verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Милошевиќ притиснал, Глигоров прифатил Словенска Република Македонија, Андов одбил

on 20 - 11 - 2013       

Milosevic pritisnal-crop-resize

Навидум станува збор за релативно коректна вест, делумна копија на вест објавена во друг медиум, со наведен линк кон медиумот од каде е преземена, при што е истакнат најважниот дел. Но, оваа вест отстапува од дел од новинарските стандарди – проверка на факти, балансираност, пишување без сензационализам, одбегнување на дискредитација на личности без проверени факти… Во веста што е предмет на оваа рецензија тие стандарди ги нема, а со насловот што е ставен на текстот, непроверен факт, се нуди како апсолутна вистина, засегајќи притоа, во прв ред, имиња на живи и мртви личности, поранешни и сегашни политичари.

FireShot Screen Capture #037 - 'Милошевиќ притиснал, Глигоров прифатил Словенска Република Македонија, Андов одбил I МКДЛинк до оригиналниот напис: Милошевиќ притиснал, Глигоров прифатил Словенска Република Македонија, Андов одбил

Датум и време на објавување: 17.11.2013/22:38

Датум на рецензирање: 19.11.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Вистинитоста на  веста може да се утврди само до моментот дека настан каде што имало таква изјава е факт. Ако се посегне по утврдувањето на веродостојноста на фактите изнесени во веста, таа апсолутно е невозможно да се утврди, ниту, пак, е направен некаков напор во таа насока во веста што ја анализираме.

Извори на информации: Извор на информација во оваа вест е само еден, кој е релевантен и актуелен, но, кој застапува една страна. Нема истражувачки прашања, нема видлив напор да се стави во контекст на времето за кое се говори во веста, нема втор извор или страна, нема проверка на фактите изнесени во насловот и во самата вест.

Содржајност: Дури и ако се земе предвид дека веста е пренесена, тоа е сторено несеопфатно и оттука останува сомнеж дека можеби станува збор за прикривање на информации.

Пристрасност: Пристрасноста се детектира во насловот на веста. Така како што е пласиран, може да подлежи под оценка дека постои наклонетост кон еден од споменатите политичари, кој (наводно) одбил некаков предлог, за разлика од друг, кој (наводно) прифатил.

Коментирање: Не се коментира, освен ако не се земе можноста дека суптилен коментар може да претставува самиот наслов.

Оригиналност/Плагијат: Веста е делумна копија на оригиналната вест објавена на друг медиум, скратена, неточно парафразирана во воведот и со еден мал цитат. Веста не е потпишана, но има линк кој води до оригиналната вест.

Квалитет на насловот: Едно од поголемите отстапувања од стандардите во оваа вест е насловот. Пласиран во контекст со нејасен наднаслов, таквиот наслов е несоодветен. Имено, ако нешто не знаеме дали е точно и не може да се утврди од самата вест, тогаш е нужна контекстуализација на насловот и ограда, преку јасно укажување на тоа чии се изречените тврдења во насловот. Вака пласиран, тој може да е дезинформација. Сосема е сигурно дека е сензационален и дека е тенденциозен.

Фотографија: Фотографијата која е сегмент/исечок од поширока фотографија од некаков собир (претпоставуваме собир на претседатели на републики од поранешната Југославија во 1991 година), е делумно соодветна за текстот на веста. Таа прикажува двајца од споменатите тројца личности во веста.

Говор на омраза: Текстот на веста што ја анализираме може да се разбере дискредитирачки за една од споменатите личности. Имено, еден од политичарите, во случајов првиот претседател на независна Р. Македонија, прифатил некаков предлог, кој и во тогашниот и во денешниот контекст се смета за неприфатлив за поголемиот дел од граѓаните на Р. Македонија и за нејзините национални и државни интереси. Оттука, може да се идентификува политичка дискредитција кон починато лице.

Заклучок: Ретко, но, понекогаш предмет на нашите рецензии се и пренесени вести, кои се „збогатени“ со сопствена обработка, во која отсуствуваат еден или повеќе новинарски стандарди. Токму затоа ја разгледавме оваа вест, а не оригиналот објавен на сајтот на Канал 5 телевизијата.

Во веста може да се регистрираат неколку отстапки од општо прифатените новинарски стандарди, но првата и основна е отсуство на проверка на фактите.

 „Проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството, затоа новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а најмалку два меѓусебно неповрзани извора“ (Прирачник за етика во новинарството – ЗНМ 2012 г.)

Моралниот императив за проверката на податоците важи и кога станува збор за пренесување на информација што ја објавил некој друг. Зашто, последиците од неточната информација подеднакво паѓаат на товар и на оригиналниот извор на веста и на оние што ја пренеле. Секаков обид да се контрира, во смисла дека јавноста има право (брзо) да знае, е прифатлив, до степенот до кој може да се провери информацијата што е предмет на новинарска обработка. Ако тоа не е можно (веднаш), тогаш новинарот и медиумот што ја пренесуваат информацијата во некоја новинарска форма, во случајов вест, должни се да направат нужна ограда во поглед на вистинитоста на фактите, бидејќи истите не (им) се проверени. Наспроти тоа, на јавноста и е пласирана вест со наслов во кој се тврди дека „Милошевеќ притиснал, Глигоров прифатил Словенска Република Македонија, Андов одбил“.

Од друга страна, медиумот од каде се пренесува веста постапил многу попрофесионално, отколку што е тоа пример во нашата рецензија:

„Првиот грчки преговарач за името тврди – Глигоров прифатил Словенска Република Македонија, Андов одбил“ (Канал 5)

Како што може да се забележи, уредникот/новинарот што ја објавил оригиналната вест на сајтот на телевизијата, го применил овој принцип на ограда/внимателност кон информацијата што ја пласира уште во насловот на веста, без оглед на тоа што информацијата е многу посеопфатна, бидејќи потекнува од нивниот дописник од Грција. Во случајот на веста што ја рецензираме, без таквата ограда, имаме тврдење кое е непоткрепено и непроверливо (во самата вест), тоа не е ставено во контекст на тогашните случувања преку некаков бекграунд на веста, а тоа што се тврди е дискредитирачко за еден од споменатите поранешни политичари. Внимателноста кон етичките стандарди требало да биде уште поголема, дотолку повеќе што станува збор за тврдење кое засега три личности, од кои две не се меѓу живите и прашање кое е од исклучителна важност за нацоналните и државните интереси на Р. Македонија и нејзините граѓани.

Новинарскиот предизвик и обврска за проверка на фактите е направен десетина часа подоцна, кога редакцијата се обратила кон еден од споменатите политичари во веста (Стојан Андов), по што е изнесено и неговото сеќавање и тврдење, со што, формално е задоволен принципот на проверка на фактите од најмалку два извори. Со тоа е сторена извесна корекција на отстапките од стандардите во првично објавената вест, иако, впечаток е дека можело да се оди повторно со ограда. Овој пат насловот е коректен („Андов: Не знам дека Глигоров бил под притисок на Милошевиќ, но името Словенска РМ не го прифатив“), но, не и главата на веста, која не соодветствува во целост со цитатот од соговорникот (Андов), објавен два пасуси подолу. Овие забелешки за втората вест ги сметаме за нужни за да покажеме колку е неопходна внимателноста кон објавување вести каква што е предмет на рецензијата. Дотолку повеќе што истиот соговорник, кој се користи како втор извор за проверка, во изјава дадена истиот ден и за Канал 5, е недоследен во делот кој се однесува на тоа дали Глигоров го прифатил или само му го раскажал предлогот за промена на името и идентитетот.

Додека во изјавата за МКД.мк Андов тврди дека Глигоров само му го изнел предлогот и на крајот се разбрале дека тој е неповолен, за Канал 5 тврди дека имал впечаток оти тој е прифатлив за Глигоров и дека не се разбрале, бидејќи по две-три недели дошол предлог за распуштање на Собранието, а (Андов) подоцна никогаш не добивал информации до каде се преговорите за името.

Сето ова укажува на потребата од максимална внимателност кога новинарите и редакциите имаат предизвик да пласираат информации што носат голем степен на ексклузивитет, а кои објективно не е можно брзо да се проверат од повеќе извори. Во таков случај укажувањето на претпазливост кон самата информација (некаков тип на ограда) е нужно, а сензационализмот е нешто што мора да се избегне.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор, наведен извор со линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

делумно соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести