Затоа новинарите треба особено да внимаваат и да се ослободат од нив. Или, максимално да се заштитат со објективната новинарска методологија.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија (агенциска вест)

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести