Рецензија: Нов шок за ЕУ: Франција се приклучува кон грчкото бунтување кон германската политика
Објавено во Рецензии
on 11 - 02 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
Кусо и јасно: Франција не се приклучува кон грчкото бунтување кон германската политика. Ова би било, резимирано, она што е најпроблематично во информацијата што ја рецензираме – насловот е неточен исказ бидејќи исход на првата официјална посета на новиот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис, на Франција, по инаугурацијата на новата грчка влада на премиерот Ципрас и неговите разговори со францускиот колега Мишел Сапин, не беше договорен „бунт“ на Грција и на Франција против цврстите финансиски „узди“ на Германија во рамките на ЕУ, туку токму спротивното – Варуфакис доби јасна порака од Сапин дека Грција не може да очекува Франција да се скара со Германија поради грчкиот долг. Точно е дека претседателот на Франција, Мануел Валс, даде малку „помека“ изјава на истата тема, во која потсетува дека казнените мерки за штедење не можат повеќе да бидат иднина за Европска Унија и дека слабиот развој и невработеноста се драматично високи во Европа. Но, од сите изјави на францускиот премиер, дадени по победата на СИРИЗА на изборите во Грција и пред и за време на посетата на Варуфакис на Париз, кои можат да се најдат на интернет, никаде не може да се заклучи, како што тоа е сторено во овој текст – дека „официјален Париз очигледно има намера да го искористи грчкиот „бунт“ за свој интерес“.
Линк до оригиналниот напис: НОВ ШОК ЗА ЕУ: ФРАНЦИЈА СЕ ПРИКЛУЧУВА КОН ГРЧКОТО БУНТУВАЊЕ КОН ГЕРМАНСКАТА ПОЛИТИКА
Датум и време на објавување: 2.02.2015
Датум на рецензирање: 8.02.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитоста е под голем прашалник во овој напис. Единствен извор на информацијата е пишувањето на српската веб-страница web-tribune.com, која цитира искази на премиерот на Франција, Мануел Валс, дадени по повод посетата на новоназначениот грчки министер за финансии, Варуфакис, на официјален Париз. Всушност, текстот што го рецензираме е само обичен, и тоа лош превод на текст од спомнатата српска веб-страница.
И додека дел од цитираните изјави на Валс во рецензираниот напис се пренесени и од други светски медиуми и медиумски сервиси, дел никаде не можат да се лоцираат за да им се утврди веродостојноста. Дополнителна причина за сомневање во кредибилноста на исказите цитирани во текстот, кој е предмет на рецензијава, е токму фактот што спомнатата српска веб-страница изобилува со други материјали непоткрепени со изјави на извори на кои може да им се верува или, пак, изворите се, во најмала рака проблематични, но затоа е препознатлив по својот сензационализам и бомбастични наслови, што, впрочем, го потврдува и овој текст.
Дали од желба за (неоснована) сензација или поради покажување одредени политичко-идеолошки симпатии, написот е пример за спинување на вистината: дипломатските искази на поддршка дадени од официјален Париз се протолкувани како некаков радикален пресврт во француско-германските политички односи, нивно влошување, што е неточно.
Насловот е сериозен проблем на написот, тој содржи сензационалистичко тврдење за наводно „придружување на Франција кон грчкото бунтување кон германската политика“. Тоа не го соопштува ниту францискиот премиер Валс, чии изјави се цитираат во текстот, ниту такво нешто може да се заклучи од расположливите информации на тема Грција, грчкиот долг и економската политика на ЕУ во светските медиуми и информативни сервиси. Посебна приказна е што и насловот, како, впрочем, целиот текст содржи правописни грешки и грешки во преводот од српски јазик.
Одамна стана јасно дека насловите што почнуваат со „Шокантно!“ и со „Сензационално!“ само ја поткреваат скепсата кај читателот, бидејќи тие ретко кога најавуваат вистински шок или сензација, туку се во функција на привлекување на вниманието и зголемување на посетеноста на веб-страницата што ги донесува тие содржини. Но, кога непотребниот сензационализам ќе биде придружен со дезинформација, тогаш кредибилноста на медиумот е сериозно доведена во прашање.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови