verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неодговорно ширење паника

on 7 - 06 - 2015       

 

 

[Рецензија: Жителите на Карпош во страв – Манијак напаѓа девојки (ФОТО)]

 

Манијак, качен на велосипед, напаѓа и силува жени низ скопската населба Карпош. Никој не знае кој е и каде е, веста е преземена од портал со забавни содржини, за неговото постоење зборува соговорник наведен со иницијали, без фотографија или друг облик на верификација на извор на информации, нема исказ од надлежните – полицијата и, згора на сè, текстот е илустриран со слајд од сигурносна камера на која се гледа младо момче на велосипед, со ќулавка на главата. Таман ќе помислите – еве нешто конкретно во врска со манијакот, но потоа ќе сфатите дека гледате во фотографија од некој друг град, а не Скопје. И, толку од автентичноста на информацијата, а толку и од запазувањето на новинарските стандарди, бидејќи за вест што „држи вода“ е потребно многу повеќе од понуденото.

Рецензија: Жителите на Карпош во страв – Манијак напаѓа девојки (ФОТО)Линк до оригиналниот напис: Жителите на Карпош во страв – Манијак напаѓа девојки (ФОТО)

Датум и време на објавување: 2.06. 2015, 11:25

Датум на рецензирање: 3.06.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Фактите во веста ги кажува соговорник претставен со иницијали. Тоа не е невообичаена практика во професионалното новинарство, но таа се применува од одредени причини и под одредени услови. Услов за објавување изјава на анонимно лице е негова заштита од последиците на објавувањето на информацијата, ама се практикува новинарот и редакцијата да го знаат вистинскиот идентитет на лицето. Но, во оваа вест не е проблемот анонимниот соговорник, туку тоа што фактите кои се соопштуваат не се проверени од релевантен извор, во случајов полицијата. Без оглед од каде потекнува иницијалната информација за појавувањето на сексуален манијак и насилник, новинарот е должен да ја провери пред да ја пласира во јавноста, инаку објавеното има третман на непроверени гласини.

Освен професионална обврска, новинарот има и општествена одговорност, доколку дојде во посед на информации важни за безбедноста на луѓето, да се однесува одговорно, што значи да ја провери информацијата. Според Прирачникот за етика во новинарството (ЗНМ, Скопје, 2012) кој се базира врз Меѓународниот новинарски кодекс, ова еден од првите препорачани принципи на новинарската професија:

Проверката на податоците и на точноста се морални императиви на новинарството, затоа новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а најмалку два меѓусебно неповрзани извори.

Што нè води до вториот битен сегмент – изворот на информации. Веста е пренесена во автентична форма од друг медиум, чијашто примарна функција не е информирањето на јавноста, туку нејзиното забавување и во неа, како што веќе рековме, нема официјален извор на информација, иако се работи за информација за потенцијален (или фактички) сторител на кривични дела, кој сè уште е на слобода и ги загрозува жителите на главниот град. Ова ја прави веста и нецелосна, односно несеопфатна.

Насловот е типично сензационалистички и затскрива сосема шуплива вест – од него произлегува дека во скопската населба Карпош владее, во најмала рака, самонаметнат полициски час и жените не излегуваат на улица во страв да не бидат силувани од непознатиот манијак, но во самата вест ова тврдење не е поткрепено со ниеден доказ, освен сведоштво на едно анонимно лице. Полицијата не се огласила, а и во јавноста нема информации дека такво нешто навистина се случува.

Илустрацијата на веста е врв на манипулирањето со вистината во оваа вест. Веднаш под бомбастичниот наслов: „Жителите на Карпош во страв – манијак напаѓа девојки“, стои фотографија на млад човек качен на велосипед. Во веста се спомнува дека наводниот манијак бил

„доста впечатлив, има околу триесетина години, вози сив тркачки велосипед и секогаш на вратот носи марама, која ја става врз своето лице кога има намера да нападне“

и асоцијацијата која се наметнува е дека токму момчето од слика е манијакот. Но, откако внимателно ќе се загледа фотографијата, ќе стане јасно дека се работи за улица во друг град (ивичниците на тротоарот, исцртаните ленти на улицата и другите видливи детали јасно укажуваат на тоа). Сепак, медиумот кој намерно објавил ваква дезинформација, евидентно сметал на тоа дека читателите нема внимателно да ја загледуваат сликата, па затоа и не треба да зачудуваат коментарите на социјалните мрежи, па дури и повици да се соберат луѓе за да се пресметаат со „манијакот“.

Никогаш не смее да ја искривоколчува содржината на фотографиите или на видеоинсертите во веста. Секогаш се дозволува подобрување на техничкиот квалитет на сликата за таа да биде појасна. Цитирајте го изворот на монтираниот материјал и на фотографиите што ги користите за илустрација. (Новинарски кодекс, Здружение на професионални новинари)

Сериозна тема, сериозен медиум, национален информативен сервис, но неодговорно новинарство. Објавена е непрофесионално сработена информација, која не само што го нарушува угледот и кредибилноста на медиумот, туку има и пошироки општествени импликации, поточно може да предизвика непотребна паника помеѓу жителите на главниот град на државата, па и насилство насочено кон лица кои, можеби, одговараат на описот на „манијакот“. И, кој ќе ја сноси одговорноста за сето ова?


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести