verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ММФ нотираше стабилни макроекономски перформанси за Македонија

on 17 - 04 - 2013       

Кога оценките на претставниците на ММФ се злоупотребуваат за спинување и за неумерена и неизбалансирана критика на ставовите  на опозицијата.

Рецензија: ММФ нотираше стабилни макроекономски перформанси за МакедонијаЛинк до оригиналниот напис: ММФ нотираше стабилни макроекономски перформанси за Македонија

Датум и време на објавување: 17.04.2013, 13:42:21

Датум на рецензирање: 17.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Почетниот дел од написот на Нетпрес се темели на оценки на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, кои се сведуваат и на насловната констатација дека Македонија бележи „стабилни економски перформанси“.

Вториот дел од анализата се наводи, поточно спинови, чија точност и веродостојност е спорна. Тоа што земјата одржува макроекономска стабилност не е доволна причина да се утврди „фактот“ дека ММФ ја фрлил „во вода“ тезата на СДСМ дека актуелната влада ја носи земјата во амбис.

Макроекономската стабилност не е клучен фактор што може да ја спречи кризата во реалниот сектор во економијата, или евентуално да спречи банкарска и финансиска криза.

Извори на информации: Написот, чија жанровска определеност е тешко да се утврди, се повикува на два извора – шефицата на мисијата на ММФ во Македонија и министерот за финансии. Станува збор за официјални и релевантни извори.

Па сепак, со оглед на фактот што авторот исказите и оценките на овие извори ги спротивставува на политиките на СДСМ, требало да се потруди да обезбеди исказ (или да цитира веќе објавена изјава) на официјален  претставник на опозицијата.

Вака, изворите се еднострани и нивните искази се поставени во функција на централната теза на текстот – владините економски политики се добри, а критиките на СДСМ се неосновани.

Содржајност: Написот не е сеопфатен, бидејќи ги прикрива критиките на опозицијата на владините економски политики и нивната елаборација.

Пристрасност: Спинувањето е основна карактеристика на овој напис. Авторот се потрудил позитивните оценки на мисијата на ММФ за макроекономските перформанси да ги прикаже како доказ дека:

„изјавите и предупредувањата на Зоран Јовановски, Бранко Црвенковски и други високи опозициски функционери вчера беа побиени од оценката на мониторинг мисијата на ММФ во земјава“.

Авторот кон ова го придружува и својот коментар, според кој:

„ова покажува дека блокадата на буџетот, нередите и непријатните сцени во Собранието од 24-ти декември лани, со месеци блокирањето на улици и малтретирање на граѓаните беа сосема непотребни и само параван за обидите на СДСМ преку заплашувања со банкрот на земјата да дојдат до политички поени“.

И ова:

„Ваквата оценка на ММФ ја фрла во вода тезата што Социјалдемократскиот сојуз ја промовираше во изминатиов период дека актуелната власт ја води земјата во амбис, грчко сценарио и слично“.

Факт е дека мисијата на ММФ не ги рецензирала оценките на опозицијата за владините економски политики, како што спинува авторот, бидејќи тоа не е нејзина работа. Но, би можело да се прифати дури и едно вакво поврзување на нештата, доколку на опозицијата ѝ се даде право да одговори на овие оценки во коментарот. Избалансираноста во приодот не морала нужно да го спречи авторот на текстот да остане на своите оценки.

Коментирање: Текстот, всушност, се доживува како еден поголем коментар. За жал, во нашите медиуми стана манир да не се издвојуваат фактите од мислењата. Така е и во овој текст – не се знае точно што е оценка на авторот, а што исказ на изворите, при што се создава недозволива забуна. Освен тоа, написот не е видливо означен како анализа, коментар, осврт или некој друг од аналитичките жанрови.

Плагијат: Како автор на овој напис, со изразени коментаторски елементи, е потпишана агенцијата Нетпрес, што инаку е вообичаена пракса за текстовите на овој веб-сајт.

Квалитет на насловот: За поздравување е фактот дека насловот на написот е информативен и неутрален.

Заклучок: Написот на Нетпрес свесно жанровски се колеба, помеѓу извештај и коментар, со јасна цел извештајните елементи (оценките на мисијата на ММФ за макроекономската политика на владата) да се искористат како основа за нагласена, неумерена, неаргументирана и неизбалансирана критика на ставовите на опозицијата.

Секако, одлуката на авторот да ги критикува позициите на СДСМ за овие прашања е легитимна и неспорна, но стандардите на модерниот журнализам налагаат мислењето да се оддели од фактите и формално жанровски да се определи.

Рецензија: ММФ нотираше стабилни макроекономски перформанси за Македонија

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести