verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Македонските компании одговараат на предизвикот за заштита од загадување

on 10 - 10 - 2013       

Македонските компании одговараат crop resize

Веќе самиот наслов на текстот и на телевизискиот прилог се доволни за да се постави дилемата од каде е извлечен еден таков заклучок за еколошките состојби во Република Македонија, кога медиумите, но и социјалните мрежи континуирано се полни со вести за неконтролирано загадување, кое потекнува токму од некои од најголемите индустриски капацитети во земјава. Тврдењето дека „Македонија е чиста земја“ и дека „фабричкото производство е на високо еколошко ниво„ е поткрепено со изјава од само еден соговорник, претставен како „експерт за заштита од загадување“.

Експертот тврди дека големите компании со индустриско производство континуирано вложувале во системи кои го превенирале загадувањето и сериозно инвестирале во механизација и еколошка опрема, наведувајќи го како карактеристичен позитивен пример кавадаречки ФЕНИ. Меѓутоа, не само што повеќето граѓани на Република Македонија често се соочуваат со токму спротивни примери, каде загадувањето на воздухот како она од скопската Железарница, на пример, на водата и почвата, се одамна видливи со голо око и се дел од секојдневието, туку демант за конкретното тврдење за ФЕНИ стаса и од Основниот суд во Велес каде оваа фирма, тужена за загадување на животната средина во кавадаречкиот регион, доби пресуда дека е загадувач и е задолжена да плати парична казна. Тој податок воопшто не е споменат во овој ТВ прилог.

Во него натаму се тврди дека експертски тимови од странство направиле увид и потврдиле дека ФЕНИ не само што обезбедува висок степен на еколошка заштита, туку дека била и пример за другите компании, но не се наведува кои експерти тоа го тврдат ниту има нивни изјави кои ќе ја потврдат веродостојноста на ваквото тврдење.

Без уверливи аргументи и со многу паушални тврдења, овој прилог не може да се земе како сериозна информација која му нуди нешто ново и вистинито на аудиториумот, туку повеќе наликува на рекламен спот за божемни еколошки достигнувања.

Според Environmental Performance Index Rankings 2012,  Македонија се наоѓа дури на 97 место во светот според состојбата на животната средина, од вкупно 132 земји, колку што биле подложени на проценка од страна на заедничкиот проект на престижните американски универзитети Јејл и Колумбија, како и Европскиот економски форум од Швајцарија. Дека состојбата со екологијата во државава не е добра, и, што е уште полошо, се влошува, може да се види по тоа што нашата земја во 2010 година се наоѓала на 73 место според истото рангирање.

Македонските компании одговараатЛинк до оригиналниот напис:  Македонските компании одговараат на предизвикот за заштита од загадување

Датум и време на објавување: 4.10.2013, 16:50

Датум на рецензирање: 8.10.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Наводите во прилогот се демантирани не само од секојдневното искуство на граѓаните кои се сведоци на големото загадување што потекнува од голем број индустриски капацитети во Република Македонија, туку веќе постојат и судски пресуди со кои компаниите, во прилогот наведени како позитивни примери од еколошки аспект, се всушност прогласени за загадувачи.

Постои разлика и помеѓу она што во прилогот го тврди новинарот (дека Македонија предничи во споредба со сите земји од регионот по примената на еколошките стандарди:

„Само за компарација, од земјите од регионот, сите се зад нас.“)

и она што го тврди експертот Ников, кој ги спомнува само БиХ и Албанија:

„Во однос на регулативата сме прилично напред. Не ги потценувам постигнувањата кои се направени, на пример, во Босна и Херцеговина, не ги потценувам ни оние кои се прават во моментов во Албанија, меѓутоа, Македонија е, сепак, нешто понапред од нив.“

Извори на информации: : Користен е еден цитиран извор, а тоа е соговорникот во прилогот,  наведен како експерт.

Содржајност: Прилогот дава нецелосни информации, содржи паушални тврдења и премолчува бројни евидентирани еколошки проблеми во државата поврзани токму со загадувањето што го предизвикуват големите индустриски капацитети.

Пристрасност: Во прилогот се користат декларативни искази, кои звучат како аксиоми, на пример: „Македонија е чиста земја“ „Фабричкото производство е на високо еколошко ниво“, како тие сами по себе да се подразбираат и за нив не е презентиран ниту еден единствен доказ.

Коментирање: Целиот прилог, всушност, со исклучок на исказот на соговорникот, е даден во форма на коментар на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот е во функција на дезинформирањето на аудиториумот за вистинските состојби со животната средина и индустриските загадувачи.

Фотографија: ТВ прилогот содржи неутрални снимки од есенски полјоделски активности и детали од фабрички постројки, снимка од изјавата на соговорникот, како и архивски снимки.

Заклучок: Се работи за телевизиски прилог со кој јавноста требаше да биде информирана како оди примената на еколошките стандарди на ЕУ во нашата земја, бидејќи според усвоената законска регулатива, големите индустриски капацитети би требало да го прилагодат своето работење со тие стандарди до април 2014 година, до кога им беше даден рок од страна на Владата.

Иако поголемите индустриски субјекти побараа пролонгирање на рокот за добивање на интегрирани еколошки дозволи за работа, правдајќи се дека не можат да вложуваат многу пари во вградување на филтри поради економската криза, Владата, откако првично најави пролонгирање за до 2019, сепак остана на претходно дадениот рок до 2014. Меѓутоа, ТВ прилогот ги претстави состојбите со примената на еколошките стандарди кај големите загадувачи и со екологијата во земјава, воопшто, во нереално светло.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

селективно наведен автор (извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести