Кашканица со бројки и со термини
Објавено во Рецензии
on 6 - 10 - 2015 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: Неуспешен референдум на граѓаните на општина Карпош]
Откако заврши изјаснувањето на граѓаните на Карпош за преиспитувањето на деталниот урбанистички план со кој една парковска површина се одзема за изградба на катна гаража, провладините медиуми се потсетија на нејзиното постоење! Оваа иницијатива требаше да сопре пренамена на градежна површина во споменатиот ДУП и да ја врати постапката во фаза на јавна презентација и на анкета.
Иако е тоа постапка од јавен интерес, главните и најгледани медиуми ја премолчеа за да не ѝ дадат „крилја“, а на неа се навратија кога изјаснувањето беше неуспешно. И при тоа, како „Канал 5“ во својот прилог, се задржaа само на едниот чинител во тоа изјаснување – оној против кого и беше насочено изјаснувањето, градоначалникот Стевчо Јакимовски. Ниту секунда простор за иницијаторите, односно граѓаните на оваа скопска општина! Покрај тоа, прилогот содржи низа недозволиви терминолошки неточности и има кашканица од произволни бројки.
Линк до оригиналниот напис: Неуспешен референдум на граѓание на општина Карпош
Датум и време на објавување: 01.10.2015, 18:52
Датум на рецензирање: 04.10.2015
Рецензент: Љубомир Костовски
„Собрани се 2 илјади потписи од потребните 6 илјади. За мотивите на овој референдум и зошто не успеа од разговорот на Ивана Стојановска со градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Што предвидуваше оваа иницијатива и кои беше целта на нејзино покренување и дали беа собрани потребните потписи? (прашање на новинарката – н.з.).
– Потребниот број на потписи не се собрани, беа потребни шест и пол илјада потписи а собрани се нешто повеќе од 2.500 потписи. Граѓаните на општина Карпош не поверуваа на лагите на СДСМ дека општината Карпош ќе отиде во населбата Карпош 4 и ќе ги испосече дрвјата, истакна Јакимовски.“
Најпрвин имаме комплетен хаос со бројките. За неуспехот на иницијаторите да изгледа поголем отколку што е, се зголемува бројот на гласачите, оние потенцијалните, а се намалува бројот на тие што се изјасниле за сторнирање на донесувањето на деталниот урбанистички план. Градоначалникот тврди дека за успех на иницијативата требало да се изјаснат 6.500 лица со право на глас. Телевизијата калкулира со 6.000 (!) а реалната бројка, според онаа што ја објавува ДИК, е 5.229, односно толку изнесуваат 10 отсто од вкупниот број регистрирани избирачи. Друго прашање е што е многу чудно што бројот на жителите на оваа скопска општина е 59.666, што значи бројот на малолетници е фрапантно мал. Односно дека нешто не е во ред со статистиката.
Втората неточност, која несомнено е намерна, за да му се даде „медал“ на градоначалникот, е дека се работи за референдум, демек за масовно изјаснување на граѓаните за некаква поддршка на политиката на власта во општината или против неа. Зборот референдум не го користи новинарката, но во кајронот, кој постојано стои на сликата за време на интервјуто со Стевчо Јакимовски, го имаме зборот „референдум“, како и во коментарот на водителката на вестите, Лидија Богатинова.
Да разјасниме малку. Граѓанската иницијатива е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето преку покренување иницијативи пред Собранието на Република Македонија, пред советите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје… Доволни за покренување се сто потписи, а се смета дека е успешна ако за неа се изјасниле 10 отсто од избирачкиот корпус (во случајот значи 5.200 лица), како што може да се прочита во правилата објавени тука.
За одржување на референдумот, се изјаснуваат 20 отсто од граѓаните избирачи или самата општина преку Советот (како при изјаснувањето за ГТЦ во Центар), а успешноста е високо поставена (50 отсто плус еден глас од избирачите).
Во случајот имаме граѓанска иницијатива и тој израз треба да се користи.
Втората кашканица е околу бројот на тие што се изјасниле во прилог на барањето од иницијативата. „Канал 5“ известува за 2.000 потписи, градоначалникот вели „над 2.500“, а самите граѓани сведетели говорат дека се потпишувале и зад бројки од 2.780! За малку поопширно во реакциите овде.
Кој излезе со официјален резултат? Тоа го немаме на „Канал 5“, ниту ги има реакциите на тие што ја покренаа иницијативата (ќе напоменеме – се гласало во цела општина, која е огромна, само на едно место во Козле и тоа строго во работно време, до 15 часот, но не и за време на викенд, кога вработените се слободни!).
Тоа се, секако, битни информации за да се извлече некаков заклучок за таа иницијатива.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
Се работи за тв прилог
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови