verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Најмалку новинари, најмногу “уфрлени“ лица на денешниот протест

on 25 - 10 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Najmalku-novinari-najmnogu-ufrleni-lica-na-denesni-crop-resize

Новинарскиот протест против пресудата за затворска казна за колегата Кежароски, одржан на платото пред Музејот на револуционерната борба на 23 октомври, беше јавен настан, кој се одвиваше среде бел ден, пред бројни сведоци, па обидот на овој текст да ги оцрни демонстрантите и опозицијата и да ја забошоти грубоста на полицијата кон учесниците на протестот, преку напис, кој, со мали измени, беше објавен во повеќе медиуми од слична провениенција, не се покажа како добар потег. Главната теза на написот е дека на протестот имало најмалку новинари, едвај педесетина, а дека

„поголем број од протестантите беа ‘уфрлени’ од оние на кои им одговараат немири штетни за Македонија“ ,

за понатаму во текстот да заклучи дека

„Сликата која ја видовме денес наликува на одработување на странски интереси, кои ја попречуваат нашата интеграција, токму на база на вакви аргументи кои им ги дават функционери на СДСМ и нивни ‘уфрлени’ луѓе“,

што може да се демантира и со прегледување на снимките од настанот и со сведоштва на присутни на протестот.  Написот содржи дезинформација:

„Наместо новинари, пред Музејот на ВМРО денес дојдоа пензионери, насилници и лица кои се појавуваат на секој протест организиран во земјава“,

па, иако не може да се негира дека на протестот имаше присутни и постари лица и лица кои не се новинари или пак се работи за поранешни новинaри, сепак, пропуштено е да се напише и дека според ниеден закон не е ограничено кој сѐ може да изрази солидарност со луѓе кои протестират на јавен собир, уредно пријавен на властите.

Текстот, кој има малку заедничко со класичната форма на новинарски извештај од место на настан, е преполн со спинување на фактите, при што не се гледа намерата да информира, туку попрво да оцрни и дискредитира, пред сѐ, да ги дискредитира оние новинари кои се осмелија да учествуваат на протестот.

Најмалку новинари, најмногу „уфрлени“ лица на денешниот протестЛинк до оригиналниот напис: Најмалку новинари, најмногу „уфрлени“ лица на денешниот протест

Датум и време на објавување: 23.10.2013, 15:07

Датум на рецензирање: 24.10.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Изобилството на материјали, како и сведоштвата за случувањата од лице место, објавени во редица медиуми и на социјалните мрежи, доволно зборуваат за неточноста и неверодостојноста на наводите во предметниов напис.

Извори на информации: Во него нема користени извори на информации. Кога се работи за класичен извештај од настан, на кој му сведочи новинарот-репортер, тогаш неговите зборови и фотографиите се достатни за да се задоволат сите елементи за еден новинарски извештај, но, во случајов, поради манирот во којшто е напишан, написот би бил некаков хибрид на  анализа-коментар во кој недостатокот на извори се обидува да го надополни со репортерски елементи, но материјалот што се пласира не може да ги задоволи ниту минималните критериуми на објективност.

Содржајност: Написот е несеопфатен, селективно известува од јавен настан и прикрива информации за тоа што се се случуваше на протестот. Има бројни сведоци, како и видео записи, кои покажуваат детали од протестот во кои полицијата грубо се справува со демонстрантите, но тоа не се ни спомнува во текстот.

Пристрасност: Написот од првата до последната буква содржи спинување на вистината, пласира лажни информации и покажува отворена наклонетост кон власта и анимозитет кон  учесниците на протестот, кои се окарактеризирани како насилници организирани од опозицијата.

„Вакво сценарио е скроено од опозицијата, тоа е јасно поради фактот што токму на неа и одговара да застане покрај ваков протест и да исценира инциденти“ 

за да ги увери, пак, докрај, читателите дека власта не може да има ништо со инцидентите за време на протестот, написот натаму тврди:

„На ВМРО-ДПМНЕ не и одговарат вакви слики, во земјата каде е на власт седма година. Рејтинзите се во корист на владејачката партија, која има убедливо водство пред СДСМ“,

што повеќе прозвучува како ишкање на мувата од капата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ отколку како издржан аргумент.

Коментирање: Иако според формата овој текст требаше да биде извештај од лице место, односно да прераскаже јавен настан, тој е напишан во форма на редакциски коментар, со политички поенти и дигресии.

Оригиналност/Плагијат: И овојпат се повторува праксата еден ист текст, со исти тези и конструкции на реченици, во различни варијанти и со различни надополнувања и дигресии да се појави симултано во неколку медиуми, па така останува нејасно дали некој од овој портал е автор на предметниот текст или пак текстот потекнува од друг извор.

Квалитет на насловот: Насловот ја одразува содржината на написот, односно суштината на дезинформацијата за која овде се прави обид да ѝ се протури на читателската публика.

Фотографија: Фотографиите од настанот се штури и аматерски, бидејќи ниту информираат за тоа што се случувало на протестот, ниту кој бил, односно не бил, ниту имаат некаква композиција, туку оставаат впечаток како да се направени набрзина и без идеја што треба да опфатат. Или, пак, вината лежи во оној кој го селектирал сликаниот материјал. Фигурите се или ситни или свртени со грб и не може да се види што прават, ниту да се отслика она што се тврди во текстот, освен на една каде што се гледа осамена жена како безуспешно се обидува да турне еден од полицајците од кордонот. Фотографиите се и најголемиот авто-гол на написот.

Говор на омраза: Освен очигледната лага, која е и лајт-мотив на текстот, дека на протестот против пресудата на новинарот Кежаровски имало минимален број на новинари, а дека останатите биле насилници организирани од опозицијата, кои „плукале, пцуеле и фрлале со камења кон специјалците“, написот донесува и опасна теза дека демонстрантите, припадници на опозиционата СДСМ не барале „слобода за Кежо“, туку барале „немири во Скопје! Во написот има елементи на говор на омраза, која се препознава во негативните квалификации за демонстрантите, оквалификувани дека се припадници на опозицијата и дека бараат немири во Скопје. Токму овој елемент има  капацитет за мобилизирање и генерирање на омраза насочена против определена групација на луѓе, со образложение дека тие, наводно, барале насилство, односно немири во Скопје.

Заклучок: Јасен е впечатокот дека написот немал намера да информира за вистинскиот развој на настаните поврзани со протестот што беше организиран на Денот на револуционерната борба, пред Музејот на ВМРО, туку да пласира свој верзија на случувањата и да ја обвини оозиционата СДСМ дека е организатор на протестот. Тоа е направено на прилично аматерски начин, со пласирање на материјал кој, со помали или поголеми измени, проциркулира низ повеќе медиуми од исте провениенција, па не може да се надмине впечатокот дека се работи за пропаганден, а не за новинарски материјал.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

потикнува на насилство

дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести