verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: На младите не им се работи, дури и сезонски!

on 17 - 07 - 2013       

Станува збор за напис кој „тврдо“ следи една теза од почеток до крај, теза која е преземена од изјава на соговорник. Оваа теза, која почнува од насловот и продолжува низ целиот текст, е поткрепена од еднострани извори, додека знаците и податоците што говорат поинаку, а кои ги има и во информациите во текстот и во придружните вести со текстот, воопшто не се земени во предвид. Ни за момент никој не се посомневал дека основната теза – младите не сакаат да работат сезонски – е барем донекаде проблематична.

Рецензија: На младите не им се работи, дури и сезонски!Линк до оригиналниот напис: На младите не им се работи, дури и сезонски!

Датум и време на објавување: 12.07.2013

Датум на рецензирање: 17.07.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Написот почнува со зборовите:

„Додека во развиените земји сите го чекаат летото за да заработат некоја пара повеќе, тоа не е случај и во Македонија. Кај нас, иако има голема стапка на невработеност, посебно кај младите, има недостаток од сезонски работници. Овој проблем е драстично изразен во конзервната индустрија.“

Причината за ваквото однесување на младите е многу јасна. Парите што се плаќаат за сезонската работа се едноставно многу ниски, како што и самиот напис наведува – 55 денари на час или 400 денари за 10 гајби набрани вишни или за 100 килограми вишни. Но, проблемот на плаќањето на сезонците многу малку е загатнат во овој текст.

Секој оној што се разбира малку од малку од состојбите во регионот, знае дека до само пред неколку години, пред кризата во Грција, младите од Македонија дури и плаќаа по 250 евра за да бидат прошверцувани надвор од Грција зашто беа влезени со туристичка виза и го надминаа дозволениот период за престој, работејќи како сезонски работници. Предзнаењата со кои е тргнато да се работи овој напис се мали, ако се знае и дека со децении наназад младите од Македонија заминувале во Грција да берат портокали (Крит е особено популарна дестинација), а оделе дури и во Италија да вршат вакви сезонски работи. Но, таму, за разлика од ова што овде се нуди, заработувачката била далеку поголема.

Потоа, крајно нејасно е како може упорно да се држи оваа теза дека младите не сакаат да работат ни како сезонски работници за овие пари што им се нудат, кога истиот медиум пред само еден месец објави вест во која се вели оти конзервната индустрија лани има остварено рекорден извоз. Во овој напис се истакнува дека оваа гранка во 2012 година извезла „40,5 илјади тони, односно 46,1 милион евра, што претставува рекордна вредност за извоз што досега е постигната во оваа гранка“. Тука веднаш морало да се постави и прашањето, ако на конзервната индустрија и оди толку добро, ако има рекорден извоз и ако има проблем да најде сезонски берачи, зошто тогаш не ги зголеми дневниците и не си ја обезбеди потребната работна сила. И онака берачите не учествуваат ни со 5-7 отсто во вкупната малопродажна цена на набраниот производ.

Но, ништо од ова не предизвикало никакви сомневања при составувањето на написот и тој се држи кон едностраната теза дека младите, ете, не сакаат да работат „дури ни“ сезонски.

Како капак на ова, медиумот е искритикуван и од читателите во коментарите под написот, кои веднаш го забележале очигледното – прениските надници:

„Просечна плата на сезонците е 55 денари на час – ЈАСНО ЛИ ВИ Е ЗОШТО НЕ МОЖЕТЕ ДА НАЈДЕТЕ СЕЗОНСКИ РАБОТНИЦИ?????“,

„Кој би работел за 550 денари цел ден од овие пари нема ни за леб и вода што ќе однесе дома – ништо“,

„Па младите треба да се стварно луди да работат за овие пари. Не сме во Африка“,

„Да ама во Европа даваат по 10 евра на саат, овие овде даваат сто евра месечно, ќе се убиеш од работа за 100 евра“,

„па кој е глуп да ви работи за 6000 денари“

и слично.

Од 9 коментари на читателите, дури 7 како причина за незаинтересираноста на младите за сезонска работа ги наведуваат ниските надници.

Сето ова покажува дека иако текстот се темели на факти, тие се избрани селективно и протолкувани сосема погрешно.

Извори на информации: Извор за текстот е Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) и една менаџерка од конзервната индустрија.

Ова значи дека изворите се целосно еднострани. МАП е газдинска и менаџерска организација, која ги штити интересите на работодавците, односно на газдите.

Ако написот веќе има два извори што ја застапуваат едната страна, ред би било да има и други извори, кои ќе дадат и поинаква перспектива – како синдикатот, да се направи анкета меѓу младите или, пак, уште подобро, директно да се прашаат сезонските работници .

Вака, сѐ останува на два еднострани извори, а главниот навод се темели на изјава на само една менаџерка. А, колку изјавите на изворите се еднострани, покажува и нејзината изјава во која таа вели:

„Бараме ако може барем првите пет дена да не мора да бидат пријавени, додека трае обуката, во случај ако решат да се откажат, да не се соочиме ние со казни.“

Ова покажува дека газдите и менаџерите воопшто не ни размислуваат за прашањето на цената на трудот за сезонците, туку главен проблем им е тоа што мораат да ги пријават (како што бара законот за секое вработување) и што мораат ако некој се откаже повторно да одат во надлежната институција да го одјават, небаре тоа е некаков огромен проблем, кој не може да се реши.

Содржајност: Едностраноста секогаш носи проблеми со содржајноста. Кога еден напис е едностран и кога ја претставува само едната страна и тоа од различни извори, пренебрегнувајќи го прашањето што бездруго боде очи, тогаш тој напис се соочува со проблем дека е недоволно содржаен.

Но, едностраноста овде се случува и на друго ниво. Односно дури и во рамките на наметнатата теза – дека младите не сакаат да работат. Ова не е првпат оваа теза да се протура во јавноста. За неа првпат говореше министерот за труд и социјална политика, кој кажа нешто слично, како и директорот на националната Агенцијата за вработување. Нивните изјави како да фатија корен кај работодавците и како младите да станаа монета за поткусурување, кога станува збор за цената на трудот.

Ако веќе менаџерката од конзервната индустрија ја кажува ваквата теза неполни два месеци после министерот за труд и социјална политика, тогаш таа требало да се праша дали слушнала за сличната ваква изјава на министерот и дали можеби оваа министерска изјава и помогнала во формирањето на нејзиното актуелно мислење.

Пристрасност: Незагатнувањето на прашањето за цената на трудот на сезонците толку многу боде очи, што едноставно не може, а овој напис да не се оцени како пристрасен. Написот дури и содржи дополнителна вест во која се вели дека за дневница од 400 денари треба да се наберат 100 килограми вишни. Ако станувало збор за непристрасност, ова веднаш требало да предизвика аларм, аларм кој во овој случај изостанал. Исто така, многу тешко е да не се помисли дека главниот навод во написот нема никаква врска со сличното тврдење на високи државни функционери од пред само неполни два месеци.

Исто така, во написот се спомнува и истражување на МАП за сезонските работници и сезонската работа. Еве што вели написот за оној дел од истражувањето каде што се говори за цената на трудот на сезонците:

„Сезонските работници во индустријата за овошје и зеленчук во просек биле платени по 55 денари за еден час работа, покажува истражување на МАП. Нето-цената по работен час во 2012 година се движела од 40 до 70 денари. Еден сезонски работник обично заработувал просечна нето-месечна плата од 10 до 12 илјади денари. Оваа сума и натаму е под националниот просек, но е поповолна отколку во другите трудоинтензивни индустрии, стои во извештајот.“

Просечна нето-месечна плата од 10 до 12 илјади денари не е „и натаму под националниот просек“, туку таа е дури 40-50 отсто под националниот просек. Настрана фактот што споредувањето на националниот просек на месечните нето плати, кои не се однесуваат на сезонски работници, туку на работници кои се вработени во редовен работен однос на неопределено работно време или со договор од над една, две или повеќе години е како споредување баби и жаби.

Редовниот работен однос и сезонската работа се толку различни што и не вреди да се споредуваат. Редовниот работен однос нуди сигурност, можност за пензионирање, редовно здравствено осигурување и можност за напредување на работното место, додека сезонците се осигурени само тие месец, два или три додека трае бербата и толку, потоа ја губат работата и немаат никакви можности за напредување. Затоа и не е толку едноставно да се каже дека сумата од 10-12 илјади денари е „поповолна отколку во другите трудоинтензивни индустрии“.

Тешко дека трудот на текстилните работници и работнички може да се спореди со берење на 100 килограми вишни дневно на отворено и под жешко сонце. Настрана фактот што и трудово интензивните индустрии, текстилната, на пример, во источна Македонија, редовно има непополнети слободни работни места токму заради малите плати. Потоа, ако во текстилната индустрија платите не можат да се зголемат заради големата конкуренција од Далечниот Исток, тоа не е случај со сезонските берачи, зашто, ете, на конзервната индустрија и оди одлично, има рекорден извоз и сигурно може дел од профитот да подели со своите сезонски работници.

Коментирање: Во написот нема многу коментирање, но тој почнува со тврдење кое содржи коментаторски елементи:

„Додека во развиените земји сите го чекаат летото за да заработат некоја пара повеќе, тоа не е случај и во Македонија.“

Покрај тоа што нема потреба новинарски извештај да почнува со ваков тврд став, тој делува и многу изнасилено и претерано. Сите го чекаат летото за да заработат некоја пара повеќе? Ова е мошне проблематично тврдење. Ако летниот период има една пошироко позната карактеристика, тоа е дека тој е период на одмори. Дури и оние што во лето работат како сезонци, значителен дел од нив заработените пари ги користат за да отидат на летен одмор или, пак, работата ја спојуваат со одморот, работејќи во туристички локации или останувајќи да летуваат таму, откако малку ќе поработат.

Квалитет на насловот: Насловот е оној што ја загатнува основната теза – дека младите не сакаат да работат сезонски и тој е едноставно тенденциозен. Но, тој оди и чекор понатаму. Со зборовите „дури и“ во насловот кој гласи: „На младите не им се работи, дури и сезонски!“ како да се сака да се каже дека младите генерално не работат и ај што не работат во текот на годината, како и сите други, тие дури и не сакаат да работат ни пар месеци во лето.

Фотографија: Фотографијата изгледа несоодветна. Според скромните познавања на рецензентот кога станува збор за овоштарството, оваа фотографија не изгледа како да е од Македонија. Нејзиното потекло не може да се утврди, но се гледа дека станува збор за оранжерија, зашто просторот во кој се лоцирани растенијата што се берат е покриен. Потоа, овие растенија на фотографијата не личат на овошки, односно овошни дрва, а фотографијата би требал ода илустрира берба во овоштарството. Покрај тоа, тие не личат ниту на зеленчукови нискостеблести растенија.

Овие растенија на фотографијата делуваат туѓо, како да не се од Македонија и сето ова буди сомневање дека таа е сосема несоодветна. Спротивно на изјавата на менаџерката од конзервната индустрија, која вели дека објавиле оглас за „машка работна сила“, сите три лица на фотографијата што берат некакви непознати плодови, кои не можат да се распознаат, се од женски пол.

Говор на омраза: Говор на омраза во веста нема, како што нема ни дискредитација на никого конкретно. Но, следнава изјава е проблематична од неколку причини:

„Голем проблем се сезонските работници. На младите не им се работи. Нам, конкретно ни треба во моментов машка работна сила, објавивме неколку огласи и едвај се јавија неколку лица – вели Тина Карадакоска, менаџер на конзервната компанија Маби-Трејд” од Гевгелија.“

Како прво, овде станува збор за создавање на стереотип за младите како неработници („не им се работи“). Ова, се разбира не е точно, Не може за цела една група луѓе, кои единствено нешто што го имаат заедничко е возраста, да се каже дека „не им се работи“. Тука станува збор и за дискредитација на цела една категорија на лица според возраст. Иако Македонија има најголема невработеност кај младите во Европа од 51 отсто (од 15 до 24 години), сепак, останатите 49 отсто млади, кои се дел од работната сила, работат. Останатите, како што е познато, или студираат или се уште се на училиште. Сето ова покажува дека оваа изјава не држи, кога станува збор за цел еден сегмент од населението кој брои стотици илјади лица. Тие во никој случај не можат да се поистоветат и да им се припишуваат заеднички негативни карактеристики. Затоа изјавата не требало да се објави и изворот да се игнорира, или во најмала рака да се бараат редица дообјаснувања.

Како второ, што значи делот од изјавата во која се вели „ни треба во моментов машка работна сила“? Каква е таа машка работна сила? Споредено со немањето потреба од „женска работна сила“?  Дали овде се мисли дека има сезонски работи во берењето, кои не се погодни за жените или работи кои можат да ги вршат само мажите? Тоа едноставно не може да биде точно. Според актуелната законска регулатива во земјава, работодавците не смеат да дискриминираат според пол, кога станува збор за работните места. Ако во огласите пишувало дека се бара исклучиво „машка работна сила“, тогаш тие биле незаконски и спротивни на член 3 и член 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РМ, бр. 50 од 13.04.2010 година), како според Законот за работни односи, каде што членот 6, кој ја регулира оваа проблематика, е ставен во посебно потпоглавје:

Забрана на дискриминацијата

Член 6

(1) Работодавачот не смее барателот на вработување (во натамошниот текст: кандидат за вработување) или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.

(2) На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со:

1) пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата;

2) условите за работа;

3) еднаква исплата за еднаква работа;

4) професионални шеми за социјалното осигурување;

5) отсуство од работа;

6) работно време и

7) откажување на договорот за вработување.

(3) Принципот на еднаков третман подразбира забрана за директна и/или индиректна дискриминација, во смисла на ставовите (1) и (2) од овој член.

Овде авторот морал веднаш да реагира со прашања и дообјаснувања, што ова значи, дали навистина е објавен оглас во кој се бараат само мажи, а жените се одбивани и слично, но ништо такво во написот нема и одговорите на таквите евентуални прашања изостануваат.

Заклучок: Силување на теза, без да се погледне пошироко и да се земат предвид сите информации никогаш не е добро. Овде се стекнува впечаток на упорно форсирање на однапред смислена теза, за која потоа како да се сакаат да се изнајдат аргументи, но ни тоа не води никаде и тоа особено кога ќе се погледнат бројките за сумите што им се исплаќаат сезонците, а уште повеќе бројните реагирања на читателите.

Доделување на една карактеристика на цел еден популациски сегмент бездруго води кон креирање на стереотипи, каков што овде се создава за младите – дека не им се работи и ваква стереотипизација секогаш треба да се избегнува зашто речиси никогаш не е точна.

Посебен проблем е и самото објавување и нереагирање на изјавата на изворот во која тој вели дека дале оглас во кој се бара „машка работна сила“, што наведува на можна дискриминација според пол.

Во секој случај, заради „бркање теза“, за која овде не може да се каже дека е аргументирана, страда кредибилитетот на целиот напис. На написот не му помагаат и други пропратни несоодветно аргументирани наводи и едностраниот избор на изворите.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има

неточни

не може да се утврди

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има

официјални

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатна

можеби

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно

има

наклонетост

комерцијална

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има

интегрирани

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

не

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема

нема

не потикнува

дискриминира

полова

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

нема

нема

делумно уреден

не

Претплатете се за најнови вести