Рецензија: Нов скандал ја тресе Владата: Приведен е владин функционер за примање на мито
Објавено во Рецензии
on 25 - 04 - 2014 Автор: Југослава ДуковскаЕве еден речит пример за брзоплетост комбинирана со непочитување на основните новинарски правила за пишување на вест. Иако се работи за интернет-портал кој по дифолт има можност своите читатели да ги информира буквално веднаш по настанот, во овој случај тој се решил за полежерна, подобро речено – помрзлива варијанта – сензационалистички наслов кој ќе биде „тизер“ за читателите, а во самата вест информацијата ќе биде само нафрлена како непотврдена шпекулација, без ниту еден детал. Прегледувањето на останатите вести за истиот случај ќе открие дека останатите медиуми, откако утрото исто така ја пуштиле првата најава за случајот со митото од 200 евра, истата ја апдејтирале по одржаната прес-конференција во МВР, на која биле изнесени повеќе детали, но тоа не било сторено и во случајот со веста која е предмет на рецензијава. Во овој случај, предноста со раното објавување на првичната информација, е загубена два часа подоцна кога останатите медиуми нашироко информирале за случајот, објавувајќи пикантни детали, па и фотографии. Не помогнало ниту тоа што насловот е сеиџиски и што „боде очи“, едноставно веста е некомплетна и како таква паѓа во сенка на опширните извештаи од прес-конференцијата на Јанкуловска што ги објави конкуренцијата.
Линк до оригиналниот напис: Нов скандал ја тресе Владата: Приведен е владин функционер за примање на мито
Датум и време на објавување: 16.04.2014, 10:37
Датум на рецензирање: 22.04.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Веста е изведена од објавениот случај на апсење на службеник во Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој за земање на мито од 200 евра, од страна на Министерството за внатрешни работи, па изнесените факти можат да се сметаат за точни и веродостојни.
Меѓутоа, иако за случајов постои постои кредибилен извор на информацијата – министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, оваа вест се потпира само на пишувањата на „провладините медиуми“ кои дознале од полициски извори, за „новиот корупциски скандал во Владата“. Од оваа напомена, како и од времето на објавување на веста може да се заклучи дека порталот не сочекал званично соопштување на деталите, па затоа објавил некомплетна информација. Очигледно е дека веста е објавена на порталот пред одржувањето на прес-конференцијата на Јанкуловска и потоа не е апдејтирана.
Во текот на истиот ден, голем број на домашни медиуми нашироко информираа за самиот случај, но веста која е предмет на рецензијава донесува само штури податоци за она што се случило со напомена дека МВР најавува прес конференција со повеќе детали. Написот не пренесува детално за случајот за читателот да може навистина да процени дека се работи за „нов корупциски скандал“ кој „ја тресе Владата“, но тоа очигледно не било пречка се користат такви квалификации.
Непотребно коментирање на кое не му е место во една новинарска вест може да се детектира и во насловот, но и во самиот текст –дури и во единствената реченица која се занимава со предметниот случај, на крајот стои коментар дека тоа се случува токму пред изборите.
„Како што се дознава, осомничениот бил вработен во владината Агенција за поддршка на земјоделието и се сомничи дека барал поткуп за да им исплати помош на земјоделците, токму пред изборите“.
Написот има неодмерен и бомбастичен, типично сензационалистички наслов, кој, патем, не може да ја оправда содржината на написот, бидејќи зборува за скандал кој ја тресе Владата, а потоа во веста подолу случајот се опишува само во една реченица, што потсетува на онаа народната „Се тресеше гората…“. Употребена е фразата „нов скандал“ за да се изнесе мислење односно коментар (дека оваа Влада изобилува со скандали) што е спротивно на правилата за неутрално пренесување на информацијата во новинарска вест.
Кога станува збор за илустрирање на написот, на површина излегува пропустот во проследувањето на целиот настан поврзан со апсењето, бидејќи тој нема ниту соодветна илустрација. Додека останатите медиуми објавуваат фотографии од самиот приведен вработен во Агенцијата или пак снимка од прес-конференцијата на Јанкуловска, сајтот чијашто вест рецензираме морал да се задоволи со инсценација на поткуп (двајца костумирани мажи си разменуваат зелени банкноти што личат на евра) наместо илустрација.
Заклучок: Просто е неверојатно дека еден информативен медиум, кој известува за настан што го одбележал тој ден и бил свесен дека тој настан ќе се развива, односно дека следуваат нови подетални информации (најавена прес-конференција), одбрал да ги остави своите читатели нецелосно информирани. Посебно кога ќе се земе предвид дека се работи за интернет портал, каде што апдејтирањето на содржините оди побрзо од останатите видови медиуми (печат, ТВ) и тоа му е главната предност. Доколку навистина претендира и во иднина да им нуди на своите корисници „информации на дланка“, како што стои во заглавјето, повеќе од сигурно е дека ќе треба посериозно и попрофесионално да се проследуваат настаните за кои се известува.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови