verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Стандардно омаловажување, недостига објективност, цaрува пристраност

on 12 - 06 - 2015       
Половина дневник напади врз опозицијата во сите форми. Колаж: СПФМ
Половина дневник напади врз опозицијата во сите форми. Колаж: СПФМ

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ од 11.06.2015 година, четврток, 18 часот]

 

Ова е, може да се каже, едно „нормално“ издание на ТВ-дневник на оваа телевизија. Во него стандардно доминираат прилози со омаловажување, недостига објективност, а цaрува пристраност. Можеби затоа и многу често дневниците на оваа телевизија се наоѓаат на оваа страница и се рецензирани

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

ТВ-дневниците мора да се објективни, содржајни и вистинити. Тие го формираат јавното мислење, а гледачите мора да бидат точно и навремено информирани.  Што инаку ги разликува професионалните од непрофесионалните медиуми. Токму тоа. Вистинитоста и точноста на пренесената информација. Тоа не беше случај со ТВ-дневникот на Сител од 11 јуни 2015 година (четврток) во 18 часот.

Половина од информативниот блок беше со еднострани прилози, кои имаа единствена цел да го омаловажат лидерот на опозицијата. Тој блок траеше околу 15 минути и речиси половина од вестите.

 

„ЗАБОРАВЕНИ“ ИЗЈАВИ

Вестите почнаа со прилог во кој се анализираат случувањата од Брисел. Прилогот беше пристрасен и необјективен, а згора на тоа беше и несодржаен. Во него беа пренесени изјавите од премиерот Никола Груевски дадени веднаш по завршувањето на 12-часовните разговори во Брисел, но ја немаше изјавата на Зоран Заев. Речиси сите независни медиуми уште од утрината пренесоа изјава од лидерот на СДСМ, како и соопштение од партијата, а Заев имаше и изјава по пристигнувањето во Скопје, која овој медиум, исто така, ја игнорираше.

Веднаш по пропаѓањето на преговорите, медиумите пренесоа дека за Заев неразумно и нелогично е креаторот на кризата Груевски да остане да раководи со владата која треба да организира, да подготви и да спроведе предвремени избори. Тој имаше и изјава во која се вели:

„Нашиот став е повеќе од јасен и ги аргументира во сите овие месеци нашите позиции. Груевски е подготвен сите да ги продаде. Да направи чекори, сè да направи само тој да остане на чело на Владата. Ако имаме избори кои ќе ја изразат волјата на граѓаните, тој ќе го доживее поразот кој години досега го заслужува. Мора да се обезбедат услови за независни, фер и демократски избори“, рече Заев.

Гледачите останаа покуси за информацијата дека СДСМ испрати и соопштение.

Исто така, во овој прилог не беше ставена ниту изјавата на Заев по враќањето од Брисел. Поради тоа, гледачите не можеа да чујат што порача лидерот на опозицијата. Тоа, пак, текстот го прави необјективен и несодржаен, а не е ниту професионално сработен. Секој новинарски производ мора да ја има и втората страна на приказната, најмногу во вакви прилози, кога едната страна постојано се напаѓа, а не ѝ е даден простор да се брани. Инаку, еве што изјави Заев по враќањето од Брисел, а што не го регистрираше телевизија „Сител“:

„Нашите барања се јасни зошто тоа така треба да се постигне, евентуално следниот чекор може да донесе решение. Тешко и мачно е за сите учесници во разговорите, но не се важни нашите суети и нашите позиции вкопани во ровови, одлучуваме за иднината на нашата земја. Договор да има само колку да има договор, а под маса да има местенки, порано или подоцна ќе излезе на површина. Задоволен сум бидејќи работите се движат во наш очекуван правец, но не можам да соопштам радосна вест.“

Исто така, во дел од изјавата на Заев се вели и дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, повеќе одмогнал отколку што помогнал. Сето тоа го немаше во овој прилог.

 

ОМАЛОВАЖУВАЊЕ НОВИНАРИ

Веднаш по овој прилог беше емитувана содржина која имаше цел да омаловажи и новинари и луѓе кои се критички настроени кон оваа власт. Така, во прилогот беше прочитана цела колумна од порталот „Нетпрес“ во која се напаѓа новинарот Бранко Героски.

Во колумната се вели:

„Овие денови најхумористичен лик е Героски. Жива забава е да го читаш што сè си пишува. Менува ставови, не од ден на ден, туку веќе брка светски рекорди и менува став од час во час, а сигурен сум кај и да е ќе почне да менува став од минута во минута. И око не му трепнува за тоа. Како да нема публика која ги следи неговите текстови и останува фрапирана од лупинзите и салтата што овој човек ги прави.“

Новинарот, пак, кој го изработувал овој прилог не нашол за потребно да го праша за мислење и Геровски, најмногу поради тоа што во текстот тој цело време е напаѓан, на моменти и вулгарно. Ако веќе решиле да „играат“ на овој начин, тогаш можеле да пренесат барем еден фејсбук-статус од Геровски во кој тој се осврнува токму на оваа колумна. Така гледачите ќе имале „рамноправни“ ставови за размислување и за формирање на мислење. Сепак, тоа не е сторено во овој прилог. Инаку, Геровски како реплика на оваа колумна на „Фејсбук“ сподели статус:

„Внимавајте што пишуваат куририте за Заев: “Странските претставници воочија дека овој политичар нема елементарна култура бидејќи тој во текот на средбата молчел, не одговарал на нивните прашања и не посветувал внимание на предлозите дадени од нивна страна.”

Хахахах! Добар совет вреди да се послуша.“

Во овој прилог беа вметнати и реакциите по пропаднатите преговори во Брисел. Во прилогот се вели дека имало лавина реакции за неодговорното и недржавничко однесување на лидерот на СДСМ на преговорите во Брисел. Новинари, политичари и јавни личности на социјалните межи го истакнале лицемерниот однос на опозицијата кон европската иднина на државата. Во него се вметаните фејсбук-статуси од Илија Димовски, Антонио Милошоски, Љупчо Димовски.

За разлика од овој медиум, повеќето независни медиуми известија објективно за реакциите. Точно е дека имаше реакции од овие луѓе, но вистината е дека имаше фејсбук-статуси и од луѓе од опозицијата. Тие не беа вметнати во прилогот, но затоа други медиуми ги пренесоа. Па, така, новинската агенција „Мета“ под наслов  Политичарите се раскараа по социјалните мрежи, покрај тоа што ги пренесе овие рекции, ги објави и статусите на:

Радмила Шекеринска, која рече:

„Тој што го создаде проблемите, не може да се „продава“ како нивното решение.“

Петре Шилегов:

„Еврокомесарот Јоханес Хан бил разочаран од недостаток на лидерство и одговорност на некои политичари во Македонија. И ние сме. Цели 9 години“

Јани Макрадули:

„Европската Комисија бара конкретни предлози. Бидејќи 5 години го игнорираше секој коментар и предлог од опозицијата за нејзините извештаи за некаков прогрес на Македонија, најдобар предлог е да го вратиме времето. А, ако не е можно тоа нека проверат во сопствените држави дали некој нивен премиер: купува плацеви и менува планови на сила, договара провизии, менува историја, уценува пред избори…“

Александар Бичиклиски:

„Еве пак влегуваме во историјата: за прв пат во историјата на демократијата опозицијата која и е природна цел да се бори да дојде на власт што може побрзо побара одложување на изборите за една година????“

Ермира Мехмети:

„Ниту еден диктатор не ја напуштил власта по три средби. Се уште е рано. Спијте мирно.“

Во следниот прилог беше пренесена „анализата“, како што ја нарекуваат, од вестите во 16 часот. Во оваа „анализа“, во живо, преку линк, беше побарано мислење за политичката состојба од професорката Тања Каракамишева. Друг соговорник немаше. Инаку, современите телевизии, кои држат до професионалните стандарди, во оваа „анализа“ би вклучиле барем уште еден соговорник, кој има поинакви ставови од оваа професорка. Така, гледачите би можеле сами да протолкуваат кој ја зборува вистината без телевизијата да им наметнува мислење за темата. Поради тоа и овој прилог може да се окарактеризира како непрофесионален.

 

БЕЗ МЕСТО ЗА СВЕТ И ЗА СПОРТ

Понатаму, во прилогот за случувањата во Ваксинце кој телевизијата го има „крстено“ како: Сител во Ваксинце неколку часа по акцијата, непотребно стои ваква назнака која алудира на ексклузивно. Тоа не е вистина затоа што во Ваксинце дента беа сите медиуми и сите пренесоа за тоа што се случувало таму.

За да бидеме доследни до крај, мора да се каже дека професионално, без некои поголеми недоследности кога станува збор за новинарство по мерка, беа направени прилозите:

Во бизнис-вестите, како по обичај, повеќете прилози беа ЕПП за власта. Еве некои од нив:

Овие прилози се направени без критички осврт. Пуштени се само со информациите кои им биле пласирани, без притоа да побараат барем експертско мислење на темата. Насловите се бомбастични, но не се објективни и се пристрасни.

И секако, кога оваа телевизија има кампања за омаловажување на опозицијата во 15 минути и во пет прилози, тогаш има многу малку или воопшто нема место за вести од светот и од спортот. Па така, овие многу битни содржини во една информативна емисија, речиси и да ги немаше или се изгубија во политичката пропаганда.

Ова е, може да се каже, едно „нормално“ издание на ТВ-дневник на оваа телевизија. Во него стандардно доминираат прилози со омаловажување, недостига објективност, а царува пристраност. Затоа и многу често дневниците на оваа телевизија се рецензирани во „Сервис за проверка на факти во меидумите“. Секако дека со секоја ваква рецензија се мисли дека се помага за новинарите да сфатат каде грешат и да се поправат, но се чини дека тука нема полза од тоа. Затоа, пак, ние мора да ги предупредиме читателите, кои се оставени без можност за информација. Тие мора да бидат информирани вистинито. Тоа е нивно право. Но, овој ТВ-дневник тоа не им го овозможува.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести