verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Македонија вчера ги имаше најмирните и најдемократски избори досега

on 25 - 03 - 2013       

Кога новинарот се труди да го види она што сака да го види, ништо не може да го спречи во тоа.

Рецензија: Македонија вчера ги имаше најмирните и најдемократски избори досегаЛинк до оригиналниот напис: Македонија вчера ги имаше најмирните и најдемократски избори досега

Датум и време на објавување: 25.03.2013, 16:53:15

Датум на рецензирање: 25.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот се темели на изјави на набљудувачки мисии и на други субјекти за локалните избори. Изјавите се точни и веродостојни, но се избрани внимателно, за да го поддржат аголот на текстот, односно централната теза, соопштена уште во насловот, но и во лидот. Впечаток е дека изјавата на СДСМ е некоректно пренесена (нема директна атрибуција за да се провери наводот).

Извори на информации: Изворите се коректно избрани. Тие се релевантни и повеќестрани, иако изборот на изјавите упорно ја поддржува основната теза на авторот, дека ова се досега најмирните и нajдемократски избори. За верување е дека најмалку еден извор (СДСМ) би изразил несогласување со оваа теза.

Содржајност: Текстот можеби го задоволува минималното ниво на сеопфатност, но тој сепак ги прикрива информациите за изразито негативните оценки на изборниот ден и на изборниот процес, пред сѐ од страна на опозицијата (во текстот се нагласува дека нејзината оценка е „позитивен изборен ден“, но тоа не е одбрането со конкретна изјава), од нецитирани набљудувачи (невладината организација „Цивил“, на пример), но и од дел од посочените извори.

Пристрасност: Написот не ја прикажува целата вистина за оценките на набљудувачите мисии за изборниот ден и за изборниот процес. Други медиуми поинаку ги протолкувале тие оценки, за што сведочат следните наслови и линкови:

Избрани се примери од медиуми кои сериозно претендираат на политичка неутралност.

Деловите од изјавите на набљудувачките мисии кои се однесуваат на мирната атмосфера на изборите и кои содржат генерално позитивни оценки, се извлечени од контекстот и спинувани, за да се пласира оценката во насловот и во лидот на текстот, според која овие избори можат да се оценат како најмирни и најдемократски досега. Тоа е оценка што ја форсира владејачката партија (во написот претставена преку министерката за внатрешни работи) и оттаму впечатокот дека написот е политички пристрасен.

Коментирање: Воведот во текстот е коментар на авторот, но тој се обидува коментарот да го интегрира со изјавите во текстот, со кои ја брани својата основна теза. Авторот не се потрудил на таа теза да спротивстави изјава која би посведочила дека постојат и поизбалансирани и поостри оценки за изборниот процес.

Плагијат: Авторот е именуван како Нетпрес.

Квалитет на насловот: Насловот е јасен и соодветен на содржината на текстот, но тој сепак дезинформира, бидејќи аподиктичниот суд дека „Македонија вчера ги имаше најмирните и најдемократски избори досега“ не е оправдан и е далеку од вистината. Суперлативот бара директно компарирање, а кога тоа би се сторило, веројатно авторот самиот би дошол до заклучок дека почнувајќи од првите парламентарни избори, Македонија има и подобри искуства од ова сегашното.

Заклучок: Споредбата на овој напис со извештаите на другите медиуми за оценките на набљудувачите на изборите, покажува дека во него доминира политички пристрасна и пренагласено позитивна оценка на изборниот процес. Освен во една изјава, таа на министерката за внатрешни работи, која е сепак пристрасен набљудувач, во ниту една друга од цитираните оценки на релевантните и кредибилни извори не се тврди дека ова се најмирните и најдемократски избори досега.

Доколку би можела да помине оценката за тоа дека ова се „најмирните“ избори, апсолутно неодржлив е суперлативот за нивната демократичност. Извештаите на набљудувачите мисии, сепак, сведочат за нерегуларности и други сериозни проблеми поврзани со изборниот процес, што анализата на Нетпрес или ги минимизира или ги игнорира.

Жанровската неодреденост на написот, кој не може да се нарече коментар, бидејќи повеќе има карактеристики на извештај, сепак наложува понеутрален пристап кон темата.

Рецензија: Македонија вчера ги имаше најмирните и најдемократски избори досега

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести