verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Мрежата во медиумите на СДСМ – Безброј портали исти сопственици

on 4 - 02 - 2014       

Мрежата во медиумите на СДСМ – Безброј портали исти сопственици NetPress-crop-resize

„Новинарската војна“ во земјава дојде до, според речникот на меѓународната политика, ниво на хуманитарна катастрофа. Не се внимава на тоа што е „легитимна цел, а што е населено место“, се пука од сите, дури и забранети видови оружја – се користат касетни бомби, боеви отрови, не се води сметка за „цивилни жртви“ и по она народното „покрај сувото ќе гори и суровото“.

Не знам кому, а сигурно има кому, ама тоа не е публиката, му одговара ваквата ситуација – медиумите наместо да „копаат“ по оние кои се во позиција да прават злоупотреби, тие повеќе се занимаваат со сопствениот „валкан“, но за жал и „чист“ веш. Не знам зошто некои медиуми се најдоа повикани да бранат одредени новинари за кои опозицијата, пак повторувам опозицијата, обелодени документи според кои тие учествувале и добивале државни тендери. Ако некој смета дека опозиционерите излажале, тогаш правдата, како и во секоја демократија, нека си ја побара преку судовите. Што е тука „гревот“ на т.н. опозициски портали – дека објавиле прес-конференции на опозицијата во кои се укажува на сериозна дисфункционалност во односите меѓу некои новинари и инстутуции на државата во кои се меша што е бизнис, а што журнализам?! Па, тоа е работа на секој медиум, независно дали е, според нечија класификација владин или антивладин – да ги објави двете страни на приказната – едната на опозицијата, а другата на, во овој случај, засегнатата новинарка и тој што ѝ го доделил тендерот. И тука доаѓа „закачката“ – нападот, особено медиумски, е најдобрата одбрана, но не се напаѓа само опозицијата, туку и сајтовите, кои не се под владина контрола, преку нивно стигматизирање како „сопстевност на СДСМ, сомнителни, фондациски, па дури и предавнички“ и паралелно објавување на сиот „веш“ на нивните уредници, независно од тоа дали тој бил бел, црн, чист, валкан. И зошто сето тоа? Едноставно од новинарски побуди? Не верувам дека е само тоа во прашање…

2Линк до оригиналниот напис: Мрежата во медиумите на СДСМ – Безброј портали исти сопственици

Датум и време на објавување: 02.02.2014, 11:55

Датум на рецензирање:  03.04.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Ја има, но јасно е злоупотребена и извртена. Спинот, како и во низата претходни текстови поврзани со „опозициските“ портали, е во тоа што се прави обид да се стави знак на равенство меѓу случајот на уредничката, која освен со новинарство се занимавала и со „тендерирање“ за медицинска опрема, и сајтовите и нивните сопственици и уредници за кои, наспроти сета кампања против нив, не успеа да се најде доказ дека се занимавале со нешто друго освен со медиумски услуги. Во ред, оформиле невладини организации како основа за тие портали и некои од нив, како што е истражено во овој текст, имале иста адреса. Дали е тоа злосторничко здружување? Дали има тука криминал? Дали се јавувале како субјекти на државни тендери? Одговорот е не. Неколкумина постари новинари, дел избркани, дел останати без работа, формирале информативни сајтови и се занимаваат со таа дејност исто како и сајтот каде е објавен текстот кој го рецензираме.  Штом ова го расчистивме, одиме на следниот дел – улогата на ФООМ (попозната како СОРОС фондација), која ги поддржува овие, за некого, проблематични портали. Не е вистина дека не се знае колку пари им се доделени, бидејќи првиот човек на фондацијата тие податоци јавно ги објави. Друго, во извештаите на сите, ама баш сите релевантни институции, не говорам само за невладини организации, еве, на пример, минатогодишниот редовен репорт на ЕК, не се пробламитизира финансирањето на ФООМ, туку владината широкограда поддршка на одредени медиуми во земјава како форма на купување поддршка. Така што, кога се тргнува во еден ваков, би го нарекол, „крстоносен поход по вистината“ требало барем да се расчисти што сакало да се постигне: да се (дез)информира, да се манипулира, да се одбрани некој, или да се „сработи“ за некој.

Извори на информации: Во текстот има многу информации и бројки, дел и претходно објавени, без до крај да биде јасно кој е изворот на тие податоци. Само на едно место е наведено дека станува збор за „основачки документ“, а сѐ друго е едноставно редење на, како што е претставена, историја на тие интернет-портали без докрај да се прецизираат користените или употребените извори. Во написот нема присуство на изјави од, на пример, маркетинг-експерти, кои би ги потврдиле формулациите:

„За многумина еден сопственик на портал би се одлучил за здружение, а не за фирма  само доколку сака да го изигра законот. Лесно е кога главниот извор за финансирање е Сорос, а рекламите се продаваат по смешни цени, за да износот не го помине годишниот законски лимит од 2 милиони денари добивка.“

Содржајност: Не е спорна содржајноста, која ја има, туку „шмекот“ кој и се има дадено дека во случаите на овие интернет-портали има нешто сомнително, а можеби и расипано. Наместо, ако веќе толку се сакало да се пишува за финансиската работа на тие сајтови, само да се наредат податоците, без дополнителни „сугестии“ како:

„Ацо Кабранов е кум на Љубомир Фрчковски и нормално во редакцијата е вработена и кумашинката Лени Фрчковска, ќерка на Љубомир Фрчковски“.

Пристрасност: Ако не е спорна содржајноста, тогаш истото може да се каже и за пристрасноста. Ја има и тоа во доста големи концентрации. Дури би рекол дека на моменти таа преминува и во анимозитет кон некои од „анализираните“ новинари во овој текст. 

Коментирање: Употребените облици на коментар не придонесуваат за засилување на квалиетот на текстот, туку само го дополнуваат впечатокот на тенденциозност:

„Совршено е јасно дека двата сајта се наменски формирани и целта не е функционирање по пазарна логика туку земање и искористување на донации и буквално глумење на опозиционерство. Или, пак, што би се рекло двата сајта се најдоброто нешто што со донација може да се плати“.

Оригиналност/Плагијат: Иако не е потпишан, станува збор за оригинален текст. Како аргумент за тоа може да се искористи фактот дека овој напис е цитиран од други медиуми. Порталот на кој е објавен текстот во последниот период е предводник во пласирањето „ексклузиви“ за неподобните новинари.

Квалитет на насловот: Насловот „Мрежата во медиумите на СДСМ – Безброј портали исти сопственици“ е крајно тенденциозен, бидејќи иако во текстот се објавуваат „плева“ од податоци за неколку интернет-портали, никаде не се споменува јасен и недвосмислен доказ дека тие се на СДСМ. Значи, станува збор за остра насловна конструкција, без соодветен аргумент.

Фотографија: Употребени се две фотографии од кои едната е крајно некоректна – извлечена е од Фејсбук профилот на еден од новинарите на која тој е прикажан како ужива за време на својот престој во САД. Со таа „фотка“ најверојатно се сакало да се создаде впечаток на постоење на елитизам кај „постарата новинарска постава“ во земјава.

Заклучок: Текст на некој „спин-доктор“ кој во голема мерка не ги почитува правилата на новинарско однесување. Забележливо е отсуството на постапување според професионалните стандарди, но не поради знаење, туку со умисла. Што да се каже освен дека ова е уште еден напис во серијата „лов по вештерки во новинарските кругови“.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

извитоперени

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

само на едно место е нотиран извор

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

најверојатно да

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

едната да, другата не

едната фотографија најверојатно е употребена за да манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести