Убава плата, но дали е тоа вистина?
Објавено во Рецензии
on 1 - 06 - 2015 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Никој не сака да биде заварувач, а платата е 1500 евра]
Насловот и најавата во овој текст се силни и добро го продаваат производот, но внатре е „мачка во вреќа“. На прв поглед мислите дека читате одлична вест и веќе се одлучувате за идно занимање – заварувач, бидејќи медиумот ви соопштува дека оваа професија заработува месечно 1.500 евра. Убава плата, но дали е тоа вистина?
Линк до оригиналниот напис: Никој не сака да биде заварувач, а платата е 1.500 евра
Датум и време на објавување: 29.05.2015, 11:39
Датум на рецензирање: 01.06.2015
Рецензент: Александар Писарев
ДАЛИ Е ОВА ВИЦ?
Главната вест, која е срж на целата информација, наликува на оној стар виц, „десет ќебапчиња и две пива 100 денари – каде? Никаде, ама ефтино е“. Истото е и во текстот – „нуди“ вработување за заварувачи со плата од 1.500 евра. Но, не кажува каде и дали некој навистина толку заработува со овој занает.
„Токму тоа продуцираше многу магистри и доктори на науки, кои сега седат дома, додека компаниите мака мачат да најдат кадри за работа во градежништвото, пекарството, леарството. И сосема е погрешно мислењето дека се тие слабо платени работи. Зар е ниска платата од 1.500 евра, колку што добива заварувач, наспроти 20.000 или 30.000 денари, колку што добиваат службениците што имаат завршено факултет.“
КАДЕ ГО ИМА ТОА?
Читателот е збунет и влегува во замка. Од кој извор е добиена оваа информација, дали тоа се однесува на Македонија? Авторот не наведува ни еден пример во кое претпријатие заварувачи примаат плата од 1.500 евра или кои компании нудат работа за овој профил на занаетчии за оваа плата.
Понатаму, авторот категорички тврди дека никој не сака да биде заварувач. Ова е претешка оценка и авторот кој се потпишал со полно име и презиме со ништо не ја докажува тезата. На пример, дека тоа го проверил во средни стурчни училишта или во Граѓански универзитет за доживотно учење „Кочо Рацин“, каде се врши преквалификација и обука за заварувачи и за слични професии и навистина се уверил дека во последните години не е запишана нова генерација за овие занимања.
ОГЛАС ЗА БИЗНИС-ЦЕНТАРОТ
Вториот дел на текстот е турлитава. Податокот дека од овој центар само одвај една третина од преквалификуваните работници нашле работа, не е оптимистички и контрадикторен е со тезата изнесена на почеток од текстот дека тие профили се многу барани и веднаш се вработуваат. Со тоа паѓа во вода и тезата изнесена во текстот дека невработени магистри и доктори на науки, доколку се прекавлификуваат, веднаш ќе најдат работа за повисока плата отколку во државна администрација.
Текстот е завршен со класична промоција на Бизнис-центарот на Стопанска комора на Македонија, каде се набројани сите профили за преквалификација, без сериозна анализа дали и каде тие можат да се вработат.
Во текстот не се испочитувани основните насоки од Кодексот на новинарите на Македонија дека текстот мора да се темели на вистината и таа да биде поткрепена со факти.
Не е испочитуван член 1. од Кодексот:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
2 извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови