verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Новинарите на СДСМ биле овоштари?

on 29 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

Новинарите-на-СДСМ-биле-овоштари_-kurir_mk_makedonija_vesti_145904-crop-resize

Не така ретко во домашниот медиумски простор во последно време ќе прочитате нешто што треба да биде некој вид новинарски производ, но за жал, тоа не е. Таков е примерот со текстот што носи наслов „Новинарите на СДСМ биле овоштари?“. Иако по формата личи на вест, ова писание нема врска со новинарството, зашто не е направено според низа професионални, уште помалку етички стандарди, а нема врска ниту со некои основни логички премиси. Станува збор за спин, преку кој се дискредитирани личности од јавниот живот.

'Новинарите на СДСМ биле овоштари_' - kurir_mk_makedonija_vesti_145904Линк до оригиналниот напис: Новинарите на СДСМ биле овоштари?

Датум и време на објавување: 28.01.2014/ 15:35 h

Датум на рецензирање: 29.01.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Вистинитоста на наводите во текстот е прашање на кое не е даден одговор. Во самиот текст не е понуден документ, не е наведено кои медиуми, а не е направен обид да се истражат наводите преку поставување прашања до засегнатите страни, ниту до трет независен извор. Оттука, тврдењето на неименуваниот автор на текстот и на редакцијата не можат да се оценат поинаку, освен како произволни тврдења.

Извори на информации: Анализирајќи ги изворите на информации наведени во текстот (катастар и медиуми), секој читател би се соочил со проблем, кој е референтен и за одговорот на прашањето за вистинитоста на фактите. Ниту се наведени медиумите, ниту документи од катастарот. Освен тоа, нема втора, трета страна. Има нафрлено факти и има наведено став и коментар. Изворите останале еднострани, а релевантноста единствено би се однесувала на самите документи од катастарот, кои пак не се прикажани во текстот.

Содржајност: Текстот нема врска ни со „С“ од зборот содржајност, зашто оперирањето со фактите во насока на промптно вадење заклучоци и коментирање е нешто што е недозволиво и за дебата во меана, а не пак за новинарски текст.

Пристрасност: Од првата до последната реченица во текстот пристрасноста е присутна, а балансираност не постои ниту со најмал процент. Таа пристрасност наликува на политичка, иако не би можела да се исклучи ниту комерцијално мотивираната пристрасност.

Коментирање: Коментирањето е содржано во насловот, во поднасловот, во првиот и во третиот пасус. Практично во целиот текст.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е без сомнение оригинално дело. Вакво креативно извртување на професионалните стандарди и етичките норми во новинарството не сретнавме низ другите медиуми кои пишуваа делови од истата тема.

Квалитет на насловот: Насловот е дезинформација, зашто текстот се однесува на еден новинар и еден пратеник, а не на новинари. Тој е сензационален и тенденциозен по својата природа, зашто, иако со една мала ограда во форма на прашалник, преку него се наметнува став до кој не може да се дојде ако се анализира текстот.

Фотографија: Направена е фотомонтажа од две фотографии на споменатите лица во текстот, залепени една до друга. Авторството на фотографиите, ниту на монтажата не е наведено и тие се ставени во функција на илустрација на текстот.

Говор на омраза: Нема говор на омраза, но постои дискредитација на лицата директно со тоа што еден активен и една поранешна новинарка се класифицираат како елитни новинари на една политичка партија од опозицијата. Покрај тоа, од природата на напишаното може да се разбере дека е грев ако поседуваш некакво земјиште а истовремено си и новинар, иако авторот во последните неколку зборови се обидел со зборот „легитимно“ да го сврти вниманието на јавноста и да најде некаков јавен интерес за текстот што го пласирал.

Заклучок: Без сомнение овој текст може да влезе во категоријата спин, односно извртување на вистината и тој нема врска не само со новинарството, туку и со основната логика и тоа по повеќе основи.

Првата е што се мешаат „баби и жаби“ – текстот се однесува на еден активен и на една поранешна новинарка, а уште во насловот и во лидот е направено изедначување, па се пишува за елитни новинари на СДСМ!?

Од јавните податоци кои се објавени во медиумите произлегува дека двајца од елитната петорка новинари на СДСМ, уредникот на „Фокус“, Младен Чадиковски и пратеничката на СДСМ, Ленче Николовска, чиј син е и сопственик на медиумот Бриф, веројатно се занимаваат и со овоштарство.

Втората, или можеби по редослед на нештата и основната нелогичност, е јавниот интерес? За да биде објавен каков било новинарски производ треба да има некаков јавен интерес од истиот. Ако текстот се однесувал само на пратеничката, тогаш може и да има оправдување пишувањето за нејзиниот имот, но само доколку се спореди нејзиниот анкетен лист со податоците од Катастар и доколку се направело некакво истражување дали споменатата користи нешто од субвенциите што следуваат според закон за секој што се занимава со земјоделство. Такво нешто во текстот нема.

А, кој, пак, е јавниот интерес за „овоштарникот“ на новинарот Чадиковски?  Ако се точни наводите дека станува збор за имот со големина од 615 метри квадратни, тогаш станува збор за земјиште кое е нешто поголемо од 30 х 20 метри во должина и широчина, што е смешно малку за некого да го наречете „овоштар“ или лице кое се занимава со овоштарство. Оттука е јасно дека не постои доволно јасно препознатлив јавен интерес за да се објавуваат некакви факти и да се носат заклучоци во форма на (непоткрепени) ставови и коментари низ целиот текст. Оттука пак, произлегува дека целта на текстот можеби била од сосема поинаква природа, различна од суштината на новинарството, а тоа е дискредитација на личности низ извртено и изнасилено толкување на фактите:

двајца од елитната петорка новинари на СДСМ

и

веројатно се занимаваат и со овоштарство.

Третата работа која нема врска со логиката, произлегува од следниот коментар:

По овие информации и по имотот кој го поседуваат, нужно се поставуваат прашањата дали тие покрај со новинарство се занимаваат и со овоштарство…

Ако претпоставиме дека и пратеничката Николовска е новинар, зошто би било „нужно да се поставуваат прашања“ дали Николовска и Чадиковски, „покрај новинарство се занимаваат и со овоштарство“? Тоа е нешто противзаконски и противуставно?  Ако станува збор за поширок интерес на јавноста, конфликтот би можел да настане само ако двајца новинари при својата работа постапувале неетички, па ја злоупотребувале јавната дејност – новинарството, за да добијат лична материјална или друга полза. Но, во текстот, не се ни насетува такво нешто, а не, пак, да е презентирано и образложено на професионален начин.

Освен горенаведените нелогичности во текстот не се почитувани низа основни новинарски стандарди: коментарот е интегриран и преовладува во однос на фактите, изворите за презентираните факти не се прецизирани, ниту е наведен некаков доказ – фотокопија или нешто слично, има извртување на вистината со тоа што двајцата се означени како новинари и со тоа што се означени како новинари на СДСМ, има крајно неетичко споменување на трето лице – син на пратеничката, нема прашања до втора или трета страна и слично.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, аноними

релевантни, нерелевантни

2 извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести